Топли чорапи и студено срце: Дали да се победи сентименталната поетичност, и зошто не?

 

Стојан Синадинов

 

Се сеќавате ли на онаа досетка од пред неколку децении, која извлекуваше оценки за карактерот на личноста според најпростата асоцијативност, а гласеше вака: „Фин како да е од Финска, добар како доберман, и поштен како да работи во пошта?“

Без разлика на можната недоветност на воведната досетка, колку, сепак, современиот фински филм е фин? Всушност, колку современите фински филмови ги третираат, анализираат, детализираат и провоцираат општествените и политички текови во Финска?

Судејќи според изборот на насловите за Неделата на современ фински филм, се работи за кинематографија со префинет стил (ова веќе не е досетка). Но, да одиме по ред.

Инстант преглед

Финската кинематографија, како и останатите европски и повеќето светски кинематографии, ја дели судбината на економијата и политиката на земјата. Според податоците,  финската економија до почетокот на 90-те години од минатиот век беше во голем пад. Со оглед на тоа дека кинематографијата  во тој период не била приоритет на владите во земјата – кои се главниот финансиер на филмската продукција – такви биле и резултатите: потпросечни, со повремени малипроблесоци.

Финскиот филм во последниве три децении има сосем поинаков потенцијал. Колку што за тоа е заслужен економскиот бум на Финска на премиот на двата милениуми –  само наведувањето на компанијата „Нокиа“ ќе биде доволен аргумент – толку и фокусирањето на модерни теми го враќа интересот на публиката за домашни филмови. Оттогаш продукцијата на филмови се движи околу 30 наслови годишно, а вербата во финскиот филм ја враќаат автори како Марку Полонен, Аули Мантила и Јармо Лампела (Markku Pölönen, Auli Mantila, Jarmo Lampela), кои екранизираат популарнитеми, кои варираат од Втората светска војна до портретирање наживотитена познати личности. Ритамот од триесеттина долгометражни продукции годишно, од кои шест-седум се документарни, е задржан, а бројката на продадени кино-билети во земја со 3,5 милионска популација последниве години надминува 2 милиони.

Сепак, две имиња и обезбедуваат престиж на финската кинематографија во изминативе децении. Тоа се браќата Мика и Аки Каурисмаки (Mika Kaurismäki, Aki Kaurismäki), кои со нивната филмска естетика се позиционираати како водечки европски автори. Претставувањето на современата финска кинематографија пред неколку години во нашиот регион одеше под мотото „Да се биде свој“: тоа, веројатно, е најточната дефиниција не само на филмовите на браќата Каурисмаки, туку и на поновата финска кинематографија.

Во тој контекст можеби треба да се спомене дека НАЈСРЕЌНИОТ ДЕН ВО ЖИВОТОТ НА ОЛИ МАКИ (Hymyilevä mies) на Јухо Куосманен (Juho Kuosmanen) беше меѓу најдобрите европски филмови во 2016 година, а ТОМ ОД ФИНСКА (Tom of Finland) во режија на Доме Карукоски (Dome Karukoski) во 2017 година. Првиот е црно-бел филм за боксерскиот меч за светски првак во 1962 година, снимен во посебен клуч кој ја избегнува шаблонизацијата на спортско-историскиот жанр, а вториот е хроника на животот на еден од најпознатите геј-уметници во Финскакој до тој статус дошол преку стекнување популарност во САД.

Семејство, секс , идеологија

Што нуди селекцијата на неделата на современиот фински филм?

Најпрвин, тоа што веднаш се забележува е авторскиот пристап: во сите филмови режисерите се и автори на сценаристичката предлошка. Темите кои се застапени во овој филмски избор се најчесто распадот на семејството, што би се рекло,по сите основи: емоционални, социјални, идеолошки… Тој актуелен „социјален ДНК“ на финското општество  е формиран во вителот на транзицијата на конзервативните средини од традиционалност во модерност изминативе децении, но финските автори имаат поширок ракурс на гледање, па затоа овој избор го содржи и потресниот долгометражен документарец НЕПРОСТЕНО на Ларс Фелдбал Петерсен, кој се занимава со воените ужаси во Босна и Херцеговина. Има и зошто, но за тоа подолу во овој осврт.

Потоа, главната импресија од филмовите во овој избор е „мекото“ раскажување на сите автори, дури и кога станува збор за сурови (и сирови) теми. Има еден мал детаљ, можеби банален, но тој ги поврзува сите играни филмови, освен УСПИВАЧОТ (главно снимен во екстериери и хали)  и документарецот НЕПРОСТЕНО (снимен во друга земја). Во сите ентериери што претставуваат домови,ликовите одат облечени во топли чорапи (наместо влечки, како што е најчест обичај на овиепростори, или обувки, како во Западна Европа и САД). Тоа се должи на стилот на живот во финските станови, во кои дрвото е масовно присутно и е најчестата метафора за топлина на домот. Но, од друга страна, тотален контрапункт со емоционалното студенило во распаднатите или семејствата во распад (МАЛО КРИЛО, ЗАКОНОТ НА ЗЕМЈАТА, ЅВЕЗДЕНИ МОМЧИЊА), осамените личности (ЗЕМЈА НА ЧУДАТА) и перверзните идеолошкиопсесии (УСПИВАЧОТ, НЕПРОСТЕНО).

