Во Кинотеката на Македонија од 18 до 23 февруари ќе се одржи Недела на иранскиот филм. Станува збор за филмови од поновата иранска продукција, од еминентни ирански режисери, директори на фотографија и познати актерски имиња кои имаат значајно место во светската кинематографија и имаат освоено голем број фестивалски награди.

Неделата на иранската кинематографија ќе започне на 18 февруари во 20 часот со проекција на филмот „Децата на рајот“ (1997) во режија на Маџид Маџиди. Во рамките на филмската програма ќе бидат прикажани и филмовите: „Кафетерија на границата“ (2005) во режија на Камбузиа Партови (19 февруари), „Не се замарај!“ (2013) на Мохсен Гараи и Афшин Хашеми (20 февруари), „Каде ми се чевлите?“ (2016) во режија на Киумарс Порахмад (21 февруари), „Не се срами“ (2018) во режија на Реза Магсуди (22 февруари) и „Каде е куќата на мојот пријател?“ (1987) во режија на Абас Кијаростами  (23 февруари).

Програмата се реализира со поддршка од Амбасадата на Исламската Република Иран во Скопје во соработка со Кинотеката на Македонија.

НЕДЕЛА НА ИРАНСКИ ФИЛМ

18 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

ДЕЦАТА НА РАЈОТ

(Bacheha-Ye aseman / Children of Heaven)

Игран филм, Иран

1997, 87 мин., колор, ДВД

Режија: Маџид Маџиди (Majid Majidi)

Сценарио: Маџид Маџиди (Majid Majidi)

Улоги:  Амир Наџи, Бахаре Седики, Фереште Сарабанди, Фарук Хашемиан, Нафисе Џафар-Мохамади (Amir Naji, Bahare Seddiqi, Fereshte Sarabandi, Farrokh Hashemian, Nafise Jafar-Mohammadi)

Малиот Али ќе ги однесе чевлите на својата сестра кај чевлар, на поправка. Тој е мошне одговорно и сериозно младо момче – неговите родители можат да се потпрат на него, сестричката му се доверува, а и на училиште е трудољубив и дете за пример. Но, враќајќи се накај дома од кај чевларот, ќе ги загуби чевлите и неговото секојдневие станува мошне комплицирано. Стравувајќи дека ќе бидат казнети од родителите, Али и Захра нема да ја пријават загубата на чевлите, туку заедно ќе ги носат неговите патики – таа претпладне на училиште, а тој попладне, откако сестрата ќе се врати дома. Но колку долго ќе ја кријат оваа „шема“ од родителите? Има и една надеж: доколку Али освои трето место на трката во која ќе се натпреварува, ќе добие уште еден чифт патики. Филмските критичари го опишаа овој филм на Маџиди како иранска верзија на КРАДЦИ НА ВЕЛОСИПЕДИ (1948) на Де Сика.

19 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

КАФЕТЕРИЈА НА ГРАНИЦАТА

(Café Transit / Border Café)

Игран филм, Иран / Франција / Турција

2005, 107 мин., колор, ДВД

Режија: Камбузиа Партови (Kambuzia Partovi)

Сценарио: Камбузиа Партови (Kambuzia Partovi)

Улоги:  Фереште Садре Орафај, Первиз Параштуи, Никос Пападопулос, Свиета Микалишна, Вантос Константинос (Fereshteh Sadre Orafaiy, Perviz Parastui, Nikos Papadopoulos, Svieta Mikalishna, Vanthos Konstаntinos)

Тврдоглавата Рејхан по смртта на својот сопруг ќе посака повторно да ја отвори кафетеријата на границата каде што се среќаваат Европа и Азија, порано управувана од нејзиниот маж. Во патријахалната средина, во која владее традиција на неподдржување на финансиска независност и иницијативност кај жените, таа мора да се бори и да се избори за своето право на избор. Конзервативниот девер на Рејхан е воедно и најголем непријател на нејзините напори за самостојност, бидејќи тој сака да ја ожени и да ја донесе дома како втора сопруга. Рејхан е упорна и наскоро, благодарение на нејзините кулинарски способности, кафетеријата ќе стекне углед и редовни посетители. Еден од нив е и грчкиот камионџија Закарио, со кој ќе заснова пријателство кое ветува помош за излез од моменталната егзистенцијална криза. Филмот на Камбузиа Партови има добиено повеќе награди на меѓународни фестивали.

20 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

НЕ СЕ ЗАМАРАЈ!

(Khasteh Nabashid! / Don’t Be Tired!)

Игран филм, Иран

2013, 93 мин., колор, ДВД

Режија: Мохсен Гараи, Афшин Хашеми (Mohsen Gharaie, Afshin Hashemi)

Сценарио: Реза Миркарими, Мохамад Реза Рад (Reza Mirkarimi, Mohammad Rezaee Rad)

Улоги:  Фарзад Багери, Гога Бајат, Џафал Фатеми, Хесам Махмуди, Јадола Шадемани (Farzad Bagheri, Ghogha Bayat, Jafal Fatemi, Hesam Mahmoudi, Yadollah Shademani)

Роман и Марјам се постара брачна двојка која живее во Канада. Смртта на нивниот син оставила голема неискажана болка, но и многу лутина и чувство на вина кои тлеат потиснати во нивниот однос. Иако по потекло се Иранци, Марјам уште од деството нема стапнато во родната земја, се чувствува отуѓено, а веќе и јазикот не го разбира. Доаѓањето во Иран и за двајцата е претставува потрага по идентитетот. За да не скитаат сами во непознатото, во ова патешествие им помагаат двајца млади момци, од кои само едниот едвај зборува англиски. Мирјам со никого не може да се разбере и ништо не ѝ чини. Роман, пак, со своите помирливост и авантуристички дух, постојано истражува, се запознава со нови луѓе и ситуации. Така и ќе се изгуби во еден лавиринт од подводни канали, и со тоа нивното патување ќе се претвори во трагикомично препородувачко искуство.

