НАВИДУМ РАМНОДУШЕН КОН КРИЦИТЕ ШЕПОТЕЊАТА И ПЛАЧОТ

Треба ли да се биде толку луд за да се биде искрен, или, пак, треба да се биде прилично искрен за да се биде доволно луд?
Ваквата софистичка дилема веројатно е можна – а и прилично потребна! – кога станува збор за шведскиот режисер Ингмар Бергман (Ingmar Bergman, 1918-2007). Бидејќи, кога ја читате неговата автобиографија „Мојот живот: Латерна магика“ (Moj život: Laterna magica“, Grafički zavod Hrvatske, 1990, Zagreb) – поточно, една од неколкуте неговите (авто)биографии – и кога ќе се судрите со толкава количина искреност кога се работи за филмот, театарот, подемите, падовите, но и првите сексуални искуства, внатрешните немири, душевните болки, траумите од детството, бројните љубовни врски што резултирале пет официјални брака и девет деца… неретко помислувате дека овој автор, како и сите генијалци во уметноста, е луд.
Стојан Синадинов

28 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК) 20:00 Ч.
2 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК) 18:00 Ч.
ЛЕТО СО МОНИКА
(Sommaren med Monika/Summer with Monika)
Игран филм, Шведска
1953 г., 96 мин., црно-бел, ДСП
Режија: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Сценарио: Пер Андерс Фогелстрем (Per Anders Fogelström)
Улоги: Хариет Андерсон, Ларс Екборг, Дагмар Ебесен (Harriet Andersson, Lars Ekborg, Dagmar Ebbesen)
Двајца тинејџери од работничката населба во Стокхолм, Моника и Хари (Андерсон и Екборг), се запознаваат еден летен ден. Се вљубуваат и, сакајќи да бидат заедно, ги напуштаат нивните работни места и семејствата.
Хари е 19-годишно момче, а Моника е 17-годишна девојка со бунтовен и безобѕирен дух, но со романтична душа. Го напуштаат предградието на Стокхолм и со чамецот на таткото на Хари заминуваат на мал изолиран остров. Летната љубовна идила на островот е прекината со недоразбирања заради финансиски причини. Кога се враќаат во градот, Моника открива дека забременила. Хари ја прифаќа одговорноста и решава да се ожени со Моника, созрева како човек, наоѓа работа, се враќа на факултетот да ги доврши студиите и се стреми да биде грижлив родител на нивната ќерка Џун. За тоа време Моника сака само авантури и забава.
ЛЕТО СО МОНИКА е еден од карактеристичните филмови на Бергман кои се сместени во летен амбиент и ги навестува неговите подоцнешни тематски преокупации по кои стана препознатлив автор – анализа на психата на жените.

29 СЕПТЕМВРИ (САБОТА) 18:00 Ч.
3 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК) 18:00 Ч.
ОСТРОВОТ БЕРГМАН
(Bergman och filmen, Bergman och teatern, Bergman och Fårö /Bergman Island)
Документарен филм, Шведска
2005 г., 85 мин., колор/црно-бел, ДСП
Режија: Мари Ниреред (Marie Nyreröd)
Документарецот на шведската национална телевизија претставува трилогија во која Бергман говори за неговата работа на филм, во театар и за островот Форе. Сите три документарни филмови се главно снимени во домот на Бергман на малиот остров во Балтичкото море.
Форе е своевиден азил на Бергман, и режисерката Ниреред е прва документаристка која имала пристап во неговиот дом. Во првиот дел од документарецот Бергман говори за неговите филмови, почнувајќи од првиот наслов МАЧНИНА (Hets/ Torment) во 1944 г., во кој бил асистент на режија, па сè до САРАБАНДА во 2003 г., со уникатен материјал од приватната архива на Бергман, снимен на филмските сетови.
Вториот дел содржи приказни за некои од 125-те претстави кои Бергман ги има режирано во театрите во Шведска и странство, за искуствата со телевизискиот медиум, посебно со успешната мини ТВ серија СЦЕНИ ОД БРАЧНИОТ ЖИВОТ (Scener ur ett äktenska/Scenes from a Marriage, 1973 Г.). Третиот дел е посветен на Форе, остров кој стана култно место заради Бергман. Тој раскажува за неговото детство и како тоа го обликувало како личност, како го снимал филмот ПЕРСОНА на овој остров и се вљубил, но ги наведува и најголеми демони во неговиот живот.

