Со длабоко жалење Ве известуваме дека ноќеска во Скопје почина Драган Салковски, еден од најеминентните македонски филмски сниматели и еден од доајените на македонскиот филм. Закопот ќе се одржи утре на 19.10.2018г на Градските гробишта Бутел.

Салковски во својата биографија од 1959 година до денес застана зад камерата над повеќе од 100 филмски остварувања. Речиси непогрешлив во кадарот и препознатлив во естесткиот израз, Салковски остави големо филмографско богатство и неизбришлива трага во македонската кинематограферска меморија.

Пред три години ја доби наградата „Златен објектив“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија.

Драган Салковски со филмска дејност професионално се занимава од 1959 година. Од 1969 до 1997 година работи во продуцентската куќа „Вардар филм“ – Скопје. Покрај својата снимателска дејност, во сферата на македонскиот документарен филм соработува и во реализацијата на десетина играни филмови во продукција на „Вардар филм“ и во уште толку во странска продукција.

За своето снимателско умеење, добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: Златна плакета за најдобра камера за филмот „Јазол“ на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола (1985), додека филмовите „Тулгеш“ и „Ликвидатор“, во чијашто реализација учествува, се добитници на Гран-при на Фестивалот на документарен и кусометражен филм во Белград.

Остави коментар