Мексиканската кинематографија е една од најстарите во светот. Мексико е меѓу првите држави во кои со голем ентузијазам се снимаа подвижни слики, и со подеднакво голем интерес истите се следеа во киносалите. Токму заради тоа огромно творештво, и искусната и бројна публика, денес ние од Кинотеката на Македонија можеме да им позавидиме, но и да им се восхитуваме на колегите од Мексико – бидејќи тие ги имаат едни од најбогатите филмски архиви во светот.

Благодарение на тие, подвижните слики и аудиовизуелните материјали, ние на Балканот знаеме – или поточно кажано, „мислиме“ дека знаеме за Мексико, дека го „познаваме“ Мексико.

Пред повеќе од четири децении, во рамките на привте филмски циклуси што тогаш новоформираната Кинотека на Македонија ги организираше во Младинскиот културен центар, беа прикажани и четири мексикански филмови. „Златниот петел“ (El Gallo de Oro, 1964) на Роберто Гавалдон, и „Малкерида“ (La Malquerida, 1949), „Макловија“ (Maclovia, 1948) и „Еден ден живот“ (Un Dia de Vida, 1950) на легендарниот Емилио Фернандез. Циклусот требаше да ја претстави кинематографијата на Латинска Америка, и содржеше по еден наслов и од другите држави на континентот. Но мексиканските филмови преовладуваа, а имаше и зошто.

Постарите генерации паметат еден културолошки феномен, изнуден од политички турбулентните времиња кога СФРЈ бараше источно-западни пријателства, неколку децении пред гореспоменатиот филмски циклус. Имено, филмот со „Мама Хуанита“ (тоа би бил вистинскиот дистрибутерски наслов на „Еден ден живот“, според патосот во кој истоимената песна од филмот ги фрли домашните народни маси) предизвика цел бран, поточно цунами од пеачи и групи кои создаваа музика по „теркот“ на мексиканската, претежно на некој од јазиците на тогашната СФРЈ. Така и ние во Македонија си добивме свој бенд и музика во овој новосоздаден југо-мексикански мелос.

Како и да е, во таа 1980 година кога Кинотеката ги прикажуваше филмовите, публиката имаше впечаток дека повторно се среќава со блиска на себе култура, сродна, позната, братска.. И тука повторно ќе ја изнесам констатацијата од погоре – сето тоа е благодарение на филмот, на сликата во движење. Но оттогаш, за волја на вистината, мексиканската кинематографија ретко беше присутна во нашите киносали. Во рамките на некој фестивал најчесто, како копродукциски производ, но и препакувана како холивудски производ – ако така можеме да ги наречеме наградуваните и глобално познатите филмски наслови на цела генерација успешни мексикански режисери (Инариту, Куарон, Дел Торо, па и Родригез, зошто да не?).

Со оваа Недела на современ мексикански филм што е пред нас се надевам дека нештата ќе ги поместиме во позитивна насока. Дека оваа соработка со Амбасадата на Мексико во Белград нема да биде само еднократна, туку ќе прерасне во долгорочен проект кој ќе ни овозможи почесто, ако не и редовно следење на филмското производство на Мексико. Дека филмската уметност, желбата и потребата да се погледнат добри филмови, од една кинематографија, земја „блиска“ до нас и нашиот сензибилитет, иако географски далечна.

Најпосле, ме интригира и радува помислата дека, благодарение на оваа филмска ревија, денес македонската публика повторно ќе има можност да „усвои“ и „присвои“ сегменти од мексиканската култура кои понатаму можеби ќе пуштат корен во оваа наша македонска културна почва. Слично како и во времето на „Мама Хуанита“.

Драга кинотекчна публико, ви посакувам пријатни проекции,

Владимир Ангелов

Остави коментар