Со премиерата на првиот долгометражен игран филм на режисерката Марија Џиџева – „Втора шанса“, в среда во кино „Милениум“ ќе биде отворен 22. Скопски филмски фестивал кој до 25 април ќе прикаже 50-ина филмови во неколку програми.

Македонско-српската копродукција „Втора шанса“, кој работно беше насловен „Жртва“, испреплетува приказни за три жени кои се обидуваат да ја пронајдат смислата на постоењето и секоја од нив се соочува со свои лични демони, обидувајќи се да ја зачува својата хуманост. Една од главните женски улоги ја игра српската актерка Мирјана Карановиќ, заедно со Даниела Ивановска и Наталија Теодосиева, а машките ликови ги играат Данчо Чеврески, Денис Абдула и Златко Митрески.

Годинашниот Скопски филмски фестивал ќе има 50-ина филмови во: гала-програма; програма на европски филм; панорама на светски филм; кратки филмови, документарни филмови; македонска продукција; денови на квир кино за ЛГБТ заедницата; фокус на францускиот филм и ретроспектива на актерот Мето Јовановски.

Меѓу филмовите во атрактивната гала-програма е премиерата на „Фаренхајт 11/9“ на Мајкл Мур кој овојпат се занимава со политичкото влијание од победата на Трамп, како и новиот филм на Емир Кустурица „Ел Пепе, еден возвишен живот“ посветен на поранешниот уругвајски претседател Хозе „Пепе“ Мухика, потоа „Тврдина“ на Игор Зајцев – филм за владеењето на Петар Први, „Хотел Мумбаи“ на Антони Марас за терористичките напади во Мумбаи во 2008 година и новиот филм на иранскиот режисер Џафар Панахи – „Три лица“.

Во рамките на Скопје филм фестивал во Кинотеката ќе биде прикажан и омажот на култниот македонски филмски актер Мето Јовановски. Од богатата филмографија на Мето Јовановски, на СФФ се избрани осум филма со познатиот актер: „Бел, бел свет“; „Евреите доаѓаат“; „Засега без добар наслов“; „Кога ќе се раздени“; „Куќа покрај пругата“; „Ливада“, „Пресуда“ и „Тетовирање“.

18 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 21:00 ч.

КОГА ЌЕ ОСАМНЕ ДЕНОТ

(Kad svane dan / When Day Breaks)

Игран филм, Србија

2012, 95 мин., колор, ДСП

Режија: Горан Паскаљевиќ (Goran Paskaljević)

Сценарио: Филип Давид, Горан Паскаљевиќ (Filip David, Goran Paskaljević)

Улоги: Мира Бањац, Мето Јовановски, Зафир Хаџиманов, Предраг Ејдус (Mustafa Nadarević, Mira Banjac, Meto Jovanovski, Zafir Hadžimanov, Predrag Ejdus)

Филмот е приказна за Миша Бранков (Надаревиќ), професор по музика во пензија, кој случајно го открива своето потекло. На местото во Белград, каде што некогаш бил нацистичкиот логор за Евреите во Втората светска војна, градежни работници наоѓаат лимена кутија со документи кои во 1941 година ги закопал затвореникот Исак Вајс. Професорот дознава дека неговите биолошки родители се Вајс, кои пред да бидат одведени во логорот го дале на чување на семејството Бранков. Во лимената кутија се наоѓаат и партитурите на недовршената музичка композиција што ја компонирал Исак Вајс.

Трагајќи по вистината за своето потекло, професорот Миша ја истражува и малку познатата вистина за логорот Сајмиште во кој биле сместени Евреите (Judenlager Semlin), еден од најстрашните нацистички собиралишта во средиштето на Белград. Една од опсесиите на Миша е и да ја доврши започнатата композиција на својот татко Исак и да ја изведе на местото на некогашниот логор. По низа перипетии, и успева во тоа…

КОГА ЌЕ ОСАМНЕ ДЕНОТ премиерно беше прикажан на Интернационалниот фестивал во Торонто, а беше и српски кандидат за Оскар во 2012.