Од тие проблеми не се амнестирани ниту најмладите. Напротив, затоа и во МАЛО КРИЛО и ЅВЕЗДЕНИ МОМЧИЊА, стории во класичен coming of ageжанровски клуч (драми за одраснувањето), тие проблеми се и најизразени. Во НЕПРОСТЕНО, пак, адолесценцијата е само еден мал изговор за подоцнежната животна калварија со трагични последици какви што не може да замисли нормалниот човеков ум.

Анатомија на злото

Ако топлите комфорни чорапи од горните редови изгледаат како небитен детаљво функција на пренагласена компарација, тогаш во МАЛО КРИЛО на Селма Вилхунен, на пример, ќе го забележите податокот дека и финските семејства, посебно ако се еднородителски, одвај врзуваат крај со крај кога станува збор за финансиите. Сторијата за 12-годишното девојче Варпу, само започнува како симпатична coming of age драма: понатамошниот тек е слоевита студија за самоспознавањето во тинејџерска доба, штознае да биде особено тешко. И мачно. Девојчето тргнува на пат, со украден автомобил – децата брзо учат, ха-ха!–и со нејасна мисла, но цврста намера, да го пронајде биолошкиот татко кој одамна ја напуштил. Вилхунен, веќе авторка со номинација за Оскар за краток филм во нејзинотопортфолио, ја води реалистичната приказнасо многу сензибилност, а нејзиниот централен лик може да се набљудува (и) како лакмус за однесувањето на номинално постарите, зрели личности.

НЕПРОСТЕНО на Ларс Петерсен

Во НЕПРОСТЕНО на Ларс Фелдбал Петерсен, потврден документарен автор, сведочиме на делумно обратна постапка. Сторијата го прати 35-годишниот Есад Ланџо, осуденик на Хашкиот трибунал за воени злосторства, кој по издржувањето на затворската казна од 15 години, полека се интегрира во финското општество. Тоа општество му пружило шанса да стане одговорен граѓанин, Есад се оженил, но злосторствата што ги правел како 19-годишно момче не му даваат мир.

Работејќи со неколку психијатари во долгиот процес на социјална, но и морална реконвалесценција, Есад носи одлука да се врати во Босна, да се соочи со преживеаните жртви од логорот Челебиќи, каде што бил бескрупулозен и садистички настроен чувар. Во средбата со неговите родители не го добива „благословот“ за неговата мисија од таткото, чии аргументи се дека до сега никој од српската страна во Босна и Херцеговина не се извинил за сторените злосторства. Есад продолжува во неговата намера, и сведочиме на ретко видена средба на мачителот со неговите жртви, кои му ги изнесуваат пред очи не само нивните,сè уште живи рани, физички и емоционални, туку го потсетуваат и на страдањата на оние што не сакаат да го видат Есад. Како и на оние што не можат да го видат, бидејќи се мртви.

НЕПРОСТЕНО е ретка документарна студија за анатомијата на злото, изведена во оптималниот баланс на емоциите и рационалноста. Ако добро ни е позната банализацијата на злото според дефиницијата на филозофката Хана Арент –случајот со главниот организатор на холокаустот Адолф Ајхман, кој за време на судскиот процес во Израел упорно тврдел дека тој бил само „обичен“ службеник на режимот на Хитлер, без физичко присуство во било кој нацистички концентрационен логор –во НЕПРОСТЕНО се работи за „несвесноста“ за чинењето зло на едно момче со одвај навршени 19 години. Ќе му биде ли простено? А дали вие би простиле ако ви вршеле тортура како што сведочат жртвите?

Сентиментална поетичност

УСПИВАЧОТ на Тиму Ники, пак, низ алегоријата за кучињата како луѓе – и луѓето како (бесни) кучиња –загатнува неколку актуелни социјално-политички трендови, од отуѓеност до фашизам, филувани со садо-мазохистичка деструкција, перверзност… Главниот лик Вејо од сиромашно предградие ги сака животните и илегално работи како успивач на болните кучиња и мачки. Има дарба да ја разбере животинската душа, а кога станува збор за луѓето, се раководи од максимата дека секој треба да п(л)ати онолку колку што нанел страдање на другите.

Вејо во УСПИВАЧОТ драматуршки е извајан како своевиден еко-анархист, но на многу поинаков начин од главната хероина на чешкиот филм ТРАГИ (POKOT, 2017) на Агњешка Холанд (Agnieszka Holland), дефинирана како еко-терорист. Суровоста во УСПИВАЧОТ е далеку посилна, но дали е и бесмислена? Светот на црната душа на Вејо се преплетува со мазохизмот на медицинската сестра Лота, која го негува неговиот болен татко и профашистичките изливи на Петри,механичар кој станува муштерија на Вејо. Но, муштерија не само за успивање на кучето кое не го сака повеќе, туку и на кроење на неговата судбина, по мерка на Вејо.

