Почина Горан Стефановски, еден од најголемите македонски драмски писатели.

Неговите драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“ и „Тетовирани души“ во седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот, дополнети со режисерскиот ракопис на Слободан Унковски, век направија нов исчекор во современата македонска драматургија и го позиционираа македонскиот театар во самиот врв на некогашната југословенска сцена.

Поголем дел од неговите драми беа снимени и за телевизија, а Стефановски како расен драмски писател беше сценарист и на неколку значајни телевизиски проекти: ТВ филмовите „Сослушување на железничарот“ (1976 г.) и „Томе од бензинската пумпа“ (1978 г.), и ТВ серијата „Наши години“ (1979 г.).

Секако, најмаркантно дело во неговото телевизиско творештво е образовната серија „Бушава азбука“, повторно во тандем со Унковски.

Во 1987 година по негово сценарио е снимен „HI-FI“ во режија на Владимир Блажевски, а пред 4 години и „До балчак“ во режија на Столе Попов.

Незаобиколен дел од неговото творештво се и текстовите за песните на на „Леб и сол“, предводен од неговиот брат Влатко Стефановски.

Горан Стефановски е роден во Битола во семејство на актери, припадници на првата повоена генерација во македонското глумиште, Мирко и Нада Стефановски. Горан беше драматург во ТВ Скопје, асистент на Филолошкиот факултет, професор по драматургија на Факултетот за Драмски уметности во Скопје, а од почетокот на деведесеттите години со семејството живееше во Кентербери, Англија. Од 2004 година е член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“…

Остави коментар