Дигитализираниот опус со долгометражните играни филмови на Кирил Ценевски влезе во трка за меѓународната награда за најдобар ДВД производ што се доделува во рамките на престижниот фестивал на реставрирани филмови “Ил Чинема ритровато” во Болоња, Италија.

Заедно со изданието “Кирил Ценевски” (дел од едицијата “Македонски игран филм”) на Кинотека, во финалето влегоа и изданија посветени на режисерите Денис Хопер, Мајкл Чимино, Ингмар Бергман, Бернардо Бертолучи, Милош Форман… Комплетната листа на финалистите за наградата на фестивалот „Ил Чинема ритровато“ можете да ја погледнете овде: Finalists_DVD AWARDS 2019

Гости на фестивалот се познати авторски имиња како Мартин Скорсезе, Аки Каурисмаки, Изабела Роселини, Марко Белокио…

ДВД сетот со четирите играни филмови на Ценевски излезе во март годинава, а ги содржи “Црно семе” (1971), “Јад” (1975), “Оловна бригада” (1980) и  “Јазол” (1985).

ЦРНО СЕМЕ

(Black Seed)

Игран филм, Македонија

1971, 89 мин., колор, ДСП

Режија: Кирил Ценевски

Сценарио: Кирил Ценевски, Ташко Георгиевски

Улоги: Ацо Јовановски, Дарко Дамевски, Мите Грозданов, Павле Вуисиќ, Ристо Шишков, Воја Мириќ

За време на Граѓанската војна во Грција, 1946 година, припадници на кралската грчка војска, во чиј состав влегуваат и Македонците од Егејска Македонија, под обвинение дека се комунисти и непријатели на кралска Грција, се казнуваат со упатување во логор на пуст остров. Поради своите убедувања и етничкото потекло, некои од нив ги совладуваат сите тешкотии, задржувајќи го своето човечко достоинство. Други, пак, не успеваат во тоа, и наместо очекуваниот спас, доживуваат целосен морален пад.

Централни личности се Андон Совичанов, Парис и Христос, кои, секој за себе, претставуваат индивидуална комплексност на самосвоен лик, што е видливо преку страдањата низ кои минуваат и кои ги означуваат разните димензии на човековиот отпор. Голготата започнува со одземањето на оружјето на Македонците од Егејска Македонија, припадници на кралската војска, и со нивно депортирање, најпрвин во воен затвор каде што ги сослушуваат, а потоа, натоварени на брод во тешки и сурови услови, ги носат на пуст и карпест остров. На островот нема вода, така што нудењето и поткупувањето со вода е еден од методите за кршење и уривање на достоинството на жедните затвореници, при што од нив се бара да потпишат изјава за лојалност кон кралот и готовност за откажување од Организацијата.

 

ЈАД

(Anguish)

Игран филм, Македонија

1975, 119 мин., колор, ДСП

Режија: Кирил Ценевски

Сценарио: Кирил Ценевски

Улоги: Дарко Дамевски, Фабијан Шоваговиќ, Марга Потоцка, Нада Гешовска, Олег Видов, Сабина Ајрула-Тозија, Танасие Узуновиќ

Крај на XI-от век. Охрид, Византија. Силен духовен отпор на словенското население кон византиската власт и христијанската догма, искажан преку ересот на богомилското движење и автентичната самобитност на народот. Прогони, анатеми, убиства, чуми, несреќи… вител во кој ја следиме судбината на семејството на Аврам, како вековен симбол на човековото опстојување на балканските крстопати. Во селото на Аврам владее епидемија на големи сипаници. Сите болни ги фрлаат во вар. Аврам сè уште нема наследник, а тоа неизмерно го посакува. Ноќе, кога селаните изведуваат во шумата ритуали за изгонување на болестите и кажуваат молитви упатени кон природата, Аврам ја забележува младата и убава Далија со која посакува да има син. Правото на старешина тоа му го дозволува. Во исто време и жената на Аврам упатува паганска молитва кон Сонцето за да ја оплоди нејзината утроба. Се раѓаат два сина. Едниот, Вардан, и неговата мајка Далија се сместени во манастир, а другиот, Гаврил, ја има сета таткова љубов. Момчињата израснуваат и се запознаваат на еден црковен празник, кога Аврам со семејството и селаните доаѓаат во манастирот…

