Со победа во три категории, македонскиот филм „Медена земја“ („Honeyland“), во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, триумфираше во конкуренцијата за документарци од целиот свет на американскиот фестивал за независен филм „Санденс“ („Sundance“).
На церемонијата што се одржа во саботата (2 февруари) во Парк Сити, Јута, САД , „Honeyland“ ja доби големата награда на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography). Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).

Екипата на „Медена земја“ на фестивалот Санденс: Самир Љума, Тамара Котевска, Атанас Георгиев, Фејми Даут и Љубомир Стефанов (Фото: Санденс филм фестивал)

За првпат во историјата на „Санденс“ еден проект е награден со три признанија, и за првпат македонски долгометражен документарен филм, со мнозинска домашна копродукција, влезе во конкуренција и освои награди на „Санденс“.

WORLD CINEMA DOCUMENTARY COMPETITION WINNERS

World Cinema Documentary Grand Jury Prize: Honeyland, directed by Tamara Kotevska and Ljubomir Stefanov

World Cinema Documentary Audience Award: Sea of Shadows, directed by Richard Ladkani

World Cinema Documentary Directing Award: Cold Case Hammarskjold, directed by Mads Brugger

World Cinema Documentary Special Jury Award for No Borders: Midnight Traveler, directed by Hassan Fazzili

World Cinema Documentary Special Jury Award for Impact for Change: Honeyland, directed by Tamara Kotevska and Ljubomir Stefanov

World Cinema Documentary Special Jury Award for Cinematography: Honeyland, cinematographers Fejmi Daut and Samir Ljuma

Премиерата на „Медена земја“ („Honeyland“) се одржа на 28 јануари 2019 година во рамки на 38. издание на „Санденс“ во Парк Сити, Јута. По премиерата документарецот доби одлични рецензии од реномираните филмски критичари и медиуми меѓу кои: Ентони Кауфман од „Скрин Интернешнал“ (Screen International), Шери Линден од престижниот „Холивуд Репортер“ (Hollywood Reporter), Гај Лоџ од „Вараети“ (Variety), Крис О’Фалт од „Индивајр“ (Indierwire), Ерик Хајнс од „Филм комент“ (Film Comment), Соња Епштајн од „Слоан сајанс енд филм“ (Sloan Science And Film) и други.

Сцена од „Медена земја“

„Медена земја“ („Honeyland“) раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси.

Продуцентот и монтажер на филмот е Атанас Георгиев, музиката ја направија членовите на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ Студиос“ (DB Studios) од Бејрут.

Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Годинава го очекуваат презентации на значајни светски фестивали. Премиерата во Скопје ќе се одржи на почетокот на март, а детали околу датумот и местото на одржување ќе бидат соопштени по враќањето на екипата од САД.

Форшпанот за „Медена земја“ можете да го видите тука.

One comment

Leave a comment