Во 2006 година Кинотеката го прослави својот 30-годишен јубилеј во новите простории во објектот на библиотеката „Другарче” со киносала, видеотека и филмолошка книжарница, постојана музејска поставка, изложбена галерија, библиотека, фототека…

По целосното реновирање и опремување со 35мм. филмски проектори и сараунд аудио систем, и 136 места за седење, на 10 октомври 2006 година започнува редовната филмска програма во кинотечното кино. Се одржуваат повеќе циклуси меѓу кои и: „Македонски филм”, „Авторски филм”, „Чаплин-идентитет на филмот”, „Висконти”, „Исток-Запад”, „Недела на францускиот филм” и т.н.

Во годините што следуваат се одржуваат голем број циклуси на познати автори, режисери и директори на фотографија, потоа претставување на голем број национални кинематографии, како и фестивали, премиери и промоции. Гости во Кинотеката, покрај другите беа и: Јиржи Менцл, Наталија Бондарчук, Маноло Де Оливеира, Тиери Арбогас, Лордан Зафрановиќ, Желимир Жилник и други.

Во 2015 година, кино салата беше реновирана, односно се постави нова опрема за дигитални проекции, ДЦП проектор, медиа, Блу-реј и ДВД плеер, а беше поставено и ново проекционо платно.