На денешната конференција за новинарите беше претставена програмата на четвртото издание на Интернационалниот фестивал на дебитантски филм „КинеНова“, кој годинава ќе се одржува од 05 до 13 октомври во Кинотека. Исклучок е единствено отворањето на фестивалот во киното „Милениум“ на 04 октомври, со филмот-победник на годинашното издание на фестивалот во Карлови Вари, „Таткото“ на бугарскиот тандем Катерина Грозева и Петар Валчанов.

Игор Анѓелков, програмски селектор (лево) и Небојша Јовановиќ, директор на КинеНова

Седумте филмови во официјалната селекција од кои на крајот жирито ќе ги избере најдобрите, надополнети со неколку возбудливи споредни програми, се вистински мамец за филмските сладокусци и оваа година да го посетат фестивалот и да уживаат во понудената порција од совршени филмски колачиња.

Балканската кинематографија во последниве години е таа која дава некои од највозбудливите авторски имиња, а меѓу нив рамноправно фигурираат и почетниците, оние со прв или втор авторски филм зад себе. Токму таквата ситуација и го детерминираше изборот фокусот во официјалната селекција да биде ставен токму на неколку нови и свежи во својот пристап балкански филмски остварувања, кои веќе зад себе имаат и неколку фестивалски награди. Од ценетата грчка кинематографија доаѓа филмот „Сожалување“ на Бабис Макридис, сценаристички потпишан од Ефтимис Филипу, соработникот на предводникот на т.н. „чуден бран“ во грчкиот филм, Јоргос Лантимос. Потентната бугарска кинематографија ни го „подарува“ неверојатниот филм „Прасето“ на храбриот Драгомир Шолев, „Шевови“ на Мирослав Тадиќ е достоен репрезент на српската кинематографија, додека „Алекси“ на Барбара Викариќ е претставник на новиот хрватски „женски“ бран во филсмката уметност.

По минатогодишниот апсолутен „КинеНова“ победник, „Блискост“ на Кантемир Балагов, руското ново кино годинава на фестивалот достојно ќе го претставува прекрасниот „Човекот кој ги изненади сите“ на двоецот Наталија Меркулова и Алексеј Чупов.

kinopoisk.ru

Од секогаш возбудливата јужноамериканска кинематографија, од Бразил ни доаѓа симпатичниот „Сократес“ на Алешандре Морато, кој отворено зборува за ЛГБТ темата, а за жанровско збогатување на понудата во официјалната конкуренција, годинава „КинеНова“ нуди и еден документарен филм, германскиот „Љубовен автомобил“ на Елкe Леренкраус, приказна за ноќните дами крај еден автопат на северот од земјата.

 

Покрај овие седум исклучителни остварувања во трка за наградите, фестивалот продолжува со  претставување на возбудливи автори од современата турска кинематографија, па годинава гостинка е наградуваната Јесим Устаоглу, потоа, тука се и петте филма кои се дел од „Лукс“ наградата на Европскиот парламент, вклучувајќи ги и двете македонски остварувања, „…Петрунија“ и „Медена земја“, како и пост-фестум проекциите од современата унгарска кинематографија.

 

Секако, не смее да се заборави и специјалната проекција на контраверзниот документарен филм „Путиновите сведоци“ на Витали Мански, минатогодишен победник на фестивалот во Карлови вари.

Сè на сè, од програмски аспект, четвртото издание на „КинеНова“ ќе биде едно од оние, незаборавните. Се гледаме на проекции на одлични филмски остварувања.

Leave a comment