Легендарниот актер Шон Конери (Thomas Sean Connery), познат по хит-филмовите „Лов на црвениот октомври“ „Карпата“, „Индијана Џонс и последната крстоносна војна“, „Недопирливите“, „Името на розата“ и други, почина денес во Насау, на Бахамските Острови.

Шон Конери, роден во Единбург, Шкотска, беше првата ѕвезда што ја играше улогата на Џемс Бонд, тајниот „агент 007“ – шифрата значи дека има дозвола да убива – на големото платно и се појави во седум хит филмови во оваа позната франшиза работена според прозата на Иан Флеминг, бивш припадник на британските разузнавачки служби за време на Втората светска војна. Една од теориите за настанокот на ликот на Џемс Бонд тврди дека Флеминг бил инспириран од неговиот колега Душко Попов, по потекло од Војводина, Југославија…

Седумте улоги на Бонд се само дел од повеќе од 90-те улоги во неговата богата филмска кариера.

Добитник е на голем број филмски награди, меѓу кои и Оскар за најдобра споредна машка улога во „Недопирливите“ на Брајан Де Палма во 1988 година, две награди БАФТА и два Златни глобуси.

Конери доби титула почесен витез од кралицата Елизабета во 2000 година.

Сепак, Конери е подеднакво сакан и почитуван од неговите земјаци Шкоти бидејќи ја промовираше земјата и се залагаше за нејзина независност.

Leave a comment