Во рамки на интернационалната студентска програма на 40. издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, денес се одржа средба со музиколог и професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА во Скопје, проф. д-р Александар Трајковски, автор на книгата „Музиката во македонскиот игран филм: од ФРОСИНА до ЛАЗАР“, издание на Кинотеката.

Александар Трајковски и Ѓорѓи Пулевски

Во Малата сала на Домот на културата делото на Трајковски го претстави Ѓорѓи Пулевски, селектор и координатор на студентската програма.

Трајковски ги запозна љубопитните студенти на филмските академии од разни земји и филмските професионалци со методолошкиот третман на филмската музика, а присутните имаа можност да видат и два интересни блока со инсерти од македонските играни филмови, од ФРОСИНА (1952) до ЛАЗАР (2014), исполнети токму со музиката којашто е карактерична за тие наслови.

„Музиката во македонскиот игран филм: од ФРОСИНА до ЛАЗАР“ Трајковски е првата пообемна музиколошко-филмолошка анализа на македонскиот игран филм. Истражувањата и анализите Трајковски ги правел за потребите на неговата докторска теза „Филмската музика како форма на комуникација: музиката во македонскиот игран филм во периодот од 1952 до 2011 година“, но за потребите на книгата подоцна проширени до 2015.

Leave a comment