Отворањето на летната кино програма во дворот на Кинотека на Северна Македонија ќе биде одбележана со 4 дневен настан и селекција на 4 современи европски филмови во рамките на European Film Challenge.

Еве ги деталните содржини на филмовите што ќе можете да ги проследите под отворено небо:

 

10.07.2020 | 21.00 часот

ГОСПОД ПОСТОИ, ИМЕТО Ѝ Е ПЕТРУНИЈА

(God Exists Her Name Is Petrunya)

Игран филм, Белгија, Хрватска, Франција, С. Македонија, Словенија

2019, 100 мин., колор, ДЦП

Режија: Теона Стругар Митевска (Teona Strugar Mitevska)

Сценарио: Теона Стругар Митевска, Елма Татарагиќ (Teona Strugar Mitevska, Elma Tataragić)

Улоги: Зорица Нушева, Лабина Митевска, Петар Мирчевски, Виолета Шапковска, Симеон Мони Дамевски, Суад Беговски, Илија Волчески, Стефан Вујисиќ, Андријана Колевска, Владимир Тулиев

(Zorica Nusheva, Labina Mitevska, Petar Mirchevski, Violeta Shapkovska, Simeon Moni Damevski, Suad Begovski, Ilija Volcheski, Stefan Vujisic, Adrijana Kolevska, Vladimir Tuliev)

Во Штип, секој јануари по повод христијанскиот празник Водици, локалниот свештеник фрла дрвен крст во реката и стотина мажи се нурнуваат по него. Добра среќа и просперитет се загарантирани за оној кој ќе го фати. Овој пат, Петрунија скока по крстот и успева да го дофати пред другите. Останатите натпреварувачи се бесни, како се осмелува една жена да учествува во нивниот ритуал? Се превртуваат небо и земја, но Петрунија цврсто стои на земја – таа го фати крстот и нема да го предаде.

Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ се снимаше 6 недели во Штип во текот на јануари и февруари 2018. Монтажата се одвиваше во Белгија, а звукот, лабораторијата и музиката во Белгија, Франција и Словенија.

Филмот ГОСПОД ПОСТОИ, ИМЕТО Ѝ Е ПЕТРУНИЈА се натпреваруваше во главната конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал, како и на десетина престижни фестивали во светот. Филмот е добитник на дузина фестивалски награди и признанија.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

11.07.2020 | 21.00 часот

ГОСТИНОТ

(L’ospite / The Guest)

Игран филм, Италија / Швајцарија / Франција

2018, 94 мин., колор, ДЦП

Режија: Дучо Кјарини (Duccio Chiarini)

Сценарио: Дучо Кјарини, Давиде Лантиери, Марко Петенело, Роан Џонсон (Duccio Chiarini, Davide Lantieri, Marco Pettenello)

Улоги: Даниеле Паризи, Силвиа Д`Амико, Ана Белато (Daniele Parisi, Silvia D’Amico, Anna Bellato)

 

Гвидо мислеше дека води некомплициран живот, сè додека, едно зимско попладне, не доживее ненадеен шок од неговата девојка Кјара. Гвидо е принуден да го спакува куферот и да го напушти нивниот стан. Но, каде да оди?

Ги замолува своите родители и пријатели да го примат и така почнува да преспива на нивните каучи, прифаќајќи ја улогата на сведок на нивните секојдневни животи и нивните различни романтични аспекти…

ГОСТИНОТ забележа учество на неколку фестивали во светот: Locarno IFF 2018 – Piazza Grande; Chicago IFF 2018 – Comedy Program, Vancouver Italian Film Festival 2019; Torino FF 2018 – Festa Mobile – Torino Film Lab Section; FICBAQ 2019 – Blue Lobster Competition; Espoo Ciné IFF 2019…

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

12.07.2020 | 21.00 часот

ЗЕМЈАТА ПОД МОИТЕ НОЗЕ

(The Ground Beneath my feet)

Игран филм, Австрија

2019, 98 мин.,колор, ДЦП

Режија: Мари Кројцер (Marie Kreutzer)

Сценарио: Мари Кројцер (Marie Kreutzer)

Улоги: Валери Пахнер, Пиа Херцегер, Мави Хербигер (Valerie Pachner, Pia Hierzegger, Mavie Hörbiger)

 

Лола е богат деловен консултант што применува агресивни тактики и е постојано на своето работно место. Нејзината рутина е останување до доцна на работното место, убави вечери со клиентите и краткотрајни преспивања во стерилни хотелски соби.

Со навршени 30 години Лола е убава, оди на фитнес, а нејзината кариера брзо ја води кон успехот. Лола си го контролира личниот живот со истата ефикасност што ја користи за да го зголеми профитот на работното место. Таа ја држи во тајност врската со нејзината шефица Елиза, исто како и постоењето на нејзината постара сестра Кони, која има долга историја на ментална болест. Но кога Лола ја добива веста дека Кони се обидела да се самоубие, се јавува закана дека нејзините тајни ќе излезат во јавноста. Додека се обидува да го направи најдоброто за сестра ѝ без да го загрози она за коешто вредно работела, Лола полека сфаќа дека ја губи врската со реалноста…

ЗЕМЈАТА ПОД МОИТЕ НОЗЕ доминираше на доделувањето на автсриските национални филмски награди, а имаше и забележливо учество на фестивалите во Германија, Чешка, Мексико, Израел, САД, Полска, Хрватска, Италија…

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

13.07.2020 | 21.00 часот

СОНОТ НА КАТРИНА

(Katrina’s Dream)

Игран филм, Швајцарија / Италија

2018, 84 мин., колор, ДЦП

Режија: Дарио Бишофбергер, Мирко Бишофбергер (Dario Bischofberger, Mirko Bischofberger)

Сценарио: Дарио Бишофбергер, Мирко Бишофбергер (Dario Bischofberger, Mirko Bischofberger)

Улоги: Симон Естебан, Адриан Фурер, Леонард Косан (Simon Esteban, Adrian Furrer, Leonard Kocan)

 

Катрина сака да има деца, но нејзиното момче Луис не сака. Таа се вљубува во неговиот најдобар пријател Рон, кој станува мажот на нејзиниот живот. Една вечер, враќајќи се пијани од една роденденска забава, двајцата пријатели доживуваат сообраќајна несреќа, во која Рон ја губи главата, а Луис телото. Благодарение на трансплантација на главата, двајцата мажи преживуваат, споени во еден човек. Катрина сега мора да се справи со телото и умот на двајцата мажи за да си го исполни сонот…

Учество на фестивали: Dublin Independent Film Festival, награда за кинематограферот Николо Сетеграна (Nicolo Settegrana)…

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

Кинотеката ги воведе следниве правила за Ваша и наша безбедност:

– Задолжителна дезинфикација на рацете при влез во дворот и објектот
– Задолжително носење на маска или заштита преку устата и носот
– Задолжително одржување на дистанца додека се следи проекцијата
– Пушењето за време на проекција е непожелно
– Забрането е внесување на пијалоци (алкохолни и безалкохолни)

Ве замолуваме заеднички да се погрижиме за чистотата на гледалиштето и дворот на Кинотеката, како и секој самостојно да ги одложи своите отпадоци во корпите по проекцијата.

За време на 4 дневниот настан, поддржан од European Film Challenge секој посетител ќе добие бесплатен освежителен пијалак со купениот билет.

 

Leave a comment