Еден од најпознатите европски актери, Бруно Ганц (Bruno Ganz), по долго боледување почина вчера на 77-годишна возраст во Цирих.

Ганц, роден во Швајцарија, беше еден најистакнатите актери од германското говорно подрачје.

Интернационалната слава ја стекна со главната улога на ангелот во НЕБОТО НАД БЕРЛИН (Der Himmel über Berlin/Wings of Desire, 1987) на Вим Вендерс (Wim Wenders), а деценија и пол подоцна стана ултимативно име на светската актерска сцена со легендарната улога на Адолф Хитлер во ПАДОТ (Der Untergang/Downfall, 2004) на Оливер Хиршбигел (Oliver Hirschbiegel). Токму таа улога и ден денес е вистински вирален хит, често пати употребувана во популарни видеа.

Македонската кинематографија ја имаше ретката можност да го има Бруно Ганц како актер во домашен филм, СВЕДОК (2018) на Митко Панов.

Постерот на СВЕДОК на Митко Панов со Бруно Ганц во главната улога

Бруно Ганц во 2015 година беше гостин на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, каде што ја прими наградата „Камера 300“.

Кинотеката на Македонија во мартовската програма ќе прикаже два филма со Бруно Ганц. На 11 март (понеделник) во 20:00 ч. ќе биде прикажан КУЌАТА ШТО ЈА ИЗГРАДИ ЏЕК (The House That Jack Built, 2018), најновиот филм на Ларс фон Трир (Lars von Trier), а на 15 март (петок) и 16 март (сабота) во 18:00 ч, ќе биде прикажан СВЕДОК на Митко Панов.

Leave a comment