На 4 март 2019 година, во хотелот Холидеј ин во Скопје, се одржа работилница на тема ,,Дигитализација на филмското наследство – Етиката во конзервацијата на филмското наследство“, во организација на Управата за заштита на културното наследство, во соработка со Кинотека на Македонија, а со финансиска поддршка од инструментот на Европската Унија – ТАЕКС (TAIEX – Technical assistance and information exchange instrument). Овој инструмент е  наменет за поддршка на јавните установи од земјите – кандидати за членство на Унијата и истиот за првпат се користи во сферата на културата и културните институции во нашата земја, а со тоа за првпат и за тема поврзана за заштитата на културното наследство.

Работилницата ја отворија  д-р Елеонора Петрова-Митевска, директор на Управата за заштита на културното наследство и Владимир Ангелов, директор на Кинотеката на Македонија. Д-р Петрова – Митевска, во своето обраќање истакна:

Управата за заштита на културното наследство, согласно своите надлежности, ќе продолжи да се залага за унапредување на дејноста на заштитата на аудиовизулетните добра како и за следење на брзиот развој на дигиталните технологии што може да се согледа и во организирањето на оваа работилница на која ќе се говори за многу важни прашања кои се дел од секојдневното работење на филмските архивисти.

Директорот на Кинотеката на Македонија, Ангелов говореше за значењето на етиката во дејноста на заштитата на аудиовизуелното наследство и се заблагодари на сите учесници и на гостите – експерти за своето учество на оваа работилница.

М-р Мими Ѓорѓоска – Илиевска, д-р Елеонора Петрова-Митевска и Владимир Ангелов

Целта на оваа работилница (Agenda_TAIEX)  беше да се направи пресек помеѓу теоријата и практиката на филмската реставрација во однос на етиката, притоа ставајќи акцент на развојот на новите дигитални технологии кои отвораат многу прашања и дебати поврзани со етичките аспекти на дигиталната реставрација. Почитувањето на етичкиот кодекс како едно од основните начела при филмската реставрација е со единствена цел да се заштити и зачува интегритетот на оригиналните подвижни слики согласно етичкиот кодекс на Меѓународната асоцијација на филмските архиви (ФИАФ).

Модератор на овој едукативен настан беше м-р Мими Ѓоргоска – Илиевска, советник за аудиовизуелни, библиотечни и фонотечни добра при Управата за заштита на културното наследство, додека со свои презентации учествуваа експертите г. Томас Кристенсен, куратор при Данскиот филмски институт, г. Бруно Местдаг, раководител на Одделот за дигитализација при Кралската кинотека на Белгија и г. Габор Пинтер од  Унгарската филмска лабораторија при Националниот филмски фонд на Унгарија. На настанот  учествуваа 30 стручни лица од стручните и високообразовните институции за заштита на аудиовизуелното наследство од нашата земја.

Габор Пинтер, Бруно Местдаг и Томас Кристенсен

Томас Кристенсен во неговата презентација најпрвин потсети дека Данскиот филмски институт (ДФИ) ги обединува сите активности врзани за филмот, и е составен од две главни одделенија: за продукција и за конзервација и презентација. Архивата на ДФИ содржи околу 50.000 филмови, 2,5 милиони фотографии и 25.000 филмски постери. Кинотеката има 3 киносали во кои се одржуваат околу 2.500 проекции годишно и ја посетуваат околу 140.000 гледачи во текот на годината, а нејзината онлајн платформа содржи околу 3.000 филмски наслови.

Кристенсен во неговото излагање за етиката, принципите и стратегијата за заштита на филмското наследство посочи дека клучните активности во трите главни сектори во одделението за конзервација на ДФИ – архива, библиотека и кинотека – се аналогната и дигиталната заштита. Кристенсен наведе дека речиси 80 отсто од немиот филм снимен во Данска во периодот од 1895 до 1928 е исчезнат, и дека свеста за заштита на филмското добро се јавува по сознавањето на вакви катастрофални податоци.

Томас Кристенсен од Данскиот филмски институт

Презентирајќи ги основните технички модели на заштита на архивските филмови – кои се движат од чување на филмовите на температура од 21 степен Целзиусов, што овозможува животен век од 50 години, па сè до температура од – 5 степени Целзиусови ако се посакува животен век на филмот од цели 2.500 години! – гостинот го посочи IPI калкулаторот кој во ДФИ го користат за проценка на продолжување на животниот век на фотографиите.

Кристенсен посочи и дека дигиталната продукција во ДФИ се архивира во OAIS концепт, но без разлика на сите напредни технолошки алатки, неговата порака е едноставна и гласи:

Чувајте го оригиналот! Подоброто складирање и заштита на филмовите значи помалку трошоци за нивно рекреирање! 

Осврнувајќи се на етичките дилеми во дигиталното филмско архивирање, Кристенсен ја презентираше и базичната менаџмент стратегија на ДФИ и моделите за одлуки преку три основни прашања: Што да се дигитализира (избор на материјали и содржини)? Зошто да се дигитализира? Како да се дигитализира?

Бруно Местдаг, одговорен на одделението за дигитално архивирање при Кралската кинотека на Белгија, во неговото излагање најнапред ја посочи мисијата на таа филмска институција – креирање на голема колекција и нејзина презентација во јавноста. Местдаг информираше дека архивата на Кралската кинотека на Белгија брои околу 80.000 филмски наслови, 200.000 принтови, 20.000 негативи и околу 40.000 дигитални документи, кои се складираат според LTP системот (Long Term Preservation – долгорочна заштита).

