(Обраќање на директорот на Кинотеката на Северна Македонија, Владимир Ангелов, на одбележувањето на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство 2020)

27 октомври е светски ден на аудиовизуелно наследство. Се прославува од 2005 година како сеќавање на усвојувањето на документот со Препораки за чување и заштита на подвижните слики од 1980 година.

Аудиовизуелните архиви, каков што е нашата КИНОТЕКА, раскажуваат приказни за луѓе и култури од целиот свет, и од сите времиња. Архивите го чуваат уметничкиот и документарниот факт. Тие се бесценето богатство на нашето колективно сеќавање затоа што го одразуваат културното, социолошкото и јазичното разнообразие на нашите заедници. Архивите ни помагаат да зрееме и да го разбираме светот што го делиме. Доколку мислите дека не е така, навратете се на нашиот најстар и најдобар пример: браќата Манаки и нивните филмови. Светскиот ден на аудиовизуелно наследство ни дава шанса да ја подигнеме свеста за преземање итни мерки за  заштита и за признавање на важноста на аудиовизуелниот документ.

Годинешното мото на прославата е ПРОЗОРЕЦ КОН СВЕТОТ. Порано, кога бев дете, овој слоган обилно се користеше при опис на телевизијата. Телевизијата е прозорец кон светот, велеа постојано. Вујко ми, монтажер по професија, говореше дека го прошетал цел свет па и пошироко, и дека е светски патник. Потоа, додаваше, дека не отишол подалеку од Грција оставајќи го соговорникот збунет. А на постерот што годинава го добивме од ФИАФ и се користи во прославата доминира телефонот. Апарат што сите ние безмилосно го трошиме најчесто за аудиовизуелни снимки. Знајте дека некогаш тие снимки можеби ќе бидат документарен запис за времето во коешто живееме. А ние, архивите, ќе мораме да ги собереме онака како што сега ги собираме 8-милиметарските филмови од домашните фондови.

Ние решивме 27 октомври да го чествуваме со повеќе настани меѓу кои прв е оваа промоција на дигипак со реставрирани македонски филмови.

Приказната за поголемиот дел од оваа ДВД збирка од пет дигитално реставрирани долгометражни играни филмови во македонска продукција, е приказна за преплетеноста на мотивите, жанровите, креативните автори и актери, продукциите и културолошките релации.

Кинотеката, како членка на меѓународната федерација на филмски архиви ФИАФ, остварува постојана соработка со сродните институции на полето на размена на филмови, филмски, пропагандни и други придружни материјали. Резултат на таа соработка се и овие 5 дигитализирани македонски играни филмови, кои денес ги имате во ваши раце. ТРИ АНИ и МАКЕДОНСКИ ДЕЛ ОД ПЕКОЛОТ се во продукција на „Вардар филм“ а се режирани од хрватските режисери Бранко Бауер и Ватрослав Мимица. Од тие причини, т.е. поради тоа што режисерите се ХРВАТИ, во 2013 година беше реализиран заедничкиот проект на нашата Кинотеката со Хрватската Кинотека, за дигитализација и дигитална реставрација на овие македонски филмови на хрватски режисери.

