По повеќемесечни интензивни подготовки, продукциската куќа “Скопје Филм Студио“, заедно со режисерот Игор Иванов, денес започна со снимање на долгометражниот игран филм ХОМО [lat. = homō; македонски = човек]. Режисерот Иванов и продуцентот Томи Салковски најавуваат долгометражен филм за човековата личност соочена со околностите на општеството овде и сега.

Долгометражниот игран филм ХОМО („Homō“) е приказ на апсурдот на судбината, претставен низ уникатните животни приказни на 6 главни ликови. Во ова филмско дело, режисерот го соочува обичниот човек со загрижувачките состојби на нехуманост, алчност и суровост – состојби кои тивко, но полека го уништуваат општеството. Секој лик во истоимениот филм живее посебна и одделна приказна. Виктор (актер: Сергеј Димовски) – недораснат триесетгодишник, кој не сака ништо да работи. Петра (актерка: Јоана Буковска – Давидова) има навидум сè што може да се посака во животот. За Сократес (актер: Оливер Митковски) смеата е базична човечка карактеристика.

Homō’ е филм кој се случува овде и сега и е приказ на нашето општество во кое се доведени во прашање примарните човечки вредности. Станува збор за “корална“ структура сочинета од 6 индивидуални приказни за 6 карактери од Скопје чии животни судбини се менуваат засекогаш, изјави режисерот Игор Иванов.

Во реализацијата на овој најнов македонски долгометражен филм е вклучена меѓународна екипа која брои над 120 членови – автори и филмски професионалци. Листата на актери која брои над 70, ја предводат Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Оливер Митковски, Мајлинда Косумовиќ, Јелена Јованова, Сашко Коцев, Сергеј Димовски, Јоана Буковски, Себастијан Каваца, Александар Матовски, Јордан Симонов, Мони Дамевски, Мартин Манев и Славиша Кајевски.

Ова е скопски филм, за нашата генерација и времето во кое живееме. Проектот е копродукција меѓу пет земји, а особен предизвик е неговата реализација во која е вклучена голема меѓународна екипа, околу 70 актери и преку 450 статисти. За потенцирање е возниот парк од 100 возила во слика, изјави продуцентот Томи Салковски.

Долгометражниот филм ХОМО претставува копродукција помеѓу “Скопје Филм Студио“ (продуцент: Томи Салковски, Северна Македонија), “Гала Филм“ (продуцент: Галина Тонева, Бугарија), “Арт енд попкорн“ (продуцент: Мирослав Могоровиќ, Србија), “Иридиум Филм“ (продуцент: Бојан Станковиќ, Словенија) и “Триггер“ (продуцент: Лумбард Кукај, Косово).

Покрај најголемиот дел финансиски средства добиени врз основа на проект од национален интерес од филмска дејност од “Агенција за Филм на Република Македонија“, филмскиот Проект ХОМО поддршка доби од “Национален филмски центар на Бугарија“, “Филмски центар на Србија“, “Косовски центар за кинематографија“ и од “Словенечки филмски центар“.

Homo ridens или човекот што се смее е една од петте приказни во која ќе креирам лик на депресивен стенд-ап комичар во потрага по својата среќа. Иако звучи како оксиморон сепак во психологијата е познато дека овие два термина често одат рака под рака. Хуморот понекогаш служи само како дефанзивен механизам за сокривање или ублажување на вистинската состојба но хуморот и депресијата кај повеќето луѓе се нераздвојни ентитети. Ќе ве потсетам на човекот кој отишол на доктор затоа што бил депресивен, докторот му препорачал да го посети циркузот во градот во кој настапувал пресмешен паљачо, а на тоа човекот му одговорил: -“Па јас сум Паљачото!, изјави Оливер Митковски.

Борбата за живот е примарната карактеристика на Кети, улична проститутка, која неуморно се бори со канџите на капитализмот. Актерката Наташа Петровиќ изјави: “Многу ми е драго што сум дел од овој проект и од оваа прекрасна екипа. Се радувам на ликот што ми го имаат доверено и едвај чекам прв снимачки ден.“

Последната приказна е раскажана преку ликот на Гоги (aктер: Александар Матовски-Цако) – прекрасен млад човек со даунов синдром кој е израз на чиста љубов. Сите приказни на овие ликови завршуваат со поинаков, различен крај, за некого подобар, за некого полош, со неколку суштински важни пораки – преиспитување на примарните човечки вредности и освестување на човекот за неговата деструктивна моќ.

На официјалниот почеток на снимањето на филмот беше присутен актерот Игор Ангелов, кој го игра ликот на Поп Христо.

Навистина сум возбуден и среќен за почетокот на снимањето на филмот Homō. Целиот овој процес надополнет со одличната екипа со која работам ми создава прекрасно чувство и ми влева доверба дека заедно ќе креираме одличен филмски продукт кој ќе и се допадне на публиката, изјави актерот Игор Ангелов.

Планирано е снимањето да се реализира во временски период од 5 недели, на повеќе од 20 локации во Скопје.

Авторска екипа ја сочинуваат:

Режисер: Игор Иванов / Северна Македонија

Сценарио: Игор Иванов, Сашо Кокаланов / Северна Македонија

Кинематографер: Маја Радошевиќ / Србија

Монтажа: Мартин Иванов / Северна Македонија

Дизајн на звук: Борис Трајанов / Бугарија

Сценограф: Кирил Спасески / Северна Македонија

Костимограф: Полонца Валентичиќ / Словенија

Шминка и фризура: Аленка Нахтигал / Словенија

 

Leave a comment