Кинотеката на Република Северна Македонија и Македонската академија на науките и уметностите, со поддршка на „Вардар филм“ ја одбележаа 25-годишнината од премиерата на ПРЕД ДОЖДОТ на 18 декември со два настани.

Во 12.00 часот, во свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите свои обраќања имаа Акад. Таки Фити, претседателот на МАНУ и Владимир Ангелов, директор на Кинотеката, а видеообраќање имаше проф. д-р Виктор Фридман, надворешен член на МАНУ. Свои излагања за ПРЕД ДОЖДОТ презентираа дописниот член на МАНУ проф. д-р Марјан Марковиќ, на тема „Македонскиот стандарден и дијалектен јазик во  филмскиот опус на Милчо Манчевски“, и проф. д-р Славица Србиновска, на тема „Естетиката на гледната точка во нарацијата на Милчо Манчевски“.

Во 20.00 часот во киносалата на Кинотеката, пак, беше присутна дел од екипата на ПРЕД ДОЖДОТ, предводена од режисерот Манчевски и актерот Раде Шербеџија, а филмофилите имаа можност да ја проследат проекцијата на филмот на оригиналната 35-милиметарска копија, која Манчевски неодамна ја депонираше во филмскиот архив на Кинотеката.

Беше промовирана и МАПА со репродукции од плакати на ПРЕД ДОЖОТ од светската дистрибуција на филмот.

Академик Таки Фити, на кого на крајот на месецот му истекува мандатот како претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ),  на денешната свеченост за 25 години од премиерата на најуспешниот македонски филм ПРЕД ДОЖОТ на режисерот Милчо Манчевски, кажа дека е штета што „вакви проминентни автори со светска слава, со умешност на ренесансни мајстори, не се членови на Академијата“. Академик Фити на неговиот наследник проф. д-р Љупчо Коцарев му остави „аманет“ МАНУ да ги преиспита старите принципи според кои филмот е сместен во репродуктивните ументости, па не се бираат членови на Академијата од таа фела.

Ангелов посочи дека ПРЕД ДОЖДОТ беше и првата копродукција по осамостојувањето.

Ја доби и првата голема меѓународна награда по осамостојувањето. Засега, венецискиот „Златен лав“ на ПРЕД ДОЖОТ останува единствен и ненадминат. За 7 денови стихозбирката БЕЛИ МУГРИ полни 80 години. ПРЕД ДОЖОТ како и БЕЛИ МУГРИ или СЕРДАРОТ преставува дел од нашата колективна меморија. Тоа се дела што дефинираат една нација, како ГОРСКИОТ ВЕНЕЦ на Његош, ГЕНЕРАЛОТ НА МРТВАТА ВОЈСКА на Кадаре, ГОСПОЃА МИНИСТЕРКА на Нушиќ. Со таа разлика што ПРЕД ДОЖДОТ излезе од рамките на националното и стана признаен и препознатлив во светски рамки, како Кадаре, рече Ангелов.

Професорот Марковиќ преку примери од реплики од ПРЕД ДОЖОТ, СЕНКИ и ВРБА на Манчевски претстави дека режисерот посветува големо внимание на дијалектите, на историјата, на географијата и дека овозможува афирмација на македонскиот јазик. Со огромна внимателност при употребата на македонскиот стандард, употребата на вокативот, на акузативната форма, внимавањето на третосложниот акцент, впечатливата употребата на акцентските целости…

Марковиќ се уверил во прецизноста на Манчевски бидејќи со режисерот работеле „една година за една реченица“: толку време се консултирале при анализата на репликата „Врати го тоа што не е твое“ од СЕНКИ, која требало да биде изговорена на некој од јужномакедонските егејски дијалекти.

Проф. д-р Славица Србиновска во нејзиното излагање на тема „Естетиката на гледната точка во нарацијата на Милчо Манчевски“, нагласи дека приказот на деструкцијата, разорувањето, војните, во филмовите на Манчевски, особено во ПРЕД ДОЖОТ, е секогаш во функција на истакнување на ултимативната цел на режисерот, а тоа е љубовта. 

