Скопје филм фестивал (СФФ) во рамки на својата годинешна програма ја одбележува и стогодишнината од раѓањето на книжевникот, филмски сценарист и режисер, Славко Јаневски (Скопје, 11.1.1920 – 20.01.2000).

По тој повод во рамките на СФФ во летното кино „Мирно лето“, утре (вторник, 15 септември), во 21 часот  ќе биде прикажан неговиот краткометражен игран филм „Давид, Голијат и петел“. Оваа програма се реализира заедно со Кинотеката на Северна Македонија и во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Славко Јаневски е раскажувач, романсиер, поет, филмски сценарист, есеист и сликар. Еден од основачите на современата македонска книжевност и автор на првиот роман на стандарден македонски јазик, „Село зад седумте јасени“ (1952). Бил уредник е на првиот весник за деца „Пионер“, потоа главен уредник на списанието за деца „Титовче“, на списанијата за литература и уметност „Нов ден“ и „Современост“, на литературниот весник „Хоризонт“ и на хумористично-сатиричниот весник „Остен“. Во меѓувреме работи како уредник во издавачките куќи „Кочо Рацин“, „Наша книга“ и „Македонска книга“. Автор е на книги за деца, патеписна проза, збирки раскази, романи, поезија и филмски сценарија.

Јаневски е сценарист на 6 долгометражни играни филмови. Добитник е на две „Златни арени“ за сценарио, за филмовите Волча ноќ  (1955) и Македонскиот дел од пеколот (1974) на филмскиот фестивал во Пула. Член на МАНУ од нејзиното основање во 1967 година. Добитник е на наградите и признанијата АВНОЈ (1968); 11 Октомври; на Струшките вечери на поезијата (СВП); 13 Ноември, награда на градот Скопје; Рациново признание и наградата Мирослав Крлежа.

ДАВИД, ГОЛИЈАТ И ПЕТЕЛ

Македонија, 1960, 21 мин.

Режија и сценарио: Славко Јаневски, улоги: Кирил Ќортошев, Димитрие Бужаровски

Скитникот е гладен, а детето има петел. За да ја оствари својата цел, да се најаде, скитникот му го зема петелот на детето. Но, поради тагата на детето, скитникот се премислува и детето е повторно со својот пријател. „ И доброто и злото му се вродени на човекот, а ти суди што повеќе му лежи“ (од ненапишаните Голијатови псалми).

Можеби е интересно да се напомене дека детето во филмот го игра Димитрие Бужаровски, подоцна познат композитор и професор на Факултетот за музички уметности. Останатите членови од креативниот тим на овој краток игран филм се: Директор на фотографија: Киро Билбиловски; Монтажа: Драгомир Панков; Директор на филм: Благоја Ангеловски; Музика: Властимир Николовски; Сценографија: Диме Шумка; Тон: Јордан Јаневски.

Програма на СФФ за вторник (15 септември)

19:00h ЕМА (2019)

Режија: Pablo Larraín, Chile 102 min.

21:00h ДАВИД, ГОЛИЈАТ И ПЕТЕЛ/DAVID, GOLIATH AND A ROOSTER    (1960)

Режија: Slavko Janevski, Macedonia, 21 min.

21:20h А БРОДОТ ПЛОВИ/AND THE SHIP SAILS  (1983)

Режија: Federico Fellini  Italy/France, 128 min.

Сите проекции се бесплатни. 

Детален распоред на програмата: http://www.skopjefilmfestival.com.mk/ и ФБ страницата https://www.facebook.com/Skopje-Film-Festival-57369102877/

Leave a comment