Возрасна категорија: За сите возрасти

Влезница: 50 денари

19 АПРИЛ (ПЕТОК), 21:00 ч.

ПРЕСУДАТА

(Съдилището / The Judgment)

Игран филм, Бугарија / Хрватска / Германија / Македонија

2014, 107 мин., колор, ДСП

Режија: Стефан Комендарев (Stephan Komandarev)

Сценарио: Стефан Комендарев, Марин Дамјанов (Stephan Komandarev, Marin Damyanov)

Улоги: Асен Блатечки, Ованес Торосјан, Ина Николова, Предраг Мики Манојловиќ, Мето Јовановски (Assen Blatechki, Ovanes Torosian, Ina Nikolova, Predrag ‘Miki’ Manojlovic, Meto Jovanovski)

Мито Петров (Блатечки) живее заедно со 18-годишниот син Васко (Торосјан) во сиромашен крај на тромеѓето меѓу Бугарија, Грција и Турција. Сопругата е почината, а Мито останал без работа во мандрата каде што се произведувало млеко, и без парите потребни да го отплаќа кредитот за куќата.

Очаен поради безизлезната економска ситуација, Мито ја прифаќа понудата на неговиот поранешен војнички командир, капетанот (Манојловиќ), да криумчари бегалци од Сирија преку границата кои ги транспортира во цистерната за млеко од поранешната фирма. Рутата за криумчарење минува покрај планинскиот превал наречен Пресудата, кој крие мрачни тајни од минатото на Мито. На тоа место во 1988 година, како војник, на заповед на капетанот, Мито  застрелал момче и девојка од Источна Германија (тогаш сè уште во комунистичкиот Источен блок) кои сакале да пребегнат во Турција…

ПРЕСУДАТА го отвори Интернационалниот филмски фестивал во Софија во 2014, каде што победи, а освои и дузина други домашни и меѓународни награди.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 50 денари

20 АПРИЛ (САБОТА), 21:00 ч.

ЗАСЕГА БЕЗ ДОБАР НАСЛОВ

(Za sada bez dobrog naslova / A Film with No Name)

Игран филм, Србија

1988, 89 мин., колор, ДСП

Режија: Срѓан Карановиќ (Srđan Karanović)

Сценарио: Срѓан Карановиќ (Srđan Karanović)

Улоги: Мето Јовановски, Мира Фурлан, Соња Јаќоска, Чедомир Оробабиќ (Meto Jovanovski, Mira Furlan, Sonja Jačovska, Čedomir Orobabić)

Кон крајот 80-тите на Косово на брутален начин е прекината љубовната врска меѓу Албанка (Јаќовска) и Србин (Оробабиќ): роднините на Албанката го кастрираат Србинот…

Филмски режисер од Белград (Јовановски) доаѓа на Косово со камера за да направи филм за „косовските Ромео и Јулија“ и сака да ги сними учесниците во настанот, нивните семејства, работата на истражните органи… Приказната се одвива низ неколку слоеви кои се преплетуваат во мешавина од драма и црна комедија, заменувајќи ја реалноста со фикција и обратно, и ја најавува подоцнежната ексалација на политичките судири на Косово и крвавиот распад на Југославија. ЗАСЕГА БЕЗ ДОБАР НАСЛОВ на некој начин го навестува и феноменот на реалното шоу, кој во тој период беше тотално непознат медиумски жанр на овие простори.

Драмскиот лик на режисерот (кој и во филмот има македонско потекло) користи официјални телевизиски записи и лични видеоснимки, обидувајќи се да сними игран филм за учесниците во оваа немила случка. Ја ангажира познатата актерка (Фурлан) да го игра ликот на Албанката (Јаќоска), која во меѓувреме открива дека останала бремена. Од друга страна, продукциската куќа не сака да го финансира филмот во форма каква што ја замислил режисерот, па неговиот авторски обид добива несакани политички импликации.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 50 денари

 21 АПРИЛ (НЕДЕЛА), 19:00 ч.

