Македонските кусометражни играни филмови АМБИ на режисерката Марија Апчевска, CUT HERE на режисерот Кристијан Ристевски и ДОПИР во режија на Стојан Вуичиќ разработуваат актуелни теми на современото општество, а тоа се алкохолизмот и безизлезноста, следењето трендови, слепо следење на штетни навики, но и за хуманоста. Сето тоа во филмовите е сликовито претставено само со делови од секојдневниот животен ритам и стрес на ликовите (деца и нивните родители) како и преку обработка на вечните теми: одговорност, посветеност, љубов, тага, очај и безизлесност.

Кусометражниот игран филм АМБИ (година на објавување 2017), времетраење 19 мин., режија: Марија Апчевскa; сценарио: Марија Апчевска; продуцент: Блаже Дулев; директор на фотографија: Владимир Самоиловски; монтажа: Горан Вукиќ; музика: Александар Пејовски; улоги: Владимир Тулев, Антонија Белазелкоска , Димитрија Марковски) разработува приказна за предизвици со кои секојдневно се соочуваат две млади личности Дено и Сара. Дено и Сара се брат и сестра што живеат со нивниот татко кој е алкохоличар. Во филмот се отсликани духовното црнило што го создаваат болестите на зависноста, но и очајот и безизлесноста на две млади личности заробени во прангиите на алкохолизмот на нивниот родител.

Филмот почнува да се развива од моментот кога синот Дено се забавува во дискотека со неговата девојка. Во дискотеката, неговата сестра Сара бара помош од него за нивниот опијанет татко. Дено и Сара тргнуваат кон нивниот дом и го наоѓаат пијаниот татко како лежи пред влезот на нивната зграда.

Камерата долго се задржува кај нив и ги следи како со напор го носат нивниот пијан татко по скалите сè до лифтот кога следи заплетот. При краткиот одмор на балконот од станот, Дено добива телефонски повик од неговата девојка, која му откажува љубов поради честите раскинувања и пореметениот мир од страна на неговиот татко. Нервозен, Дено добива нагон да го турне од балконот својот пијан татко кој испушта неартикулирани звуци. Во таа намера го прекинува сестра му Сара која му го одвлекува вниманието ненамерно подавајќи му чаша со сок. Камерата продолжува да ги следи братот и сестрата. Следното утро, на нивниот балкон ги гледаме како пијат сок со цевка правејќи при тоа меурчиња, а на нивните лица се забележува насмевка кога дуваат во сокот и притоа се создаваат балончиња.

Завршниот кадар во полутотал  ја покажува зградата,оставајќи да се чуе нивната смеа која е предизвикана од дувањето со цевките во сокот што го пијат. Филмот е придружени со музиката на Александар Пејовски.

АМБИ е филм со силна порака за значајот на вербата во хуманоста, филм кој ја воспева човечноста и љубовта, кои победуваат доколку сме доволно силни и истрајни.

Другиот кусометражен игран филм CUT HERE (година на објавување 2016), времетраење 14 мин., режија: Кристијан Ристевски; сценарио: Кристијан Ристевски; улоги: Нина Деан, Сара Климовска, Мони Дамески, Аксел Мехмет; продуценти: Кристијан Ристевски, Јовица Пановски, Горан Ацевски; директор на фотографија: Александар Крстевски; монтажа: Горан Вукиќ; музика: Bernays Propaganda) ни ја раскажува приказната за влијанието на вредностите и амбицијата врз нашиот живот.Филмот ни дава брз преглед на светогледот и духовната состојба на две млади женски личности што меѓусебно не се познаваат.