29 СЕПТЕМВРИ (САБОТА) 20:00 Ч.
СЕДМИОТ ПЕЧАТ
(Det sjunde inseglet/The Seventh Seal)
Игран филм, Шведска
1957 г., 96 мин., црно-бел, ДСП
Режија: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Сценарио: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Улоги: Макс фон Сидов, Гунар Бјернстанд, Бенгт Екерот (Max von Sydow, Gunnar Björnstrand, Bengt Ekerot)
Приказната се одвива во 14 век, кога витезот Антониус Блок и неговиот штитоносец (помошник) Јенс се враќаат од крстоносните војни во нивната татковина Шведска, во која владе чума. На морскиот брег, додека се одмора од напорниот пат, витезот ја среќава Смртта, која дошла по него. Со оправдувањето дека неговото тело е подготвено, но не и душата, Антониус ја предизвикува на партија шах, со неговиот живот како влог.
Ако витезот ја изгуби партијата шах, тогаш Смртта ќе му го одземе животот; ако, пак, победи, ќе ги добие сите одговори на егзистенцијалните прашања што го мачат. Иако знае дека никој не ја победил смртта, Антониус ја игра партијата шах во неколку фази и на неколку места, сакајќи да добие на време и пред смртниот час да дознае дали постои Господ и бесмртна душа. Кога витезот конечно ќе пристигне во неговиот замок, во кој го пречекува сопругата, Смртта ќе тропне на вратата за го повлече последниот потег…

30 СЕПТЕМВРИ (НЕДЕЛА) 18:00 Ч.
3 ОКТОМВРИ (среда) 18:00 Ч.
НАВЛЕГУВАЈЌИ ВО БЕРГМАН
(Trespassing Bergman)
Документарен филм, САД
2013 г., 107 мин., колор,блуреј
Режија: Јан Магнусон, Хинек Палас (Jane Magnusson, Hynek Pallas)
Учествуваат: Томас Алфредсон, Вуди Ален, Вес Андерсон (Tomas Alfredson, Woody Allen, Wes Anderson)
Учествуваат: Томас Алфредсон, Вуди Ален, Вес Андерсон (Tomas Alfredson, Woody Allen, Wes Anderson)
Документарецот ги обединува кажувањата на веројатно најрепрезентативната група режисери, актери и сценаристи на денешнината, собрани во еден филм.
Дел од соговорниците на Јан Магнусон и Хинек Палас доаѓаат на островот Форе, во домот на Бергман, каде што ги споделуваат личните впечатоци и размисли за него, а дел се снимени во местата ширум светот, каде што живеат и работат.
Меѓу учесниците во оваа документарна „фреска“ посветена на генијот се и неговите омилени актерки Хариет Андерсон и Пернила Аугуст (Harriet Andersson, Pernilla August), потоа Френсис Форд Копола, Роберт Де Ниро, Михаел Ханеке, Томас Винтерберг, Ларс фон Трир, Такеши Китано, Изабела Роселини, Мартин Скорсезе, Александер Пејн… (Francis Ford Coppola, Robert De Niro, Michael Haneke, Thomas Vinterberg, Lars von Trier, Takeshi Kitano, Isabella Rossellini, Martin Scorsese, Alexander Payne…)

30 СЕПТЕМВРИ (НЕДЕЛА) 20:00 Ч.
1 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 18:00 Ч.
ДИВИ ЈАГОДИ
(Smultronstället/Wild Strawberries)
Игран филм, Шведска
1957 г., 91 мин., црно-бел, ДСП
Режија: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Сценарио: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Улоги: Виктор Сјестрем, Биби Андерсон, Ингрид Тулин (Victor Sjöström, Bibi Andersson, Ingrid Thulin)
Пензионираниот професор Борг (Сјестрем) треба патува во Лунд, каде што треба да биде промовиран во почесен доктор. Ноќта по кошмарниот сон, решава да тргне на пат со Мариан (Тулин), која му раскажува за проблемите во бракот со неговиот син Евалд. За време на патувањето среќаваат млада автостоперка Сара (Андерсон), ја земаат неа и нејзините пријатели со нив.
Во друштво со младите професорот се присетува на детството, пропуштените прилики и грешките во животот. Откако ќе заврши свечената церемонија, Борг решава да ги смири тензиите меѓу снаата и синот, со кого, пак, има многу студен однос…
Оценето како репрезентативно дело на психолошкиот жанр, ДИВИ ЈАГОДИ го потврдува Бергман како еден од најголемите автори во светската кинематографија во втората половина на 20. век, а легендарниот режисер и актер Виктор Сјестрем, великан од ерата на шведскиот нем филм, ја игра прошталната роља.
ДИВИ ЈАГОДИ ги освои Златниот глобус за најдобар странски филм, БАФТА и Златната мечка на Берлинале, а беше и номиниран за Оскар.

30 септември (НЕДЕЛА) 20:00 Ч.
ПЕРСОНА
(Persona)
Игран филм, Шведска
1966 г., 85 мин., црно-бел, ДСП
Режија: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Сценарио: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Улоги: Биби Андерсон, Лив Улман (Bibi Andersson, Liv Ullmann)
Воглер не е болна, туку едноставно избрала засекогаш да замолчи. Заедно со нејзината негувателна Алма заминуваат на еден остров и таму се развива интересен однос меѓу нив: колку што повеќе меѓусебно се конфронтираат во различни ситуации, толку повеќе се зближуваат. Кризата на идентитетот станува сè „покреативна“ со мешањето на двете личности во една персона.
ПЕРСОНА е оценет како ремек-дело на филмскиот модернизам и како најекспериментално дело во опусот на Бергман.

