По повод 30-годишнината од излегувањето на првиот број на КИНОПИС – списание за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности – Кинотеката неодамна на својата веб-страница ги направи достапни за пошироката јавност и своите посетители досегашните броеви на ова списание.

До крајот на април, достапни ќе бидат броевите од 25 до 54, а веќе до средината на мај ќе бидат поставени pdf верзии и на броевите од 18 до 24.

КИНОПИС излегува веќе три децении, при што Кинотеката соработува со најзначајните филмски критичари, есеисти, автори и историчари во земјата и странство.

„Во овие триесет години на КИНОПИС – во списанието, едноставно, не остана „негибнат“ ниту еден сегмент, ниту еден аспект од – и ниту еден пристап кон – филмската уметност, филмската историја и теорија, како и ниту еден момент во целосниот производен/продукциски процес на создавањето филм досега…“ – ќе напише сегашниот уредник П. Волнаровски, во својот воведен текст кон последниот (55-56), јубилеен двоброј на списанието.

Долгогодишната уредничка на списанието, филмологот и филмски критичар Илинденка Петрушевска истакнува дека во изминатите години КИНОПИС бил „..одлична можност за откривање и промовирање нови авторски имиња, нови филмски критичари, нови филмолози…“, како и на веќе етаблираните Г. Василевски, М. Чепинчиќ, Б. Иванов, И. Старделов, В. Љ. Ангелов, Б. Куноски, С. Синадинов, В. Димитровски, Р. Јанкулоски, А. Чупоски, Д. Рубен, Д. Трајковски, М. Ковачевски, В. Галевски, С. Милевска, Р. Алаѓозовски, Е. Шелева, Ж. Кујунџиски, Љ. Костовски, С. Тодоровска и многу други.

Долгогодишни соработници на КИНОПИС беа и сè уште се автори од регионот – Дејан Косановиќ, Марјан Цуцуи, Мато Кукуљица, Хрвое Турковиќ, Ранко Мунитиќ, Петар Карџилов, Анте Петерлиќ, Младен Буриќ, Мирон Черњенко, Рон Холовеј, Вјекослав Мајцен…

Визуелните темели на списанието ги постави Костадин Танчев-Динка уште со првиот број во 1987 година, а од бр. 3 па се до последниот број на КИНОПИС, грфичко-ликовното уредување и дизајнот на насловните страници ги изработува графичкиот дизајнер и ликовен уметник Ладислав Цветковски. Благодарение токму на Цветковски и неговата заложба сите броеви на КИНОПИС да се „дигитализираат“ , денес љубителите на филмот имаат можност да ги разгледаат страниците од постарите броеви на списанието преку веб-страницата на Кинотеката (www.kinoteka.mk) преку полето ИЗДАНИЈА.

Leave a comment