Стојан Синадинов

„Сè ќе си дојде на своето“ е реченицата која, веројатно, е често употребувана во мексиканската кинематографија во втората половина на минатиот век. И, глеј, со почетокот на новиот милениум работите навистина си дојдоа на своето место: мексиканската кинематографија повторно стана една од најпочитуваните во светското филмско семејство. Или, во најлош случај, еден од најбогатите и најквалитетните расадници на филмски автори кои последнава деценија и пол циклично загосподарија на церемониите на доделувањето на Оскарите во Холивуд, Златните палми во Кан, Златните лавови во Венеција…

Историјата на мексиканската кинематографија го бележи нејзиниот почеток со ентузијастичко снимање документарни филмови кон крајот на 19-от век, а хроничарите потоа потенцираат три „златни ери“. Првата „златна ера“ е периодот од 20-те до 50-те години на минатиот век, кога мексиканската кинематографија е меѓу најпродуктивните и најквалитетните во светот, со редица автори и актери кои стекнале голема популарност кај публиката. Марија Феликс, Долорес дел Рио и Педро Инфанте ( María Felíx, Dolores del Río, Pedro Infante) се меѓу најзвучните имиња од тој период.

Втората „златна ера“ датира од самиот почеток на новиот милениум, со таканаречените „Тројца амигоси“ („Three Amigos “) – Алехандро Гонзалес Ињариту, Алфонсо Куарон и Гиљермо дел Торо (Alejandro G. Iñárritu, Alfonso Cuarón, Guillermo del Toro). Минатата година Гиљермо дел Торо го освои Златниот лав во Венеција за ОБЛИКОТ НА ВОДАТА (The Shape Of Water), а Алфонсо Куарон ја освои Златната палма  на годинешниот Кански фестивал со РОМА (Roma).

Алфонсо Куарон е првиот мексикански режисер (и првиот Латиноамериканец воопшто) кој добил Оскар за режија во 2014 г. за филмот ГРАВИТАЦИЈА (Gravity). Алехандро Г. Ињариту, пак, не само што во неговата филмографија ги има ремек-делата ЉУБОВТА Е КУЧКА (Amores Perros) и ВАВИЛОН (Babel), туку во 2015 и 2016 година последователно го освои Оскарот за најдобар филм со ЧОВЕКОТ-ПТИЦА (Birdman) и ПОВРАТНИКОТ (The Revenant).

Сепак, сериозните проследувачи на мексиканската кинематографија не ги забораваат и Карлос Рејгадас, Себастијан Хофман, Хулио Чавезмонтез, Херардо Гатика, Алберто Муфелман (Carlos Reygadas, Sebastian Hofmann, Julio Chavezmontes, Gerardo Gatica, Alberto Muffelmann)… Но, тука е и актерската ѕвезда Гаел Гарсија Бернал како режисер (МУЗЕЈ/Museo/Museum, 2018 г.).

Третата „златна ера“, всушност, е новата генерација автори чии кариери и тематски преокупации се преплетуваат со оние на пославните „Тројца амигоси“. Авторите, пак, на шесте наслови од НЕДЕЛА НА МЕКСИКАНСКИ ФИЛМОВИ ја продолжуваат мисијата на мексиканската кинематографија во 21-от век.

Ако мелодрамата е заштитниот знак на првата „златна ера“, а жестоката социјална драма, најчесто ситуирана во криминалното подземје, во втората „златна ера“ на мексиканската кинематографија, тогаш адутите на новите амигоси варираат во жанровските определби и тематски инспирации. Не им е страна ниту комедијата ниту, пак, лесните стории кои се занимаваат со обичниот човек како централен јунак во филмот. Тој и таков јунак обично е ставен во некаква необична ситуација која ги раѓа поголемите или помали атавизми на егзистенцијализмот: делумна ментална попреченост (ПОЛОВИНАТА НА СВЕТОТ/La mitad del mundo/ Middle of the World), геронтофобија (СТУДЕНТОТ/El estudiante/The student), преиспитување на личните ставови (ВО ПАПОКОТ НА НЕБОТО/En el ombligo del cielo/ In the navel of heaven), економската емиграција (ЗЕМЈАТА НА ТИШИНАТА/En la Estancia/ The Land of Silence), ксенофобијата (ДОБАР ДЕН, РАМОН/Guten tag, Ramón)…

Од друга страна, пак, единствениот документарец во овој избор, СИФРАЖЕТКИТЕ (Las sufragistas) е толку потребното камче во мозаикот за општествено-политичкиот моментум на латиноамериканската жена во 20-от и 21-от век. СИФРАЖЕТКИТЕ не се занимава само со плачливата варијација на темата за женските права, туку и за димензијата на одговорноста на жената од позиција на политичка моќ.

„Тројцата амигоси“ веќе одамна не се осамени во походот на мексиканската кинематографија низ светот. Еве прилика да запознаеме некои од нивните наследници…

 

Остави коментар