21 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

КАДЕ МИ СЕ ЧЕВЛИТЕ?

(Kafashhayam koo / Where Are My Shoes?)

Игран филм, Иран

2016, 100 мин., колор, ДВД

Режија: Киумарс Порахмад (Kiumars Poorahmad)

Сценарио: Фарид Мостафави, Киумарс Порахмад (Farid Mostafavi, Kiumars Poorahmad)

Улоги:  Реза Кијанијан, Маџид Мозафари, Роја Нонахали, Мина Вахид, Шагајег Фарахани (Reza Kianian, Majid Mozaffari, Roya Nonahali, Mina Vahid, Shaghayegh Farahani)

Хабиб Кавех има проблеми со меморијата. Заборава како да се врати дома, почнува да живее во минатото, воопшто не е свесен кој е и колку време изминало од  настаните и ситуациите коишто повторно, секојдневно ги преживува. За него, колку што може, се грижи семејството на брат му, бидејќи ќерката и сопругата на Хабиб одамна се иселени од земјата. Но, еден ден во неговиот живот повторно се враќа неговата ќерка Бита, сега возрасна, а Хабиб не ја препознава. На девојката ѝ е јасно дека татко ѝ има Алцхајмерова болест и ќе реши да остане, да се грижи за него. Пополека ја разоткрива причината зошто нејзините родители се разделиле, но и зошто биле оневозможени од страна на двете семејства – она на татко ѝ и она на мајка ѝ, повторно да воспостават контакт и да се смират. Дури и мајката на Бита, поранешната сопруга на Хабиб ќе се врати да се грижи за него. Но, за Хабиб времето застанало пред многу години, и тој сè уште верува дека жената и сопругата ги изгубил, а овие две „нови“ жени во неговиот живот не ги препознава и тешко ги прифаќа.

22 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 19:00 ч.

НЕ СЕ СРАМИ

(Khejalat nakesh / Don’t Be Embarrassed)

Игран филм, Иран

2018, 90 мин., колор, ДВД

Режија: Реза Магсуди (Reza Maghsoudi)

Сценарио: Афра Џураблу, Реза Магсуди (Afra Jourablou, Reza Maghasoudi)

Улоги:  Ахмад Мехранфар, Шабнам Могадами, Сем Деракшани, Линда Кијани, Елназ Хабиби (Ahmad Mehranfar, Shabnam Moghadami, Sam Derakhashani, Linda Kiani, Elnaz Habibi)

Ганбар и Санам се веќе „во години“. Односно, нивните деца се возрасни, веќе омажени и оженети, имаат и внуци, и од нив, на оваа возраст, се очекува мирно и без многу стресови да си ја дочекаат староста. Така барем се живее во нивното село на северот од Иран. Но Санам ќе открие дека забременила и тоа сосем ќе ја исфрли од колосек. Го обвинува својот сопруг за „срамната“ ситуација, крие од блиските и од соселаните, не знае како да им каже дека детето што сè уште не го родила ќе биде, всушност, помладо од нејзините внуци. Во селото не стивнуваат озборувањата, очигледно е дека Ганбар и Санам постојано се караат, но на луѓето не им е јасно зошто. Нивните караници наликуваат на флерт помеѓу двајца млади, а на сите им е јасно дека овие двајца се сè уште во љубов, како на помлади години. Следуваат низа инциденти, недоразбирања и комични ситуации во кои запаѓаат не само Ганбар и Санам, туку и целото нивно семејство.

23 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 18:00 ч.

КАДЕ Е КУЌАТА НА МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ?

(Khane-ye doust kodjast? / Where Is The Friend’s Home?)

Игран филм, Иран

1987, 83 мин., колор, ДВД

Режија: Абас Кијаростами (Abbas Kiarostami)

Сценарио: Абас Кијаростами (Abbas Kiarostami)

Улоги:  Бебек Амедпур, Амед Амедпур, Кодабакш Дефаеи, Иран Оутари, Аит Ансари (Bebek Ahmedpoor, Ahmed Ahmedpoor, Khodabakhsh Defaei, Iran Outari, Ait Ansari)

Осумгодишниот Ахмед е вчудовиден кога ќе забележи дека по грешка дома ја донел тетратката на своето другарче од училиште. Тој ги познава строгите правила на училиштето – доколку некое од децата не донесе тетратка со напишана домашна задача, ќе го избркаат од училиштето или ќе го казнат. Другарчето живее во друго село и совесниот Ахмед ќе тргне во непознатото – да ја најде неговата куќа и да му ја врати тетратката, за овој да не биде казнет и тоа не по негова вина. По долго талкање, запознавање нови луѓе, други улици и делови од градот, Ахмед се враќа дома, не успевајќи да го „спаси“ другарчето од казна. Дури и родителите се лути што не се прибрал навреме, па и тој е сега казнет заради „непослушност“.

Во сета таа ситуација, гладен, измрзнат, загрижен и растргнат од чувство на вина, Ахмед ќе сети дека сепак има надеж да го спаси пријателот. Како?

 

One comment

Leave a comment