На 5 октомври во киното Тушканац во Загреб беше отворена голема ретроспектива на македонскиот игран филм од „југословенскиот период“.

Воведни излагања одржаа Марко Ројниќ – уредник на програмата на киното Тушканац, Томе Апостолски – претседател на Сојузот на македонското малцинство на град Загреб и Владимир Ангелов – в. д. директор на Кинотека на Македонија.

Марко Ројниќ

Марко Ројниќ истакна дека оваа селекција е убав пресек на она што се случувало со македонската кинематографија сè до независноста и дека покрај добро познатите филмски наслови, во себе крие и неколку малку познати македонски филмски бисери. Томе Апостолски, истакна дека ова е само почеток на едно пообемно претставување на македонската кинематографија во Загреб и Хрватска и дека секако ќе следи програма од современи македонски филмови.

Владимир Ангелов

Владимир Ангелов, посочи дека филмските и културните врски и преплетувања помеѓу Хрватска и Македонија отсекогаш биле јаки (пример за тоа беше и присуството на Костадинка Велковска, позната хрватска актерка родум од Македонија) и дека тие треба да се негуваат. Петре Прличко и Илија Џувалековски ги дадоа едни од најубавите улоги во хрватски филмови, а Ватрослав Мимица и Бранко Бауер ги направија некои од најубавите македонски филмови, а вакви примери има безброј во сите уметности (сликарот Ордан Петлески или Дадо Топиќ со неговата песна „Македонија“).

 

Башким Мисими од Амбасадата на Македонија во Загреб, Арсим Рамадани, директор на „Вардар филм“, и Костадинка Велковска, актерка (од лево на десно)

ПАНОРАМА: ОД РИЗНИЦАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ содржи играни филмови на Кирил Ценевски (Црно семе, 1971), Љубиша Георгиевски (Под исто небо, 1964; Цената на градот, 1970, Планината на гневот, 1968; Не, 1966; Патека, 1967), Столе Попов (Црвениот коњ, 1981; Среќна Нова 49, 1986), Димитрие Османли (Жед, 1971), Бранко Гапо (Време без војна, 1969), Бранко Бауер (Три Ани, 1959) и Живорад Жика Митровиќ (Мис Стон, 1958). Манифестацијата беше отворена со филмот „Колнати сме, Ирина“ (Татко) од 1973 година, на македонскиот актер и режисер Никола Коле Ангеловски.

Leave a comment