Со проекцијата на филмот GIPSY MAGIC на Столе Попов синоќа (недела) во Софија заврши Неделата на македонскиот филм.
GIPSY MAGIC на Попов бил хит во бугарските кина пред 20 години, а публиката се потсети и дека насловната песна „Gipsy song“ на Влатко Стефановски е прогласена за најпопуларна песна на дваесеттиот век во Бугарија.

На публиката во култната кинотечна сала на бугарската национална филмотека „Одеон“ им се обратија д-р Петар Карџилов, филмски историчар и истражувач, и д-р Сашко Насев, директор на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија.

Неделата на македонскиот филм во Софија (21 – 27 јануари 2019), во
организација на Бугарската националната филмотека, Кинотеката на Македонија и Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, и под покровителство на Министерство за култура на република Македонија, се одвиваше во киното „Одеон“, сместено во средиштето на културната мапа на Софија. Започна со проекцијата на ИСЦЕЛИТЕЛ на режисерот Ѓорче Ставрески, а пред бројната публика – во која имаше значајни имиња од културно-научниот свет, дипломатскиот кор, филмски автори и филмофили – се поклонија актерот Аксел Мехмет и кинематограферот Дејан Димески.

Аксел Мехмет, Дејан Димески и Антонија Ковачева, директорка на Бугарската национална филмотека

Првото претставување на современата македонска кинематографија пред гледачите во Софија по подолго време ги содржеше и проекциите на КОГА ДЕНОТ НЕМАШЕ ИМЕ на Теона Стругар Митевска, два блока краткометражни играни филмови (првиот составен од ЕКЛЕР на Марко Ѓоковиќ, ДОЛОРЕС на Радован Петровиќ, ВИДИ ЈА ТИ НЕА на Горан Столевски и ДЕЦАТА ЌЕ ДОЈДАТ на Ана Јакимска, вториот блок од ПЕПИ И МУТО на Георги Унковски, АМБИ на Марија Апчевска, ТИЕ ДОЈДОА ОД ЦЕНТАРОТ НА СВЕТОТ на Дина Дума и КОЛИВО на Андреј Волкашин), потоа ВРАЌАЊЕ на Кастриот Абдули, ЏГАН на Вардан Тозија и GIPSY MAGIC на Столе Попов.

Публиката во „Одеон“ во седумте вечери на македонскиот филм ги проследи долгометражните и краткометражните филмови од поновата македонска филмска продукција кои, главно, се преокупирани со социјално-општествени теми. Социјалната нишка, судбините на луѓето на дното на општеството, недоразбирањето на филмските јунаци со светот околу себе – семејствата, сопружниците, пријателите, институциите – но и оној надворешен свет, надвор од границите на земјата, секако дека се блиски теми и за гледачите во Бугарија. Затоа публиката на отворањето на Неделата на македонскиот филм во „Одеон“ и на сите други проекции реагираше со многу симпатии за филмовите на македонските автори. Тоа недоразбирање на „малиот човек“, како негова судбина на вечен губитник, беше сосем разбирливо за гледачите во „Одеон“.

Leave a comment