Со проекција на новиот феномен на македонската кинематографија, документарецот МЕДЕНА ЗЕМЈА на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска во терминот од 18 ч., и ВЛАКНЕСТА ПРИКАЗНА, режисерско деби на младиот Амир Хомајон Ганизадех, кој има остварувања и како филмски актер, синоќа во Кинотеката започна првиот Фестивал на современи ирански и македонски филмови.

На Фестивалот на современи ирански и македонски филмови ќе бидат прикажани 8 играни ирански филмови и 4 играни македонски филмови од поновата продукција.

Гости на фестивалот се филмските автори Сејед Маџид Реза Мостафави, режисер, Марџан Мехраби, асистент на режија, на филмот АСТИГМАТИЗАМ; Алиреза Мотемеди, режисер на филмот РЕЗА, и Сејед Мохамад Али Саџади Лариџани, режисер на филмот РАЗВОД ЗАРАДИ МАЧКИ. Тие ќе бидат присутни на проекциите на нивните филмови а публиката ќе има можност за разговор со нив.

Присутните ги поздравија Владимир Ангелов, директор на Кинотеката, и Роберт Алаѓозовски, национален координатор за култура во РСМ, од кого и потекнала идејата за своевидна фестивалска симбиоза на современи ирански и најсупешните наслови од македонската кинематографија последниве две-три години: документарниот филм МЕДЕНА ЗЕМЈА и играните филмови ВРБА на Милчо Манчевски, ИСЦЕЛИТЕЛ на Ѓорче Ставревски и ГОСПОД ПОСТОИ, ИМЕТО Ѝ Е ПЕТРУНИЈА на Теона Стругар Митевска.

 

Leave a comment