Деветтата сесија на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА започна со разговори за идеите за снимање филмски етиди на учесниците под менторство на филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева.

Учесниците потоа имаа можност да се запознаат со начините како да ги презентираат нивните филмски проекти и на што да се фокусираат кога ги изложуваат сценаристичките идеи.

Филмологот Александра Младеновиќ зборуваше за тоа какви можности нуди Кинотеката за истражување, преку користење на фондот на пишувана документација и аудиовизуелните записи и материјали кои се чуваат во оваа институција, како и датабазите на податоци.

Учениците имаа прилика да погледнат стари синопсиси, дневни извештаи од снимање, извештаи за реализација на продукцискиот дел од процесот на снимање, белешки и буџети изработени за различни фази од процесот на продукција на игран филм и за различни сектори на една филмска екипа.

Во нејзиното интерактивно предавање им беше потенциран бенефитот од депонирање на копии од документацијата, останатите работни аудиовизуелни материјали, скици, пропаганден материјал, и други материјали произлезени од производствениот процес на аудиовизуелно добро, покрај задолжителниот (со закон) оформен производ – филмското дело (игран, документарен, анимиран, краток или целовечерен филм).

Во вториот дел од сесијата учесниците имаа можност да ги погледнат и македонските кратки филмови, документарецот ЛИКВИДАТОР (1983, 15 мин.) на Трајче Попов и играниот („лажниот“ документарец) ИСЧЕЗНУВАЊЕТО НА СУЗАНА АРСОВА (1992, 20 мин.) на Борис Дамовски, и да продискутираат за нив.

Проектот за интерактивната филмска училница, каде младите филмофили се запознаваат со аудио-визуелното богатство, историјата на филмот, со филмскиот јазик и аудио-вузуелното изразување и имаат можност за креирање авторски филмски етиди, се одвива под мотото „Гледај филмови, учи и создавај!“.

Проектот е финансиран од Министерство за култура на Република Северна Македонија. Во неговата реализација учествуваат и Владимир Ангелов, Игор Старделов, Петар Волнаровски, Александар Трајковски, Дамјана Ивановска, Бојан Станишиќ, Лидија Христовa, Миле Миленковски, Александар Василевски, Тихомир Кашмицовски, Стојан Синадинов… 

 

Leave a comment