Процесот беше сработен во компанијата ВИЗИЈЕ во Загреб. Сличен ваков проект, реализиравме и со Југословенска кинотека од Белград, во 2015 година, при што беа дигитализирани и дигитално реставрирани другите три играни филмови: ЖЕД, ТАТКО и ХАЈ-ФАЈ. Изворните материјали на овие филмови се наоѓаат во архивот на Југословенска Кинотека и затоа целокупниот процес се одвиваше во Одделот за дигитализација на Југословенска кинотека во Белград. Од сите филмови, за реставрацијата, како изворни материјали, беа користени негатив сликата и негатив тонот. Најпрвин сликата е скенирана во 2К, направена автоматска реставрацијата. Паралелно е дигитализиран и тонот, кој потоа, со употреба на низа филтри, се чисти и коригира од шумови настанати од физичко оштетување или од забот на времето. Потоа иде процесот на дигитална реставрација. Покрај auto dirt-dust, fix frame, fix scratch и paint repair, мораше да се направат и рачни корекции на поголемите оштетувања на сликата, стабилизација, смирување на сликата и нејзино форматирање, како и воедначување на контрастот на сликичките. По завршувањето на реставрацијата следуваше процесот на колор корекција. Вака реставрираните слика и тон беа споени, и по направените контролни проекции, сите филмови беа префрлени на ЛТО5 и 6 ленти (DPX фајли, 2028×1472, 10 бита, со оригиналниот скениран и со реставрираниот материјал). Освен тоа, беа направени и DCP-а од сите филмови (со македонски и англиски преводи) за кино дистрибуција, како други и пониски формати за дистрибуција.

Минатата година решивме дека е убаво овие филмови да се најдат и на ваков носач на слика и звук – ДВД.

Како што реков: ова е приказна за преплетеноста на мотивите, жанровите, креативните автори и актери, продукциите и културолошките релации.

При формирањето на ова издание на почетокот се соочивме со еден голем проблем. Сфативме дека единствената заедничка точка што ТРИ АНИ (59) на Бранко Бауер, ЖЕД (71) на Димитрие Османли, МАКЕДОНСКИ ДЕЛ ОД ПЕКОЛОТ (71) на Ватрослав Мимица, ТАТКО (КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА) (73) на Коле Ангеловски и ХАЈ-ФАЈ (87) на Владимир Блажевски е тоа што се дигитално реставрирани. Па и тука се поделени зашто реставрацијата е извршена во соработка со две пријателски кинотеки, Југословенската и Хрватската. Барајќи ги врските Стојан Синадинов дојде до откритие дека Марија Кон која во 1959 е млада актерка од Загреб во ТРИ АНИ на Бранко Бауер, шеесет години подоцна, во 2018, игра во најновиот филм на Владимир Блажевски, ГОДИНА НА МАЈМУНОТ.

Можеби, обединувачката точка на овие филмови е само ова ДВД издание што го држите во рацете. И квалитетот на овие филмски производи. ТРИ АНИ на Бранко Бауер, иако во македонската кинематографија останува на маргините, сепак во хрватската е славен како еден од најдобрите, ако не и најдобар филм. Во тоа се согласувам со Рајко Грлиќ зашто ако, некој актуелен филмски автор напишал пофално слово за Бранко Бауер, тогаш тоа е хрватскиот режисер Рајко Грлиќ. „Бранко Бауер, пред и над сè, беше господин. Благ, мирен, достоинствен“ – вели Грлиќ во својата книга Нераскажани приказни. „Во 1998 во склоп на Имагинарната академија отворивме кино. Му дадов име Бранко Бауер. Бранко дојде на отворањето со сопругата. Одржавме мал разговор пред проекцијата на ТРИ АНИ. Салата беше полна. Беше возбуден. Тоа му беше прв јавен настап после долга низа години. Многу тогашни студенти на Имагинарната академија таа вечер ја открија режисерската рака на Бранко Бауер. ТРИ АНИ, мојот најдраг филм,“ вели ГРЛИЌ, „ го гледавме преку проекција на ВХС касета со слаб квалитет, единствената копија што ја поседуваше Бранко. Неколку години подоцна Борис Матиќ успеа да пронајде 35 мм копија, и тоа не во хрватската, туку во македонската Кинотека, и во присуство на Бранко ја прикажавме на филмскиот фестивал во Мотовун. Мотовун, 1999.“

МАКЕДОНСКИ ДЕЛ ОД ПЕКОЛОТ пак е филм што остана во нашите сеќавања не само поради интерпретацијата на СО МАКИ СУМ СЕ РОДИЛА на Вања Лазарова, туку и со чудниот авторски пристап во филмот да нема главни улоги туку да има колективни улоги, а тој што треба да биде главна улога речиси и да не се појавува во филмот.

