Од 15 до 21 септември во Драма беа прикажани 199 филмови од 64 земји во светот.  Поединечно, во националната селекција беа прикажани 60 остварувања на грчки филмаџии, додека во интернационалната селекција беа селектирани  67 филмови од 60 земји. Иако со помала традиција зад себе, сепак 25-те години во кои за наградите се борат најквалитетните интернационални кратки остварувања воопшто не се за потценување. Работата на фестивалските организатори во овој четврт век ја стави Драма на светската карта на престижни фестивали за кратки филмови, и токму затоа филмаџиите од сите меридијани со драго срце ги пријавуваат своите дела на овој фестивал на задоволство на публиката и филмските критичари, бидејќи на едно место можевме да го проследиме најквалитетното од овој филмски жанр во минатата и тековната продукциска година.

Генерално, филмовите во интернационалната селекција ни понудија актуелни теми во кои во фокус секогаш е борбата на поединецот со Другиот, оној олицетворен во многу лица. Универзалноста на темите кои можат да се случат и со нив да се идентификува публиката во било која земја во светот, се движи од дисфункционалите семејства и проблематичноста во односите меѓу родителите и децата, бездомните деца на улиците низ светските метрополи, влегувањето во „третото доба“, криминалот, дрогата и проституцијата, правата на ЛГБТ заедницата, бегалската криза, војната и последиците од неа, репресијата врз муслиманските жени, тероризмот и константниот страв од него, итн. Генерален впечаток е тенденцијата на младите филмаџии да раскажуваат приказни за лудилото кое го опфати светот во новиот милениум, сето тоа погледнато низ субјективна, необича и автентична призма, а дел од авторите сакаат истото тоа лудило да ни го претстават низ жанрот „комедија“, неретко провлекувајќи ја љубовта како лајтмотив.

„Contact“на Samir Syriani од Либан е одлично кинематско доживување кое раскажува многу сериозна тема  – последиците од граѓанската војна. Снајперистот кој по личната трагедија своето место под сонцето го пронашол во пустината, во простор во кој не дозволува никој да пристапи и во кој секој може да биде потенцијална жртва, авторот на филмот низ прекрасна фотографија ја доловува осаменоста на човекот, но и можноста за негова рехабилитација низ тажните приказни на Другите, всушност, неговите сограѓани, кои ја делат истата бегалска судбина, прогонети од свите домови. „Elena” на Jesus Reyes од Колумбија нè носи во пченкарните полиња на поделената Колумбија, во кои старата Елена, спасувајќи го младото момче од рацете на герилците, всушност го спасува убиецот на нејзиниот син. Простувањето е христијански начин на гледањето на нештата, а утехата е мапата за локацијата на гробот на нејзиниот непрежален син.

„Family unit” на Laucius Titas од Литванија нè вовлекува во микро-светот на едно семејство, каде односите меѓу членовите одамна се нарушени. Снимен претежно со камера од рака, со актери кои одлично ја доловуваат семејната нетрпеливост, ова кратко остварување во само 21 минута ни доловува цел еден свет детерминиран од претходни случувања, во кои крајниот виновник е секогаш оној Другиот, Туѓинецот. „Windowless” на Samuel Fluckiger од Швајцарија, пак, на супериорен начин ја разработува приказната за мајчинската загуба. Со одлична глума и професионален пристап кон темата, ова краткометражно остварување поради својата густина, ритам и динамика се чини како да е целовечерен филм со одлични и заокружени сценаристички поенти.

„Ficus” на Andrey Volkashin од Македонија, низ човечка приказна ни претставува фрагмент од животот на еден хомосексуалец, кој соочен со раната смрт на својата пријателка, осознава неколку мали можни вистини на овој свет:  дека убавината е во едноставноста, дека животот е навистина краток и дека треба да го живееш со полн интензитет и на свој начин. “Way back home” на Diego Freitas од Бразил исто така не’ потсетува на минливоста на животот низ приказната за еден старец, кој неуморно чека во домот, како и неговите генерациски пријатели, да дојде некој од неговото семејство и да го однесе дома за време на празниците. За жал, тоа не се случува, но тука е добриот дух, домарот во старечкиот дом, кој празничниот ден ќе му го направи истовремено и тажен поради сознанието за осаменоста, но и незаборавен поради човечноста и новото пријателство.

“Lake of happiness” на Aliaksei Paluyan од Белорсија, пак, не’ носи во сиропиталиштето каде малата Јасја е незадоволна од одлуката нејзиниот татко да се прежени и да ја донесе токму тука, меѓу врсниците од кои повеќето воопшто и не си ги знаат родителите. Низ супериорна фотографија и запазување на сите филмски елементи кои беспрекорно функционираат, овој филм нè остави без здив. “River” на Dmitrii Davydov од Русија ни ја прикажа мистичната моќ на реката, но и на главниот лик, бестрашниот тинејџер, кој на необичен начин сака да му помогне на неговиот брат да прооди по неодамнешната трагична сообраќајна несреќа после која малиот останал парализиран. Ова е вистинска успешна бајка од новото руско кино.

И на крајот, победникот според одлуката на ФИПРЕСЦИ жирито, “Brotherhood” на Тунижанката Meryam Joobeur, филм кој на еден нов начин фрла поглед врз Џихадот и одлуката да се влезе, но и излезе од „светата војна“.  Фокусирајќи се на односите во едно туниско патријархално семејство во кое повратникот од војната, најстариот син, не наидува на разбирање кај таткото за одлуката да се врати дома заедно со бремената невеста со фереџе, филмот низ емотивен набој се обидува да ни ги објасни одлуките и последиците од нив со кои секој поединец треба се соочи во животот. „Братство“ се издвои како комплетно остварување во кое авторката Жубер ги почитува сите законитости на филмскиот јазик, вметнувајќи свој, автентичен стил и начин на гледање на нештата при реализација на делото. Токму затоа со колегите од ФИПРЕСЦИ жирито сметавме дека наградата замина во вистински раце.

 

Сè на сè, фестивалот на краток филм во Драма со својата концепција покажува како една национална кинематографија треба да се грижи за своите млади таленти собирајќи ги под ист кров барем во овие седум септемвриски денови, иако ќе има и повторна можност за дружба од 10 до 16 октомври, кога традиционално караванот со најдобрите остварувања се сели на проекции во Атина. Зачинувајќи го настанот и со интернационални филмови и гости за размена на искуства помеѓу присутните автори гладни за филм, фестивалот во Драма е добитна формула која треба да се негува и надградува и во идната декада.

 

Leave a comment