 

ОЛОВНА БРИГАДА

(Lead brigade)

Игран филм, Македонија

1980, 115 мин., колор, 35 мм

Режија: Кирил Ценевски

Сценарио: Кирил Ценевски

Улоги: Ацо Јовановски, Благоја Спиркоски-Џумерко, Данчо Чевревски, Дарко Дамевски, Илија Џувалековски, Коле Ангеловски, Миља Вујановиќ, Миралем Зупчевиќ, Павле Вуисиќ

Зима во една рударска населба. Во рудникот работата се одвива според вообичаениот ритам. Во окното, заедно со рударите, се симнува и инженерот Лазар. Рударот со прекар Мајор ги распоредува двојките за работа. Злокобното завивање на сирената ја прекинува работата во рудникот. Рударот Шило алармира кај рударите за тројцата завеани рудари кои, доаѓајки на работа од околните села, останале заглавени во снежните наноси. Сите рудари се подготвени да помогнат. Во возилото на рудникот седнува инженерот Лазар и тргнува во потрага. За еден од рударите помошта пристигнува предоцна.

Едно од окната во рудникот е забрането за работа. Во него е наоѓалиштето на талиумовите минерали, потребни за извршување на експериментите со соларна енергија. Инженерот Лазар е млад и принципиелен човек кој ги застапува интересите на рударите. Во Дирекцијата на рудникот тој зборува за несоодветните работни услови на рударите и за малиот паричен надоместок што тие го добиваат. Неговите забелешки не ги засегнуваат присутните, а особено не директорот на рудникот. Во посета на инженерот пристигнува неговата сопруга, која живее во друг град. Нивниот брак нема перспектива. Поради постојаните недоразбирања, Лазар инсистира неговата сопруга веднаш да замине од неговата соба во рударскиот хотел. Како да претчувствува дека причината за нејзиното доаѓање е интересот за ретките минерали со кои таа тргува…

 

ЈАЗОЛ

(Knot)

Игран филм, Македонија

1985, 117 мин., колор, 35 мм

Режија: Кирил Ценевски

Сценарио: Славко Јаневски

Улоги: Лазар Ристовски, Ацо Јовановски, Кирил Ристовски, Костадинка Велковска, Петар Арсовски

Дејството на филмот се случува во март 1943 година, кога според планот на геноцидното однесување кон Евреите беа транспортирани и Евреите од Скопје… Хирургот Никола, кому му е одземена дозволата за работа од страна на бугарската окупаторска власт, ги минува долгите монотони вечерни часови во хотелскиот бар. Гости во барот се германските офицери, како и бугарскиот началник Симеонов. Офицерите се забавуваат играјќи руски рулет, кој се разликува од изворната варијанта по тоа што германските офицери стрелаат во главата на затвореникот Симеон, човек од илегалата и познајник на Никола…

Еден од луѓето на Партијата, кој честопати доаѓа во градот за да одржува врски и да пренесува директиви, е Јанко Подгорник. Тој се претставува како деловен човек и отседнува во хотелот. Но, бугарската полиција го открива и тој ранет успева да побегне. Така повреден се поврзува со Симеон, кој бара помош од Никола. Постојано пијан и политички неопределен, Никола се колеба, но сепак му помага на повредениот и му го вади куршумот од ногата на која ѝ се заканува гангрена… Во празниот дом на хирургот Никола го пречекува неговата поранешна девојка Марија. Врската со неа му носи немир, таа бара докази за неговата љубов и притоа пројавува љубомора кон поранешната соработничка на Никола, медицинската сестра Дора, која е Еврејка…

Leave a comment