ЗАКОНОТ НА ЗЕМЈАТА на Јуси Хилтунен

Првите асоцијации на критичарите за ЗАКОНОТ НА ЗЕМЈАТА на Јуси Хилтунен се вртат околу жанрот на вестернот, класификувајќи го како арктички вестерн на модерното доба. Финската кинематографија пред неколку години изнедри костимиран вестерн од 19 век со голема популарност кај публиката – БЕШЕ ЕДНАШ НА СЕВЕРОТ (HARMA, 2012) на Јука-Пека Сили (Jukka-Pekka Siili). Филмотна Хилтунен ја има таа добро позната иконографија. Добро, со оглед на климата на границата меѓу Финска и Норвешка на крајниот север, во ЗАКОНОТ НА ЗЕМЈАТА наместо коњи има моторни санки и џипови, но еден од ликовите постојано го врзува шалот, како заштита од студениот воздух, токму како каубојска марама. Таа „микро посвета“ на вестернот е само детаљмеѓу стандардните пушки shotgun, чиј звук на репетирање е најсличен на винчестерките од вестерните на нашата младост, и на генерациите пред нас…

Хилтунен не пропушта ниту една прилика, а да не употреби ефектна пејзажна иконографија (дроновите денес се технолошки лесно достапни), во завидно визуелно стилизираната приказна. Таа приказна се усложнува со откривањето на крвната врска меѓу локалниот криминалец, неговиот соперник и полицискиот инспектор пред заминување во пензија. И сè води кон уште една „Пресметка кај О.К. коралот“, со многу мраз, но не во чашата со виски, туку наоколу, а поприлично и во душите на главните јунаци.

ЅВЕЗДЕНИ МОМЧИЊА на Виса Коисо Кантила можеби започнува како тинејџерска драма за одраснувањето на две момчиња, Веса и Карло, слично на МАЛО КРИЛО, но подоцна се развива во стилот на филмскиот хит  КОЛЕКТИВИТЕТ (KOLLEKTIVITET, 2016)на данскиот автор Томас Винтерберг (Thomas Vinterberg). Неблагодарно е да се тврди дека некој млад режисер е под влијание на познат(и) автор(и), но тоа е таа стара приказна.

Влијанието на Ингмар Бергман на протагонистите на скандинавскиот филмски бран, започнат како Догме филм (вклучувајќи ги Винтерберг, Ларс фон Трир), но и на филмовите на браќата Мика и Аки Каурисмаки задфинската граница, е неспорен. Шведската теоретичарка Александра Лутхандер го поврзува Аки Каурисмаки со Бергман преку неговата меланхолична поетичност.  И нема ништо лошо во тоа, напротив:на Бергман, пак, влијаеле скандинавските драматичари Аугуст Стриндбер, Хенрик Ибзен, потоа Георг Бихнер…

Кај Кантила има сцена во која разузданите родители на момчињата и нивните пријатели, опиени од „благодатите“ на сексуалната револуција во 80-те години, по свинг-терапијата во сауна, голи влетуваат во езерските води. Но таа директна посвета на Винтерберг во ЅВЕЗДЕНИ МОМЧИЊА е далеку поексплицитна во сликањето на жртвите на транзицијата на финското општество од конзервативно во модерно: било да се работи за урбанизација – при што се рушат малите дрвени бараки за да им направат место на модерните згради – било да се работи за сексуална револуција, која на трагичен начин ги руши табуата за бракот.

И ЗЕМЈА НА ЧУДАТА е дел од фасцинацијата на финските автори со семејството. Инари Ниеми е втора режисерка во овој избор, но нејзиното видување на обидот за спасување на распаднатиот брак најмалку треба да се гледа (само) како случај од родовите студии.

Нејзината хероина Хелена, штотуку разведена жена во средни години која е во паничен страв сама да го дочека Божик, па оди со пријателите на една фарма, на прв поглед изгледа како клише. Уште повеќе кога Хелена ќе развие нова сентиментална врска. Но,повторно, нејзината Хелена е само почетна драматуршка точка од која се развиваа неколку паралелни емоционално-брачни бродоломи, токму за Божик, и токму во идиличната божикна атмосфера на финското село.

Химнична илустрација на чувствата на Хелена е евергринот „Et si tu n’existais pas“ („Ако не постоиш ти“) на Жо Дасен (Joe Dassin). Кога сме кај споредбите, сосем случајно, но и сосемоправдано, таа песна како лајт-мотив ја користи и грчкиот режисер Александрос Авранас  (Alexandros Avranas) во неговиот најнов, и одличен, филм LOVE ME NOT (2107). Со оглед на истата година на производство, двата филма не можеле да си влијаат еден на друг.

Може ли да победи сентименталната поетичност? Погледнете ги овие филмови, и ќе видите…

 

Leave a comment