Јужнокорејскиот филм „Паразит“ е добитник на 4 Оскари, за најдобар филм, за режија, за оригинално сценарио (режисер и сценарист е Бонг Џун Хо), но и најдобар странски филм, категоријата во која беше и македонскиот филм „Медена земја“. „Паразит“ влезе во историјата на доделувањето на Оскарите, бидејќи за прв пат филм од неанглиско говорно подрачје ја понесе наградата за најдобар филм. „Паразит“ зборува за поделбите помеѓу богатите и сиромашните во Сеул.

Во другата категорија во која беше номиниран „Медена земја“ – за најдобар документарец, победи „Американска фабрика“.

Со „Оскар“ за најдобар актер се закити Хоакин Финикс за улогата во филмот „Џокер“, а Рене Зелвегер доби Оскар за најдобра актерка за улогата во филмот „Џуди“. За најдобри споредни улоги наградите ги добија Бред Пит и Лора Дерн.

Сепак, и покрај тоа што „Медена земја“ не доби Оскар, сосема сме свесни за големината на овој филм, за значењето на пораката што ја пренесува, за силата на бескрајните приказни што се кријат во оваа земја и за многуте наши талентирани уметници кои знаат како тие приказни да ѝ ги покажат на публиката. Почестени сме што бевме номинирани покрај овие одлични филмаџии со смели приказни кои им се обраќаат на луѓето од целиот свет, на универзалниот јазик на кинематографијата. Не можеше да се предвиди дека нашиот филм ќе влезе во историјата на Македонија и во историјата на номинациите за „Оскар“, напиша екипата на „Медена земја“ на нивниот фејсбук-профил.

Авторската екипа ѝ се заблагодари на главната протагонистка Атиџе Муартова што им дозволила да влезат во нејзиниот прекрасен свет.

Филозофијата на Атиџе ‒ земи половина, остави половина ‒ е едноставна, но длабока. Тоа е порака во којашто може да се пронајде секоја публика. Горди сме што сме гласниците на таа порака, вели екипата по завршувањето на Оскарите.

Атиџе од Лос Анџелес порача дека нејзиниот живот по снимањето на филмот драстично се променил, сега има нова куќа, и сè станува подобро.

Сакам публиката да извлече само една порака од филмот: како што јас споделувам со своите пчели, така сакам и сите луѓе да споделуваат едни со други, гласи пораката на Атиџе која ја испрати од Холивуд.

Публиката ќе има уште една можност да го погледне „Медена земја“ во Кинотеката, на 17 февруари во 18:00 часот.

Leave a comment