2 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК) 20:00 Ч.
ЕСЕНСКА СОНАТА
(Höstsonaten/ Autumn Sonata)
Игран филм, Франција/Западна Германија/Шведска
1978 г., 99 мин., колор, ДСП
Режија: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Сценарио: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Улоги: Ингрид Бергман, Лив Улман, Лена Ниман (Ingrid Bergman, Liv Ullmann, Lena Nyman)
Шарлота Андергаст (Бергман) е пијанистка со светско реноме. Има две ќерки: Ева (Улман) и Хелена (Ниман). Ева, мажена со селскиот свештеник Виктор, трагично го изгубила единственото дете, а Хелена со години е тешко хендикепирана.
Шарлота тагува по нејзиниот пријател, исто така музичар, кој починал по долготрајна болест, па Ева ја повикува мајка си да ја посети во селото, надевајќи се дека по долги години несогласување, ќе најдат меѓусебно разбирање. Наместо помирување, експлодираат несогласувањата и Ева ја обвинува Шарлота дека заради нејзината музичка кариера ги напуштила кога им била најпотребна мајчинската љубов. Кога страстите малку ќе се смират, Шарлота повторно заминува во нејзината осаменост исполнета со музика, а Ева и Виктор остануваат во нивното тивко село.
ЕСЕНСКА СОНАТА беше наградена со Златен глобус за најдобар странски филм, а ликот на Шарлота е последната филмска улога на Ингрид Бергман.

3 ОКТОМВРИ (СРЕДА ) 20:00 Ч.
4 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК) 17:00 Ч.
ФАНИ И АЛЕКСАНДЕР
(Fanny och Alexander/Fanny and Alexander)
Игран филм, Шведска
1983 г., 188 мин., колор, ДСП
Режија: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Сценарио: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Улоги: Бертил Гуве, Пернила Алвин, Алан Едвал, Ева Фролинг, Кристина Адолфсон, Гун Вилгрен (Bertil Guve, Pernilla Allwin, Allan Edwall, Ewa Froling, Kristina Adolphson, Gunn Willgren)
Во добростоечкото семејство Екдал во шведската провинција се слави Божик, 1907 година. Главна во семејството е Хелена (Вилгрен), поранешна актерка во локалниот театар кој сè уште го води нејзиното семејство. Синот Оскар (Едвал) е режисер, а снаата Емили (Фролинг) актерка во семејниот театар. Десетгодишниот Александер (Гуве) и помладата сестра Фани (Алвин) се нивни деца.
Оскар тешко се разболува додека ја пробува улогата на Духот во Хамлет и набргу умира. Бискупот Вергерус ја теши вдовицата Емили, и тоа резултира со нов брак. Емили со Фани и Александер се сели во домот на бискупот, но децата не наоѓаат заеднички јазик со крутиот и бесчуствителен очув, кој постојано ги казнува, па утеха бараат во закрилата на еврејскиот трговец со антиквитети, Исак Јакоби, кој, пак, е љубовник на нивната баба Хелена…
Многумина го сметаат ФАНИ И АЛЕКСАНДЕР за тестаментарно дело на Бергман, своевидна синтеза на неговите авторски преокупации. Филмот е делумно инспирирано од неговиот живот и е добитник на 4 Оскари: за најдобар странски филм, фотографија, костимографија и сценографија.

4 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК) 20:00 Ч.
САРАБАНД
(Saraband)
Игран филм, Шведска, Данска, Норвешка
2003 г., 107 мин., колор, ДСП
Режија: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Сценарио: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Улоги: Лив Улман, Ерланд Јозефсон, Берје Алстед, Јулија Дуфвениус (Liv Ullmann, Erland Josephson, Börje Ahlstedt, Julia Dufvenius)
Триесет години по разводот Мариан (Улман) одненадеж решава да го посети поранешниот сопруг Јохан (Јозефсон) во неговата летна викендичка. Пристигнува токму во вителот на семејната драма меѓу Јохан и Хенрик (Алстед), неговиот син од вториот брак. Хенрик ја подучува неговата ќерка Карин (Дуфвениус) да свири на виолончело и тагува по неодамна починатата сопруга. Односите меѓу таткото и синот се затегнати и полни со расправии…
САРАБАНД е последниот филм на Бергман. Изворно е реализиран како телевизиски филм и продолжение на култната ТВ серија ПРИЗОРИ ОД БРАЧНИОТ ЖИВОТ по 3 децении.

Leave a comment