Септемвриската програма во Кинотеката со насловите од Деновите на рускиот филм, во соработка со „Ленфилм“ од Санкт Петербург, се „прелева“ и во првите денови од октомври. Проекцијата на документарниот филм ПАТОТ НА ЛОКУМОТ на Елизабета Конеска и Роберт Јанкулоски на почетокот на октомври, како и годинешното издание на ЕТНОФФ – ФЕСТИВАЛ НА СТУДЕНТСКИ ЕТНОГРАФСКИ ФИЛМ, им го отвораат патот на филмските сладокусци кон визиите на новите автори.

Се работи за 4. издание на Меѓународниот ФЕСТИВАЛ НА ДЕБИТАНТСКИ ФИЛМ „КИНЕНОВА“ 2019. Годинешното издание во 10 дена ќе понуди 20-тина наслови во неколку програми, кои ќе се обидат да откријат нови имиња на хоризонтите на балканската, европската и светската кинематографија.

 

Посебен „локум“ за филмофилите ќе биде програмата на италијански реставрирани филмови во рамките на НЕДЕЛАТА НА ИТАЛИЈАНСКИОТ ЈАЗИК ВО СВЕТОТ 2019. Осумте наслови од оваа програма се вистински ремек-дела на италијанската кинематографија во распон од почетокот до крајот на 20 век. Циклусот започнува со црно-белиот КАБИРИЈА на режисерот Џовани Пастроне (Giovanni Pastrone), снимен во 1914 година: Овој филм е раритетен во светската кинематографија како прв филм прикажан во Белата куќа во Вашингтон, САД. Проекцијата ќе биде проследена со музика во живо во изведба на пијанистот Марио Маријани (Mario Mariani) од Италија, со што ќе се обидеме да доловиме дел од духот на ерата на немиот филм.

Неделата на италијански реставрирани филмови ги содржи и дебитантскиот филм на Бернардо Бертолучи, МРАЧНИОТ ЖЕТВАР од 1962 година, но и неговиот можеби најконтроверзен филм, ПОСЛЕДНО ТАНГО ВО ПАРИЗ, реализиран една деценија подоцна. Во Неделата на италијански реставрирани филмови ќе можеме да го видиме и новиот живот на класичните дела на големите мајстори на филмот како ТОЛКУ СЕ САКАВМЕ и ТЕРАСАТА на Еторе Скола (Ettore Scola), ИТАЛИЈАНЦИ ДОБРИ ЛУЃЕ на Џузепе де Сантис (Giuseppe De Santis), ЦРВЕНИОТ ТЕРЕН на Нани Морети (Nanni Moretti), како и првиот американски филм на браќата Паоло Тавијани и Виторио Тавијани (Paolo Taviani, Vittorio Taviani), ДОБРО УТРО, ВАВИЛОН.

Редовната соработка со Институтот Гете на програмата ни ја носи потресната семејна драма ТУЃИНКАТА на германската авторка Фео Аладаг (Feo Aladag).

Академскиот киноклуб од Скопје годинава слави 60 години. Тој јубилеј е повод за прорама во две вечери: Првата вечер ќе биде прикажана селекција на филмови од членовите на „АКК-Скопје“, направени од неговото основање до денес, а втората вечер ќе бидат презентирани кратки филмови на долгогодишните филмски пријатели на „АКК“ од „ГФР филм-видеоклубот“ од Пожега, Хрватска.

Во октомври ќе имаме можност да се потсетиме и на ГОДИНА НА МАЈМУНОТ, најновиот филм на Владимир Блажевски, а на 31 октомври во Кинотеката ќе го одбележиме и Светскиот ден на аудиовизуелното наследство.

Октомври го финишираме со Деновите на современиот јапонски филм. Четирите наслови од поновата продукција го покажува интензитетот со кој јапонската кинематографија жилаво го одржува чекорот со актуелните технолошки и жанровски трендови во светскиот филм, но не заборавајќи да нè потсети и на старите приказни од традицијата на Далечниот Исток.

Чудни се патиштата на локумот, но, богами, уште почудни се оние на филмот…

Стојан Синадинов

 

Leave a comment