Интернационалната асоцијација на филмски архиви ФИАФ на годинешниот, 75ти конгрес (7 – 13 април) во Лозана, Швајцарија, му додели награда на легендарниот филмски режисер Жан-Лик Годар (Jean-Luc Godard).

Жан-Лик Годар (лево) и Фредерик Мер

ФИАФ е најголемата и најважната глобална мрежа на кинотеки и филмски архиви во светот. На специјалната церемонија одржана на 11 април во Касино Монбенон, домот на Швајцарската Кинотека, конзерваторската заедница (како што се нарекува ФИАФ според нејзината улога во светот на реставрацијата и заштитата на филмското наследство) беше чествуван Годар, инаку со француско-швајцарско потекло.

Наградата му ја врачи и ја образложи Фредерик Мер (Frédéric Maire), претседател на ФИАФ, директор на Швајцарската Кинотека и поранешен директор на филмскиот фестивал во Локарно. Мер потсети од критичарските почетоци на Годар во легендарното филмско списание „Филмски тетратки“ („Cahiers du Cinéma“), како и тоа дека Годар е „духовно чедо“ на Француската Кинотека…

Годар пред Кинотеката во Лозана

Годар и ја посвети наградата на Ирис Бари (Iris Barry, 1895-1969), филмска критичарка, прв куратор (од 1935) на филмскиот оддел на Музејот на модерната уметност во Њујорк (прочуениот МоМА) и еден од основачите на ФИАФ.

Групен портрет на учесниците на 75от конгрес на ФИАФ во Лозана

Наградата на ФИАФ е воспоставена во 2001, и нејзин прв добитник е култниот американски режисер Мартин Скорсезе заради неговото исклучително залагање и пропагирање на значењето на филмската заштита. Меѓу добитниците на оваа значајна награда се Ингмар Бергман, Мајк Ли, Питер Богданович, Ањес Варда, браќата Жан-Пјер и Лик Дарден, Кристофер Нолан… Минатогодишен добитник на наградата да ФИАФ беше тајванскиот режисер Апитчатпонг Верасетакул.

 

Leave a comment