ЛИВАДА

Игран филм, Македонија

1998, 35 мин., колор, 35 мм

Режија: Митко Панов

Сценарио: Митко Панов, Русомир Богдановски

Улоги: Мето Јовановски, Јосиф Јосифовски, Флора Кадриу

Приказна за пријателството меѓу двајца мажи кои очигледно многу се разликуваат. Едниот е доктор, христијанин, додека другиот е селанец, муслиман. И на едниот и на другиот работата им е сè.

Кога поради здравствени проблеми селанецот не ќе може повеќе да ја коси ливадата, тој решава, и покрај противењето на докторот, да го стори тоа. Косењето на ливадата е кобно за селанецот кој умира, а работата на ливадата ја завршува докторот…

ЛИВАДА доби награда на фестивалот во Клермон-Феран (Франција). Инаку, Митко Панов е единствениот македонски режисер – добитник на „Златна палма“ во Кан, за краткиот игран филм СО КРЕНАТИ РАЦЕ (With folded hands) во 1991.

Возрасна категорија: За сите возрасти

Влезница: 50 денари

 22 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

БЕЛ, БЕЛ СВЕТ

(Beli, beli svet / White White World)

Игран филм, Србија

2010, 121 мин., колор, ДСП

Режија: Олег Новковиќ (Oleg Novković)

Сценарио: Милена Марковиќ (Milena Marković)

Улоги: Уликс Фехмиу, Јасна Ѓуричиќ, Небојша Глоговац, Мето Јовановски, Хана Селимовиќ (Uliks Fehmiu, Jasna Đuričić, Nebojša Glogovac, Meto Jovanovski, Hana Selimović)

Приказната се одвива во рударскиот град Бор во источна Србија, некогашен симбол на социјалистичкиот просперитет, а денес симбол на економска пропаст и социјална безнадежност. Амбиентот во кој се случува филмот е пропаднатата соц-реалистичка архитектура, а ликовите се жителите од социјалната периферија без иднина.

Во такво мрачно милје се случува фаталната љубовна врска меѓу некогашниот боксер со прекар Крал (Фехмиу) и младата и убава девојка Роса (Селимовиќ). Роса живее со дедо ѝ Црни (Јовановски), а заплетот настанува кога од затвор излегува мајка ѝ Ружица (Ѓуричиќ). Ружица очекува повремена љубовна милост од Крал, поради кого и отишла на робија, бидејќи го убила сопругот кога тој дознал дека му била љубовница на Крал, инаку негов пријател…

Ружица се обидува да ја прекине врската меѓу Крал и Роса и да внесе позитивни промени во својот живот вработувајќи се како фризерка. Веста дека Роса е трудна е вовед во вистинска античка трагедија, откако Ружица ќе му каже на Крал кој е вистинскиот татко на Роса.

БЕЛ, БЕЛ СВЕТ жанровски спаѓа и во мјузикл од брехтовски тип, а ја имаше премиерата на Фестивалот во Локарно, каде што актерката Јасна Ѓуричиќ ја доби наградата „Сребрен леопард“ за најдобра женска улога. Филмот беше претставен на десетина фестивали, меѓу кои и на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 50 денари

23 АПРИЛ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

ЕВРЕИТЕ ДОАЃААТ

(Jevreji dolaze / The Jews Are Coming)

Игран филм, СР Југославија

1992, 100 мин., колор, ДСП

Режија: Првослав Мариќ (Prvoslav Marić)

Сценарио: Првослав Мариќ (Prvoslav Marić)

Улоги: Младен Андреевиќ, Мето Јовановски, Лилјана Биќанин, Слобода Ќустиќ, Предраг Ејдус (Mladen Andrejević, Meto Jovanovski,Ljiljana Bićanin, Slobodan Ćustić, Predrag Ejdus)

Во Нови Сад, Војводина, во тек се подготовките за театарската претстава што ќе ја изведат членовите на Сојузот на слепи лица. Претставата се подготвува во соработка со Матицата на иселениците, а поводот е доаѓањето на група Евреи од САД, чии предци потекнуваат од Југославија. Американските Евреи пристигнуваат во Војводина за да го посетат местото каде што страдале членовите на нивните семејства за време на погромот врз Евреите во 1942 година и нивното транспортирање во логорите на смртта на нацистичка Германија.

