Неодамна Милчо Манчевски во Кинотеката ги депонираше односно ги подари 35-милиметарските копии од своите први четири филмови, меѓу кои, секако, е и онаа на ПРЕД ДОЖДОТ.  За Кинотеката, како институција која главниот дел од своето постоење го оправдува со улогата на национален филмски архив, ова депонирање е од непроценливо значење. Секоја копија плус ни е исклучително важна. Затоа јавно му се заблагодарувам.

Наша работа, онаа помалку видлива и помалку јавна од онаа по која не познава македонската публика  – по прикажувањето филмови и по филмската програма – е и прибирањето и  чувањето на дела од националната кинематографија. На нашето аудиовизулено наследство, на нашето филмско наследство.

Тоа е доменот на филмската архивистика. Делата на македонската кинематографија во нашиот филмски архив се реставрираат и заштитуваат, се каталогизираат и архивираат. Тоа се филмски записи од различни родови, видови и жанрови. Во Кинотека се чуваат филмските ленти на Браќата Манаки, она што е останато од филмската и аматерска активност помеѓу двете светски војни – Арсениј Јовков, Сифрид Миладинов, Дрнков, Миноски, како и поголемиот дел од она што е создавано по обликувањето на институционализираната филмска продукција во Македонија по Втората светска војна. Тука се Нановиќ, Османли, Гапо, Ценевски, Митровиќ, Георгиевски, Петровски, таткото и синот Попови (Трајче и Столе), Штиглиц, Блажевски, Црвенковски, Ѓурчинов, Ангеловски и многу други.

Зборувам за играната продукција, и тоа само за режисерите – инаку списокот на имиња би бил многу, многу подолг од овој со кој се обидувам да не одземам премногу од Вашето време и внимание.

Нејсе, благодарение на позитивните законски регулативи, денес во кинотечниот архив секојдневно пристигнуваат копии од поновата и најновата македонска продукција, грубо и привремено се сместува во фиоката, а сега и фолдерот со наслов „македонска кинематографија по осамостојувањето“. Тука спаѓаат играните филмови на Блажевски, на Панов, Митревски, Митриќески, Иванов-Изи, Ристовски, Трајков, Митевска, Тозија, Пејовски, Куштрим Бектеши, Џиџева, Павловиќ, Ставрески итн.

И секако – оние на Милчо Манчевски….

Неговиот првенец ПРЕД ДОЖДОТ се појави во период кога домашната кинематографија се освестуваше од долг период на дезориентираност и креативна безизлезност, во период на редефинирање и барање на сопствениот идентитет и модус операнди. Кога мораше да ги преброи и размести своите трупи,  да ги пререди своите приоритети , да се потпре на сопствените сили пред сѐ, а потоа да почне одново да работи и соработува – рамноправно, одговорно и отчетливо – со други кинематографии, компетитивни пазари, продуцентски модели и финансиски извори.

ПРЕД ДОЖДОТ беше и првата копродукција по осамостојувањето. Ја доби и првата голема меѓународна награда по осамостојувањето. Засега, венецискиот „Златен лав“ на ПРЕД ДОЖОТ останува единствен и ненадминат. За 7 денови стихозбирката БЕЛИ МУГРИ полни 80 години. ПРЕД ДОЖОТ како и БЕЛИ МУГРИ или СЕРДАРОТ преставува дел од нашата колективна меморија. Тоа се дела што дефинираат една нација, како ГОРСКИОТ ВЕНЕЦ на Његош, ГЕНЕРАЛОТ НА МРТВАТА ВОЈСКА на Кадаре, ГОСПОЃА МИНИСТЕРКА на Нушиќ. Со таа разлика што ПРЕД ДОЖДОТ излезе од рамките на националното и стана признаен и препознатлив во светски рамки, како Кадаре.

Но, како претставник на институција од доменот на филмското архивирање чиј основен предизвик е зачувувањето на културното наследство – а филмската уметност и ПРЕД ДОЖДОТ се секако тоа – сакам да потенцирам и нешто друго. Имено, од аспект на филмското архивирање и хронолошка приоритетност, ПРЕД ДОЖДОТ спаѓа во аудиовизуелно наследство од поскорешно производство.  Релативно млад наслов, од пред „само“ 25 години. Млад, или понов, но според технолошкиот процес кој е користен во неговата реализација ПРЕД ДОЖДОТ може да се спореди со неговите физички и хемиски загрозени предци од крајот на 19-тиот и почетокот на 20-иот век – филмовите на на пример на Лимиеровци, Манакиевци, Мелиес, Ланг, Грифит, Драјер и нивните современици.

За денешниот брз развој на технологијата, 25 години се многу време. Премногу.