Петрова-Митевска, Ангелов, Пинтер и Местдаг на работилницата

Белгиската кралска кинотека го дигитализира филмското наследство од 2012 (а со аутсорсинг од 2002). За тој процес Местдаг вели:

Дигитализираме околу 300 филмови годишно, а реставрираме околу 25 филмови годишно. Се работи за дигитализација и реставрација на белгиски филмови, потоа по комерцијални нарачки, а дигитализираме и ремек-дела од нашата интернационална колекција. 

Местдаг го истакнува и моделот на финансиска поддршка во иснос од 150.000 евра годишно што Кралската кинотека го има од страна на фондацијата Baillet-Latour, основана во 1974 од грофот Алфред де Бејлет-Латур, единствениот наследник на основачот на познатата пиварница „Артоа“ (Artois Breweries). Кога, пак, станува збор за работниот процес за дигитализација, Местдаг ги истакнува трите круцијални компоненти за постигнување добар резултат: валоризација на колекцијата, обучен тим и контрола на квалитетот на дигитализираните материјали.

Како успешен модел од сферата на презентацијата на заштитата на филмските добра Местдаг го истакна проектот EFG 2014 (European film gateway 2014), реализиран со 25 национални филмски архиви како партнери. Од друга страна, пак, кога говориме за етичките начела, Местдаг истакна дека дигитализацијата и онлајн комуникацијата на филмови со сензитивна политичко-идеолошка содржина е технички процес кој мора да биде следен со задолжителна образовна димензија. Во Белгија до крајот на Втората светска војна биле снимени и филмови со расистичка и нацистичка содржина, тие филмови постојат, но пред нивната онлајн експлоатација, која може да биде злоупотребена, треба да се прикажуваат по училиштата и на младите да им се презентира аспектот на нивната пропагандистичка содржина.

Местдаг ја посочи улогата на Кралската кинотека на Белгија како координатор на проектот I-MEDIA-CITIES како дигитална платформа за истражување и заштита на европското аудиовизуелно наследство, чии цели се поврзувањето и отворањето нови патеки на локално и европско ниво. Соработката на 9 национални филмски архиви, 5 истражувачки институти, 2 технолошки провајдери и водечки експерти во дигиталниот бизнис резултираше со два портали: едниот е општ јавен портал со лесен пристап и иновативно пребарување, а вториот портал е наменет за истражувачите специјализирани во филмската архивистика.

Габор Пинтер од Унгарската филмска лабораторија за реставрација при Националниот филмски фонд, која соработува со 15 национални филмски архиви, најнапред се осврна на различното поимање на етиката во реставрацијата:

Етичкото е најразлично дефинирано, и секоја генерација има различен поглед на уметничкото дело.

Габор Пинтер

Според него, реставрацијата на филмовите има потреба од експерт во улога на продуцент, своевиден „тренер“ кој го знае најпотребното за филмот. Во различни технички епохи е снимано на различен начин, па тие технички специфики се најголемите предизвици во филмските лаборатории. За оваа дилема Пинтер вели:

Етиката вели дека треба да се реставрира автентично, но што е навистина автентично кога се изгубени некои информации? Дилемата колку време ќе потрошите да го најдете оригиналот е етичка дилема!

Основните постулати во реставрацијата, освен етиката, за Пинтер се и зачувувањето на изворните материјали и транспарентноста при процесот. За него постојат многу методолошки сличности меѓу реставрацијата и продукцијата на филм. Тоа што е претпродукција во снимањето филм, во реставрацијата е истражувањето; постпродукцијата е конвертирање, а промоцијата на фестивалите им е заедничка нишка на транспарентност и на двата процеси.

Пинтер презентираше податоци дека 98 отсто од светското филмско наследство не е реставрирано, како и дека 97 отсто од истото не е дигитализирано. Според него, дигитализирањето на аналогното наследство е клучен императив за иднината. Кога сме кај иднината, Пинтер вели дека стандардите 2К и 4К веќе не се дилема, а во најскоро време нема да биде табу ниту користењето на вештачката интелигенција (AI – artificial intelligence).

Габор Пинтер и Игор Старделов, раководител на филмскиот архив при Кинотеката на Македонија, го презентираа процесот на аналогната и дигиталната реставрација на македонските филмови во Унгарската филмска лабораторија. Во 1996 е направена аналогна заштита на опусот на браќата Милтон и Јанаки Манаки; во 2012/2013 е направена дигитална реставрација на нивниот опус, како и на филмот МАКЕДОНИЈА ВО СЛИКИ на Арсениј Јовков.

Говорејќи за стандардите во светското искуство, Пинтер ги посочи моделите на реставрација во лабораториите во САД, Велика Британија, потоа во Болоња (Италија), Париз (Франција), Индија, Будимпешта (Унгарија), Загреб (Хрватска), Белград (Србија), Љубљана (Словенија)… Можеби ќе звучи како  куриозитет стандардот на лабораторијата во Хонгконг, која што сè уште инсистира на најмалку 600 часа мануелна работа при реставрацијата на еден филм.

Како еден од заклучоците на работилницата вреди да се истакне  согласноста на експертите дека изборот при дигитализацијата зависи од подоцнежната намена на филмот. Кристенсен смета дека подобро и поисплатливо е да дигитализирате повеќе филмови во 2К денес, отколку во 4К.

Усогласувањето на етичките одлуки, квалитетот и буџетот на реставрацијата треба да биде клучно во овој процес. Лабораторијата за реставрација на филмови во Болоња – чија школа ја посетувале и експертите од Кинотеката на Македонија – и тамошниот фестивал на реставриран филм беа посочени како успешен пример и урнек за развој. Затоа Болоња денес е храм на филмот.

Стојан Синадинов

Фотографии: Сашо Димоски

Leave a comment