Замислено е дејствието на претставата да се одвива според автентичните приказни на сведоците кои го преживеале погромот. Но, иницијаторите и организаторите на оваа приредба всушност манипулираат со слепите лица, користејќи ги со цел да ги трогнат пристигнатите Евреи и да добијат што поголеми парични донации од нив…

Возрасна категорија: 16 години

Влезница:  50 денари

24 АПРИЛ (СРЕДА), 20:00 ч.

ТЕТОВИРАЊЕ

(Tattoo)

Игран филм, Македонија

1991, 132 мин., колор, 35 мм

Режија: Столе Попов

Сценарио: Мирко Ковач

Улоги: Мето Јовановски, Александар Чамински, Данчо Чевревски, Кирил Поп Христов, Светозар Цветковиќ, Зоран Цвијановиќ, Јовица Михајловски

Приказната се случува во летото 1989 година за време на умирањето на комунизмот – последниот голем човеков заговор кон Бога. Илија (Јовановски) како да е предодреден да биде во конфликт со официјалните сили што го „штитат“ поредокот, па по една караница со сопругата го напушта домот со единственото нешто што го поседува, празниот куфер. Сакајќи да најде малку мир, оди на железничката станица, каде што им станува сомнителен на двајца полицајци – и,однекои причини, познати само ним, го апсат. Во истражниот затвор, Илија со неколкумина други уапсени во истиот ден, се третирани како криминалци. Илија, свесен за својата невиност, не може да се согласи со тоа и со право очекува да биде ослободен, меѓутоа истражната постапка се оддолжува, и тој се соочува и ги преживува сите „финеси“ на затворското живеење во кое, покрај присилата од затворските чувари, затворениците се изложени и на уште една, на свој начин дури и посурова тортура од страна на закоравените криминалци…

ТЕТОВИРАЊЕ имаше голем успех во земјата и на меѓународен план, со текот на времето стана култен филм. Некои реплики од филмот беа употребувани во скопскиот жаргон со децении.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 50 денари

 25 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

КУЌА ПОКРАЈ ПРУГА

(Kuća pored pruge)

Игран филм, Југославија

1988, 108 мин., колор, ДСП

Режија: Жарко Драгоевиќ (Žarko Dragojević)

Сценарио: Жарко Драгоевиќ (Žarko Dragojević)

Улоги: Анѓелка Миливоевиќ, Слободан Бештиќ, Љубиша Самарџиќ, Душица Жегарац, Мето Јовановски (Anđelka Milivojević, Slobodan Beštić, Ljubiša Samardžić, Dušica Žegarac, Meto Jovanovski)

Српско семејство се иселило од Косово од место близу до Подуево и се преселило на периферијата на Краљево во Србија, каде што почнале да градат куќа. Поводот за нивната преселба е трагичен и Станиша (Самарџиќ),решил да ја продаде куќата и да се преселат во Србија.

Иако навидум „свои меѓу своите“, семејството на Станиша живее мизерен живот, не може да ги надмине траумите, а и новото соседство не ги сака премногу. Меѓу ретките луѓе кои им даваат помош е Божо Муња (Јовановски), кој ја води мајката Тиосава кај еден исцелител, Албанец. Станиша добива тужба од соседот дека бесправно гради, па по судирот со милицијата завршува в затвор. Ќерката Косовка се обидува да развие нормален сентиментален однос со едно момче, но тоа трае сè додека таа не дознае дека била силувана. Се наближува семејната слава, а глава на семејството е стариот дедо Вуксан (Музаферија), кој се обидува да го одржи заедно…

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 50 денари

 

Leave a comment