„Анимакс Скопје Фест“, чие осмо издание заврши вечерва во Кинотеката на Македонија со доделувањето на наградите Златна, Сребрена и Бронзена Тула за најдобар анимиран филм, е прв и единствен фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.

Анимиран филмм „Грда сказна“

Во четирите фестивалски денови (29 ноември – 2 декември) беа прикажани 62 наслови, избрани од Тие се избрани од пријавените рекордни 3.234 анимации од 83 земји во светот, меѓу кои најголем број од САД, Англија и Франција, но и од Германија, Индија, Иран, Шпанија, Русија, Бразил и други земји.

Анимиран филм „Вештерката од самракот“

За впечатоците од најновото издание на „Анимакс Скопје Фест“ разговараме со директорот Кузман Кузмановски, филмски режисер и прв човек на продуцентската куќа Аурипигмент, која заедно со филмското училиште Тинтири-Минтири од Скопје и со поддршка од Агенцијата за филм на Република Македонија, Градот Скопје и Кинотеката на Македонија, се организатори на фестивалот.

Кузман Кузмановски

-Немавме фестивал на анимираниот филм, и во 2011 година, на четириесетгодишнината од првиот македонски анимиран филм „Ембрион но. 1“ на Петар Глигоровски, заедно со филмскиот критичар Благоја Куновски-Доре, кој ја познава историјата на филмот, решивме да почнеме нешто ново. Тргнавме со голем ентузијазам, Доре е селекторот на фестивалот, и радоста е голема: пред 4 години имавме пријавени околу 400 анимации, што нисе чинеше голема бројка, а годинава имавме над 3.000 пријавени анимации! Желбата да го имаме и долгометражниот анимиран филм на фестивалот ни остана неостварена, бидејќи за таков фестивалски формат се потребни поголеми средства, повеќе фестивалски денови, авторски права и друго, вели Кузмановски, кој летоска ја имаше премиерата на неговиот прв долгометражен игран филм, „Making of“.

Тој додава дека анимацијата на долгометражен филм е долг процес, трае најмалку 2-3 години. Наспроти 70-те и 80-те години од минатиот век, кога студиото за анимација на некогашниот „Вардар филм“ изнедри вистинска скопска анимациска школа (Боро Пејчинов, Дарко Марковиќ, Делчо Михајлов…), препознатлива и наградувана во светот, анимираниот филм од 90-те години наваму замре. Последниве години се појавија неколку млади и агилни автори – Гоце Цветановски годинава е дел од жирито на фестивалот – па го прашуваме Кузмановски каква е синергијата со „Анимакс Скопје Фест“.

-Имаме години кога нема анимиран филм, заради ритамот на финансирањето и реализацијата на анимираната продукција. Но, го имаме Жарко Иванов, кој со „Кружното патување на Марето“ е еден од најнаградуваните нови автори. Доби награда на „Анимакс Скопје Фест“ и ветар во грб за нови дострели, посочува Кузмановски.

Тој додава дека освен донесување на долгиот метар на „Анимакс Скопје фест“ тие се фокусирани на едукативната димензија на фестивалот низ присуството на долговечните школи за анимација, какви што се „Семафор“ од Полска или московското студио „Москва фимм“…

-Годинава повеќе се концентиравме на децата и работата со нив низ две работолници. Изминатите години имавме и работилници со продуценти, како Марцин Лучаи, селектор на најголемиот фестивал за анимиран филм во Полска, а сè со цел на нашите млади автори да им овозможиме вмрежување со светските трендови. Се обидуваме да го покриеме секој битен аспект од анимираниот филм, и во корист на домашните автори, и во корист на публиката и љубителите на анимацијата, презентирајќи им ги најактуелните случувања во светот, вели Кузмановски.

Остави коментар