Кинотеката деновиве ја збогати нејзината дигитална издавачка едиција со книгата ВРЕМЕ НА ИГРИ И СОНИШТА (аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011 година) на Илинденка Петрушева.

Петрушева е филмски критичар, историчар на филмот, есеист… Родена 1944 година во Горна Џумаја, Р. Бугарија. Се школувала во Скопје и Загреб, а од 1972 година е уредник на филмската редакција во Домот на младите во Скопје (денес Младински културен центар).
Петрушева е еден од основачите на Кинотеката на Македонија во 1974 година. Таму работи како советник-филмолог до нејзиното пензионирање, со исклучок на  периодот од 1999 до 2001 година, кога е назначена за советник на Министерот за култура за кинематографска и драмска дејност.

 

Таа е автор на книгите: „Филмолошка библиографија 1944-1954“ (Кинотека на Македонија, 1991), „Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935-2000“ (Киносојуз на Македонија, 2001), „Сонце на дирек – мали приказни за македонските филмски сонувачи“ (Македонска реч, 2005), „Време на игри и соништа – студија за аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011“ (Кинотека на Македонија, 2011), „Само сонот е стварност“ (Македоника литера, 2017).

Илинденка Петрушева е еден од основачите на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Член е на македонската секција на филмски критичари и член на ФИПРЕСЦИ (Меѓународна асоцијација на филмските критичари FIPRESCI).


Меѓу наградите и признанијата сигурно посебно место зазема „Златниот објектив“, кој и беше доделен по повод Денот на Кинотеката на Македонија во 2017. Признанието „Златен објектив“ се доделува на поединци кои со своето професионално делување придонеле македонската кинематографија да се создаде, развива, промовира и популаризира.

На таа свеченост беше прикажан и документарниот филм „Бабички на револуцијата“ (2006, во режија на Петра Селишкар, во продукција на „Петра Пан Филм Продукција“, а кинематографер е Бранд Ферро).

Автори на филмот се нејзините син и снаа, а Илинденка е учесник во филмот, раскажувајќи дел од интересната и богата со настани историја на три семејства во вителот на историјата за време и по Втората светска војна. Сето тоа „спакувано“ со страста за филмот која е неодминливиот сопатник на Илиндека и нејзините наследници: Илинденка во филмот е една од „бабичките на ревиолуцијата“, но била и ќе остане дамата на филмската публицистика.

Во Кинотеката работела на повеќе истражувачки проекти од историјата и теоријата на филмот во Македонија. Учесник е на повеќе научни симпозиуми од областа на филмот и долги години е уредник на „Кинотечен месечник“, а потоа и главен и одговорен уредник на списанието за историја и теорија на филмот „Кинопис“. Соработувала во повеќе енциклопедиски изданија: Филмска енциклопедија – книга 1 и 2 (Југословенски лексикографски завод „Мирослав Крлежа“, Загреб 1986), Македонска енциклопедија за деца (Детска радост, Скопје 1990), Македонска енциклопедија за млади (Детска радост, Скопје 1995).

Објавувала и во периодиката, во „Филм-Фокус„, „Просветена жена„, „Вечер“, „Културен живот“, „Денес“, „Премин“…  Има објавено преку 300 рецензии, осврти, коментари, а нејзините текстови се публикувани и во специјализирани филмски списанија во Франција, Австрија, Турција, Русија, Југославија, Хрватска, Словенија, Бугарија, итн.
Богати се и нејзините општествени ангажмани: во неколку наврати била претседателка на Кино-сојузот на Македонија, генерален секретар на Сојузот на филмските критичари на СФРЈугославија (1977-1979), во повеќе мандати член на Советодавниот комитет за култура и уметност на Институтот Отворено општество Македонија итн.

Петрушева е и добитник на државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2017 година во областа на културата и уметноста.

 

Leave a comment