Од денес (сабота) точно на пладне, во 12.00 часот ќе започнеме со прикажување на документарната репортажа „Галичник“ – еден од бисерите на кинотечниот архив. Овој филмски, етнографски и историски раритет е снимен во 1940 година, на 16 милиметарска филмска лента, од страна на Сифрид Миладинов – кумановчанец, професионален фотограф и филмаџија-аматер, човек со многу интереси.
Во 16 кратки но скапоцени минути ќе погледнете како изгледале Галичник, Галичката свадба и нашите претци пред 80 години, и тоа низ кадри во боја, што било многу ретко за тоа време. Можеби некој од Вас и ќе си препознае прадедо, пра-прабаба, стара семејна куќа, носија, сокаче, порта. Филмот на Миладинов е посебна можност да погледнете во минатото преку автентични, оригинални снимки, иако истите се без звучен запис. Патем, на семејството Миладинови од Загреб, потомците на мајстор Сифрид, им благодариме што пред повеќе години го депонираа овој нем филмот во нашиот национален филмски архив – Кинотеката.
Прикажувањето на „Галичник“ на оваа платформа е премиерно, и со него Кинотека и Синесквер [ЛИНК] ја започнуваат соработката во чии рамки ќе бидат претставени и прикажани дел од архивските аудиовизулени материјали кои ги поседува оваа Ваша национална институција, а кои не сте ги погледнале до сега, не сте знаеле дека постојат.
Запознајте го вашето културно и филмско наследство. Тоа ја прави вашата заедница побогата, целосна, препознатлива.
Уживајте.

 

 

 

 

 

Leave a comment