Првата девојка Нина, е насочена кон промоција на вредностите на современиот конзумеризам, што подразбира желба за подобар општествен статус, повеќе богатство и луксуз, додека другата девојка, Ана е сосема спротивна од Нина, таа го отфрла плиткиот конзумеризам, алчноста и лицемерието на современото општество со што всушност доброволно се дефинира како неуниформен бунтовен слободномислечки општествен аутсајдер, со други зборови губитник. Нина живее во луксузна куќа. Секое утро многу време поминува во шминкање и дотерување. Ана живее во скромен ненаметлив стан. Секое утро рутински го пие своето утринско какао. Нина вози скап автомобил, Ана вози полураспаднат велосипед. Едно претпладне Нина излегувајќи од својот двор со автомобилот за малку ќе ја удри Ана која оттука минува со својот велосипед. По кратката расправија во која Нина брутално ја навредува Ана, двете продолжуваат. Кадрите тековно ги прикажуваат намерите на нивното излегување од дома , Ана оди да се истетовира на нејзината рака со слоганот cut here, a Нина оди кај хирург-пластичар, да прави пластична операција на нејзините гради. Завршниот кадар завршува со прикажување на хируршкиот скалп во пределот на градите прикажани во крупен план. Филмот е придружен со музиката на Бернајс пропаганда.

Во третиот филм ДОПИР (година на објавување 2017), времетраење 12 мин., режија: Стојан Вуичиќ; сценарио: Стојан Вуичиќ; улоги: Кристијан Поувер, Дејан Лилиќ, Нерсин Тахир, Владимир Зфировски; продуцент: Огнен Антов; музика: „Into the Ether“ од Сириус мјузик) ја следиме играта на малиот Алек, дете со аутизам, во неговиот дом и подготовките за прошетка во градскиот парк со своите родители.

Брачниот пар го изведува своето дете со аутизам на прошетка во парк.Таткото добива телефонски повик од работа, по кој извинувајќи се го напушта местото. Мајката на детето, пружајќи му помош на едно девојченце кое беше паднало возејќи ролери, не забележува дека нејзиниот син го напуштил местото и тргнал кон езерцето во паркот. Кога мајката ќе забележи дека нејзиниот син не е во нејзина близина и дека се оддалечил, за миг ќе помисли дека сега е веќе за сè доцна. Кај неа се создава паника,таа е избезумена зошто не може да го види синот во близина, почнува да го бара и да го довикува,во што и’ се придружува и нејзиниот сопруг. Таткото на детето ја прекорува жена си за нејзината немарност кон синот. Камерата го следи детето како се упатува кон едно куче кое лежи покрај езерцето во градскиот парк, по кое по извесно време доаѓа сопственикот на кучето, тој му се насмевнува на детето, го зема своето куче и си заминува оставајќи го детето покрај езерцето.

Филмот ДОПИР претставува трогателна приказна за одговорноста, љубовта, човековата кршливост, но и за можноста хуманоста и искрената радост да ги разнежат и облагородат нашите срца.

Длабоко емотивните човечки приказни раскажани во трите современи македонски кусометражни играни филмови АМБИ на режисерката Марија Апчевска, CUT HERE на режисерот Кристијан Ристевски и ДОПИР во режија на Стојан Вујичиќ (пре)раскажуваат универзална, а воедно актуелна приказна на будењето на човечкото во човекот, но воедно и за можноста човекот, а можеби и човештвото, да ја загуби својата хумана,човечка есенција, суштина што го исполнува со смисла животниот пат што го минуваме.

Пораката од секој од дадените филмови може да се протолкува и како повик на анализа и критичка размисла на секој од нас за самиот себе,за вредностите што ги промовираме и за целите што ги одредуваме. Од нас зависи дали ќе тргнеме по вистинскиот пат на одговорноста или ќе зачекориме на патеките од темната страна на човековата природа.

Во оваа прилика вреди да се пофалат авторите што одбрале и разработиле тема која има општествено значење за денешно времеза овие филмови да допринесат за отварање на дискусии на таа проблематика и пошироко. Со други зборови, би рекол, овие филмови вреди да се погледнат. Секако во некоја прилика во Кинотека.

 

 

 

Leave a comment