Со проекција на играниот филм ЦРНИОТ БАЛОН (The Black Balloon) на Елиса Даун (Elissa Down) започна Неделата на австралискиот филм во Кинотеката на Македонија (26 – 30 јануари).

На присутните филмофили им се обратија Н.Е. Амбасадорката на Австралија Рут Стјуарт и директорот на Кинотеката Владимир Ангелов.

Владимир Ангелов, директор на Кинотека, Н.Е. Рут Стјуарт, амбасадорка на Австралија, и Зоран Костовски, почесен конзул на Австралија во Македонија

Петте австралиски филмови, продуцирани последнава деценија и пол, се своевиден пресек на современиот општествен миг на австралиското општество кое е најмултиетнично во светот и брои над 260 различни етнички заедници, со приближно толку различни јазици на кои говорат жителите на „Црвениот континент“. Во холот на Кинотеката е поставена и изложбата за културата на домородното население на Австралија.

Во ЦРНИОТ БАЛОН (The Black Balloon) на Елиса Даун (Elissa Down) е загатната темата за аутистичните деца. Овој медицинско-социјален комплекс има една полесна димензија, пораспространета во медиумите и филмот: тоа е случајот кога се работи за екстерниот судир на аутистичната личност со (не)прифаќањето во пошироката заедница.

Филмот ЏИНДАБАЈН (Jindabayne) на Реј Лоренс (Ray Lawrence), пак, загатнува етичка дилема: дали припадникот – во овој случај жена – на инаквата заедница, домородното племе, е рамноправен, дури и по смртта? Дали тоа што непознатата жртва заради антрополошките белези (бојата на кожата и сл.) веднаш е препознаена како Абориџанка треба и мртва да остане само ѓубре кое им ја расипало идиличната глетка на на белите риболовци за време на викендот што мислеле да го поминат на исто такво, идилично, место?

Во симпатичната драмска комедија ЦРВЕНИОТ ПЕС (Red Dog) на Крив Стендерс (Kriv Standers) имате дузина досетки инспирирани од различното етничко потекло на доселениците во австралиската пустина. Не треба да се спомене дека сите се политички коректни.

Романтичната евокација на заедништвото, емпатијата и потрагата по среќа во ерата на седумдесеттите години од минатиот век, кога Австралија е ветената дестинација за егзистенција и економски просперитет на десетици илјади луѓе од цел свет, Црвениот пес (Red dog, го игра кучето Коко) е своевиден симбол на верноста и посветеноста.

Австралија можеби е на крајот на светот, но и таа позиција е корисна, посебно ако сакате да освоите друг свет – Месечината. Во ЧИНИЈАТА (The Dish)  на Роб Сич (Rob Sitch ), со Сем Нил во главната улога, сторијата ја опишува 1969 година, кога австралиската опсерваторија Паркс е битен сегмент во мрежата опсерватории преку кои се (ре)емитува видео-преносот од слетувањето на првиот човек на Месечината.

Тој настан го следеле 600 милиони гледачи на Земјата благодарејќи, меѓу другото, и на австралиската Чинија, предавателот во пустинската Недојдија опкружен со овци. ЧИНИЈАТА е сниман според вистински настан за малиот удел на Австралија во настанот што космонаутот Нил Армстронг (Neil Armstrong) го опиша како „мал чекор за него, а голем за човештвото“.

Во РОМУЛ, МОЈОТ ТАТКО (Romulus, My Father) на Ричард Роксбург (Richard Roxburgh) главниот лик е Ромул, по потекло Романец од Војводина, Југославија, а го игра ѕвездата Ерик Бана, со вистинско име Ерик Банадиновиќ (Eric Banadinović), чии родители потекнуваат од поранешна Југославија. Бана во овој филм е сопруг на Германка – ја толкува германската актерска ѕвезда Франка Потенте (Franka Potente) – со која се доселуваат во Австралија, но очекувањата дека во „ветената земја“ веднаш ќе потече мед и млеко не се остваруваат. Изневерените лични очекувања се посебна пречка за жената, која не сака да живее селски живот, на фарма, па ги напушта сопругот и синот, заминувајќи во големиот град, како што тоа обично бидува, со друг маж. Ќе има ли живот за сопругот и синот, и покрај социјално-економските и здравствените пречки?

Leave a comment