На промоцијата на Мапата со репродукции на постерите за „Пред дождот“ од 30-на земји, во издание на Кинотеката (достапно во книжарница) присуствуваше и претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска.

За мапата зборуваше филмската критичарка Марина Костова која соработуваше на овој проект на Кинотеката. Таа е авторка на книгата „Дожд – светот за Пред дождот на Милчо Манчевски“ и на монографијата „Манчевски“.

Од оваа перспектива, тоа беше повеќе од архивирање и документирање на успехот на еден филм. Тоа прерасна во архивирање и документирање на етаблирањетто на една млада земја на светската мапа, проследено со громогласниот аплауз што ПРЕД ДОЖОТ го доби во светот, рече Костова.

На оваа неформална филмска вечер посветена на филмофилите беше присутен и актерот Раде Шербеџија, кој го игра главниот лик во филмот, како и дел од останатата екипа на ПРЕД ДОЖОТ: Петар Мирчевски, Мето Јовановски, Александар Микиќ, Нино Леви, Сузана Киранџиска…

Во тоа време ПРЕД ДОЖОТ за мене беше спас. Јас тогаш живеев во Лондон и кога се запознавме, после кастингот кога ја добив улогата, Милчо ми рече дека ја пишувал баш за мене. Го прашав како за мене кога не ме ни познава. Ми рече дека уште од дете ги гледал сите мои филмови и дека Живојин Павловиќ е неговиот најомилен режисер. Таа интима, тоа што го има во неговите филмови е таму оти тој ги создавал тие дела уште од дете, тоа го прави голем автор. И сите тие големи режисери и глумци, од Стенли Кјубрик до другите големи со кои после работев, сите ми имаат кажано дека ПРЕД ДОЖОТ е еден од најдобрите филмови што го виделе. Сакам да му кажам фала на Милчо што бев дел од неговиот сон, се присети Шербеџија.

Милчо Манчевски раскажа анегдота кога по премиерата на фестивалот во Венеција во 1994 организаторот му кажал да биде во близина оти можеби ќе треба да се врати. Тој заминал за Лондон.

Едно утро ми се јави една жена од фестивалот и ми рече дека треба да се вратам во Венеција зашто ќе добијам награда. Ја прашав – добра? Ми рече – мислам дека ќе ти се допадне. Ме праша под кое име ќе дојдеш во Венеција, оти не може под твоето за да не дознаат новинарите дека си тука и да објават пред фестиваот дека си добил награда. Ми текна на името Васко, по еден братучед кој неодамна беше починал. А презиме – ме праша таа. Е не знам презиме, ѝ реков. Ме праша може ли Гонзалга. Ѝ реков може. И така кога дојдов во Венеција на аеродромот ме чекаше човек со табла на која пишуваше Васко Гонзалга. До почетокот на церемонијата за награди не знаев дека сум добил „Златен лав“. Тоа е една приказна за името и идентитетите, рече Манчевски.

ПРЕД ДОЖДОТ на Милчо Манчевски премиерно беше прикажан на 6 септември 1994 година на Филмскиот фестивал во Венеција (La Biennale di Venezia), или популарната Мостра. На 12 септември Манчевски се закити со „Златниот лав“ и уште неколку награди, а потоа нанижа триесетина награди на светската фестивалска мапа. Филмот освои и номинација за Оскар во категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, станувајќи најнаградуван филм во историјата на македонската кинематографија. Сценариото е на Манчевски, кинематографер е Мануел Теран, монтажер Николас Гастер, а главните улоги ги толкуваат Раде Шербеџија, Грегоар Колан, Лабина Митевска, Кетрин Картлиџ, Јосиф Јосифовски, Кирил Ристоски…

„Њујорк тајмс“ го вклучи ПРЕД ДОЖДОТ (1994) во листата на 1000 најдобри филмови некогаш направени.

Фотографии: Лидија Христова

Leave a comment