Деновите во Лондон излезе од печат новата книга на англиски јазик на еминентниот бугарски филмолог и историчар на филмот Д-р Петар Крџилов (Петър Кърджилов / Peter Kardjilov), насловена „Кинематографската дејност на Чарлс Рајдер Нобл и Џон Мекензи на Балканот – Том први“ („The Cinematographic Activities of Charles Rider Noble and John Mackenzie in the Balkans – Volume One“).

Издавач на книгата е универзитетското издаваштво на Кембриџ  (Cambridge Scholars Publishing, Lady Stephenson Library, Newcastle upon Tyne, UK), преводот од бугарски на англиски јазик е на Ивелина Петрова, а истражувањата на Крџилов во оваа значајна студија се поместени на преку 400 страници, со повеќе од 250 илустрации, вклучувајќи 220 фотографии, 130 факсимили, 30 цртежи…

Поголемата содржина од оваа книга е посветена на снимањето на Илинденското востание – изведена (инсценирана) хроника на „крвавите битки со Турците”, но и вистинската документарна снимка на илјадниците бегалци од селата во Македонија, кои побарале засолниште во Бугариjа. Може да се каже дека оваа книга во суштина е историја на почетоците  на филмот на Балканот, особено во Македонија. Едвај да има страница што не го споменува топонимот Македонија. Но, највредни се сведоштвата за филмовите, за регионот, за народот, изобилно објавени во британската периодика пред околу 120 години. Непроценливи информации што никогаш претходно не биле објавени, вели Крџилов за kinoteka.mk.

Авторот на книгата Петар Крџилов

Крџилов, добар пријател и соработник на нашата Кинотека, потенцира и дека во неговата студија се цитирани македонските филмолози и истражувачи Игор Старделов и Весна Масловариќ.

Во почетокот на 20 век, американскиот филмски продуцент Чарлс Урбан, кој основал филмска компанија во Лондон, испратил двајца свои кинематографери на Балканот. Англичанецот Чарлс Рајдер Нобл пристигнал во Бугарија, каде што успеал да реконструира моменти од Илинденското востание што избувнало во Македонија (тогашниот дел од Отоманската империја), а подоцна снимал низ Бугарија. Шкотланѓанецот Џон Мекензи патувал и снимал низ Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија и Романија. Така, благодарение на двајцата Британци во 1903-1905 година, на Балканот беа направени првите серии на „живи слики“. Тоа е овој малку проучен период во кој започнува историјата на балканската кинематографија, што се презентира во книгата на Д-р. Петар Карџилов. Со длабински поглед, со добра волја, детално – само во првиот том се наведуваат повеќе од 570 извори на информации… Сепак, книгата е и фасцинантно четиво што се голта во еден здив – како криминалистички роман, се вели во најавата на издавачот.

Крџилов е долгогодишен истражувач и историчар на филмот, новинар и писател. Тој е доктор на науки (историја на уметност) и вонреден член на Катедрата за филмска уметност при Институтот за проучување на уметностите во Бугарската академија на науките. Автор на над 3.000 новинарски материјали, 115 научни публикации (од кои некои се преведени на англиски јазик – во САД и Велика Британија, кинески, српски, романски и македонски), 22 книги. Десет од нив го опишуваат кругот на истражувачкиот интерес на авторот, фокусиран на историјата на почетоците на филмот во Бугарија и на Балканот.

Стојан Синадинов

 

 

 

Leave a comment