Разликата помеѓу денешната технологија и онаа која беше доминантна и движечка пред 25 години, кога се снимаше ПРЕД ДОЖДОТ, е како помеѓу палеолитот и железното доба. Како помеѓу  дилижанса и парната локомотива, или  машина за чукање и лаптоп. Многу одамна биле потребни десетици милениуми за одредена „технологија“ да застари, а новата што ќе ја смени и надмине, да претставува вистинска технолошка револуција. Да биде подобра, покорисна, поприменлива, поодржлива.

Денес се потребни десетина години за работите темелно да се променат во поглед на технологија. Така и кога Манчевски пред 25 години го снимаше ДОЖДОТ, се подразбираше дека тоа ќе биде запис на филмска лента, полиестерска, 35 милиметарска, во тоа време врв на филмската технологија.

Денес, само четврт век подоцна, 35-милиметарската копија на ПРЕД ДОЖДОТ е веќе археолошки артефакт, а за филмските и културните работници дури и реликвија. Бидејќи  денес, сега, филмската лента е веќе надминат и застарен медиум за аудиовизуелен запис. Иако сѐ уште има „последни Мохиканци“ во редовите на филмските автори што грчевито се држат за лентата, притоа апологизирајќи со десетици аргументи во корист на истата, сепак целиот продукциски процес, а потоа и киноприкажувачките мрежи веќе се базираат на дигиталниот медиум.   За нас, филмските архивисти, филмската лента за среќа сепак сѐ уште е секојдневие.

За волја на вистината, денес ниту Манчевски не снима на филмска лента – последните два играни филма – БИКИНИ МУН и ВРБА – ги сними со дигитална камера, значи записот е дигитален, како што работат речиси сите негови колеги филмски автори. А филмската лента, во нашиов случај 35-ката од ПРЕД ДОЖДОТ, е веќе „стара технологија“.  Подеднакво со филмската лента, во историја замина и традиционалните 35-милиметарски кинопроектори и им отстапија место на новите таканаречени ДИСИПИ – дигитални проектори. Сигурен сум дека порано и во оваа сала имало 35-милиметарски проектор, можеби и сѐ уште има, но е не може да се користи.

Обратно пропорционално на тој тренд, ПРЕД ДОЖДОТ и другите филмови на Манчевски не заминуваат во историјата. Напротив, на меѓународно ниво, на светските фестивали и филмски катедри, филмовите на Манчевски денес се задолжителна референца, училишна лекција, репер. Копии од филмовите постојано се бараат, кружат и разменуваат. Затоа ПРЕД ДОЖДОТ и Манчевски мораа да бидат конвертирани во бинарен код и Друштвото на филмски работници ги дигитализираше филмовите на Манчевски – првите четири играни, сите снимени на 35мм лента. Проектот во кој како посредник беше вклучена и Кинотека.

Со тоа ПРЕД ДОЖДОТ доби своја дигитална копија, ДЕПЕИКС, ДИСИПИ и ПроРес фајлови, кои го продолжуваат неговиот живот на филмските платна во светот. И во тој поглед ова беше добра година за ПРЕД ДОЖДОТ. Најпрвин Горан Трајковски од „Анастасија“, бендот што го даде звучниот фон, препознатливиот звук за ПРЕД ДОЖДОТ, во Кинотеката ги депонираше сите музички записи за филмот во форма на аудиоленти. Неколку месеци подоцна, како што веќе спомнав на почетокот, и самиот Манчевски својата домашна збирка од 35мм копии на првите четири филмови – ПРЕД ДОЖДОТ, ПРАШИНА, СЕНКИ и МАЈКИ – од својот дом во Њујорк ги транспортира до Скопје и ги депонира во Кинотека. Сите тие сега се во нашите „бункери“ или фрижидери – депоа, на ограничена температура и влажност не повеќе од 6 степени целзиусови и 50 проценти влажност. ПРЕД ДОЖДОТ го виде публиката во Загреб, во Тирана, Сараево и Приштина, на барање на домаќините, а во рамките на организираните ретроспективи на нашата национална кинематографија. Бидејќи ПРЕД ДОЖДОТ стана синоним, референца, бренд, симбол, билборд, на она што значи македонска кинематографија, но и пошироко – на македонската култура.

И најпосле, пред помалку од три месеци, во септември, ПРЕД ДОЖДОТ беше дел од главната програма на фестивалот на филмски класици во Будимпешта кој и така се вика КЛАСИК ФИЛМ ФЕСТИВАЛ. Бидејќи тој денес е, и ќе остане – филмска класика. Култна филмска класика.

Со оваа средба во Македонската академија на науките и уметностите и со вечерашната проекција на филмот во Кинотеката на Македонија на која сите ве поканувам, како и со промоцијата на Мапата со репродукции од позначајните плакати од светската дистрибуција на филмот, го заокружуваме годинешново  одбележување на 25-годишнината од премиерата на ПРЕД ДОЖДОТ.

(Обраќање на директорот на Кинотеката по повод 25-годишнината од премиерата на ПРЕД ДОЖДОТ на собирот во МАНУ)

 

 

 

 

 

 

 

Leave a comment