Од денес на платформата Cinesquare Кинотеката го прикажува документарниот осврт на првите пет години од формирањето на НРМ (Народна Република Македонија) [ЛИНК]. Филмот, снимен 1950 година, е меѓу прво настанатите документарни репортажи на продуцентската куќа „Вардар филм“, основана само две години пред тоа.
ПЕТ ГОДИНИ НРМ, снимен според сценарио на Коле Чашуле, а во режија на Киро Билбиловски, ги разгледува придобивките и набројува успесите реализирани во младото повоено општество. Филмот содржи пет независни целини, но меѓусебно поврзани, во кои можат да се видат кадри од првите театарски, оперски и балетски претстави, првиот Конгрес на КПМ, наслови од дневниот печат, работа на фабрики, хидроцентрали, бачила, градилишта, училишта, земјоделски и сточарски задргуги, болници, итн, како и тогашни уметнички дејци, раководни кадри на државата, делови од Скопје, Охрид, Лазарополе, итн.
Овој црно-бел филм трае 48 минути, а нараторот ги води гледачите низ сите битни сегменти од општествениот и индустриски развој на новоформираната Народна Република Македонија во петте години по Втората светска војна.
Изминати се 70 години од снимањето на ПЕТ ГОДИНИ НРМ.

Leave a comment