Ќе ви кажам една анегдота која љубопитните истражувачи на македонскиот филм ќе треба да ја потврдат. Во МДП една од главните улоги е Фабијан Шоваговиќ, и во ХАЈ-ФАЈ подоцна, но сега за ПЕКОЛОТ… Во тие години филмовите се насинхронизираа и големиот Фабијан никако не можел да го погоди бугарскиот јазик на неговиот лик. Повеќе македонски актери пробале да го синхронизираат. Шишков колку што се сеќавам беше спомнат како еден. И никој не успеал да го задоволи Мимица. Младиот режисер Александар Ѓурчинов, асистент на филмот, прашал дали може да проба. Го погодил од прва. Мимица бил распаметен од воодушевување, толку го засакал младиот Ѓурчинов што го зел на неколку години во Загреб како личен асистент. Подоцна Ѓурчинов го снима еден од најсаканите македонски филмови, оној за ДЕЛФИНА.

А за ЖЕД на Османли, еден од најугледните филмски критичари во светот во минатиот век, Роналд Холовеј (Ronald Holloway), во специјалното издание на Кинотеката на Македонија „Македонски филм“, за ЖЕД оценува дека се работи за „пофален одговор“ на македонската кинематографија на интернационалниот успех на југословенскиот „црн бран“ и филмовите на авторите како Душан Макавеев, Живоин Павловиќ, Александар Петровиќ…

Првите филмови на Коле Ангеловски и Владимир Блажевски се исто така филмови кои оставија неизбришлива трага не само затоа што текстуалните основи се земени од великаните на нашата литература (Живко Чинго и Горан Стефановски), туку и поради одличните поставки на сите чинители со придонес во филмовите – режија, актери, камера, монтажа, сценографија… Најдобрата критика за ТАТКО на Коле Ангеловски ја дал Јосип Броз Тито лично, кој дозволил филмот да биде прикажан на Пулскиот фестивал и покрај опструкциите кои филмот ги доживувал од страна на државните продуценти.

Би се заблагодарил на двајца пензионери, поранешни директори КАРМЕН ЛОТКА И РАЛЕ ЗЕЛЕНОВИЌ кои во периодот кога се дигитализирани филмовите беа на чело на ХРВАТСКАТА т.е. ЈУГОСЛОВЕНСКАТА КИНОТЕКА, но и на МИМИ ЃОРГОВСКА ИЛИЕВСКА која во истиот период беше директорка на Македонската.

Се надевам дека ќе уживате во филмовите од ова ДВД издание.

Вечерва ќе можеме да гледаме неколку филмови: ИСЧЕЗНУВАЊЕТО НА СУЗАНА АРСОВА од почетокот на 90-тите, филм што мислам дека немал официјална премиера колку што се сеќавам, и за среќа негативот го најдовме во нашиот архив. Позитивот што го имавме беше сосема уништен. Потоа следат два филма на Роберт Јанкуловски: „Фотографија 20-20“ кој ќе биде прикажан премиерно и „Првата светска војна, сеќавања“ и за крај „Македонскиот дел од пеколот“.

И тоа не е сè. Покрај професионалните квалитети, за да бидеш успешен во некоја професија мислам дека е потребна и страст и љубов. За да ја подгреам страста кај моите колеги, а и за да им го честитам празникот, наместо коктел и слични глупости, решив да им подарам книга. Се работи за автобиографска проза ФИЛМСКИ КЛУБ на авторот ДЕЈВИД ГИЛМОР, инаку филмски критичар, во издание на ИЛИ-ИЛИ. Мене ме бендиса затоа што обединува уште една страст што ја имам, а тоа е литературата т.е. читањето. Се надевам дека со овој гест ќе ја подгреам страста кај колегите што знам дека ја делиме…

Leave a comment