Ако ја „преживеете“ Ноќта на вештерките (која се слави во ноќта на 31 октомври) и ниту едно костимирано дете не ве исплаши; и ако – вие мажите! – веќе сте наумиле да не ги бричите мустаќите од едукативни причини (Movember), тогаш ви преостанува само да и се препуштите на ноемвриската програма во Кинотеката на Македонија. Ќе има што да видите!

Пред десетина дена во Ниш, Србија, се одржа втората Меѓународна колонија на филмската критика. Меѓу авторите во фокусот на учесниците на колонијата беше и Пол Шредер, култниот американски сценарист (ТАКСИСТ, РАЗБЕСНЕТИОТ БИК) и режисер (АМЕРИКАНСКИ ЖИГОЛО, ЛУЃЕ МАЧКИ). Еден интересен факт од биографијата на Шредер е повеќе од обична тривијалност: тој е одраснат во семејство на калвинистички свештеник и посетувал средно верско училиште, за да биде наследник на татко му. Шредер за прв пат влегол во кино-сала на 18 години: духот во кој дотогаш растел и се образувал проповедал воздржување од овоземските животни радости и наслади, макар тие биле и визуелни, преферирајќи ги конзервативните должности на ревносните верници.

Иако првиот одгледан филм не му оставил некој посебен впечаток, Шредер сепак отишол во кино уште еднаш. Па уште еднаш, па уште еднаш… Дипломирал на калвинистичкиот колеџ, а потоа се запишал на постдипломски студии на филмската школа на Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес. Почнал да пишува филмска критика и теориски студии, потоа и сценарија за филмови какви што сакал да гледа. Останатото е дел од современата историја на филмот, но и своевидна поука дека колку и да се обидувате да ги заплашувате луѓето, пред сè младите, со разни етички, морални и идеолошки „вештерки“, љубопитноста не можете да ја сопрете. Затоа, негувајте ја!

Филмската програма на Кинотеката на Македонија за ноември е одличен повод за тоа, полна како (кино)око. Четирите филмски циклуси – јужнокорејски, дански, босанскохерцеговски и шпански филмови – и останатите наслови ветуваат и образование и забава. Данската и јужнокорејската кинематографии се претставена со најновите остварувања на нивните автори, од шпанската ќе видиме современи дела, но и два класични наслови од пред половина век, додека, пак, кинематографијата на БиХ се претставува со веројатно најдобриот избор на сите времиња: Емир Кустурица, Данис Тановиќ, Вељко Булаиќ, Бато Ченгиќ и Ивица Матиќ. Седно што последниве двајца се одамна починати, а Кустурица, Тановиќ и Булаиќ не можете да ги соберете во иста зграда, а камо ли да ги седнете на иста маса (заради политичко-идеолошките разлики), еве пет филмски бисери од таа земја. Не постои бадијала изреката „Жити земјата (кинематографијата) што ја нема Босна!“.

Па, повелете во Кинотеката…

(Програмата на Кинотеката_за_ноември во ПДФ формат можете да ја симнете овде)

Leave a comment