На првата прес-конференција посветена на 39-тото издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, директорката на Фестивалот, Гена Теодосиевска, најави уште едно богато издание со бројни содржини и новитети.

На прес-конференцијата беше соопштен годинашниот лауреат на „Златна Камера 300“ за животно дело, оскаровецот Роџер Дикинс, а беа претставени и креативните решенија за годинешното издание на Фестивалот, како и новиот слоган кој гласи: „Hats Off“ („Симнуваме капа“), во знак на почит кон традицијата на фестивалот, кинематограферите, градот Битола и публиката.

Зад креативните решенија стои маркетинг агенцијата „Меккен Скопје“, како комуникациски партнер на 39-тото издание на ИФФК „Браќа Манаки“, од каде велат дека инспирацијата потекнува токму од почитта кон сите филмски уметници.

„Нашата инспирација беа безвременските капи на браќата Манаки и градот во кој тие живееле и твореле – Битола. Нашата порака е да покажеме благодарност и почит на нивната работа и работата на сите филмски работници кои земаат учество во Фестивалот. Сакаме да кажеме СИМНУВАМЕ КАПА на сѐ што претставува Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Нашите капи лебдат, паѓаат, се движат или едноставно постојат и се сеприсутни над еден од најпрепознатливите објекти кои го чуваат и негуваат културното наследство во овој град – НУ Завод и музеј – Битола. Нивната метафоричност се трансформира во своевидна илузија и несекојдневна магија, со која всушност ги поврзуваме филмовите.“, велат од „Меккен“.

Фестивалски програми 

Директорката Теодосиевска најави дека од ова издание се зголемува бројот на фестивалски програми,  и оваа година ќе бидат вкупно 14. Таа рече дека годинава има и нови селектори на филмските програми: Марија Џиџева на документарната програма, Даријан Пејовски и Марија Апчевска, како селектори на кратките филмови, како и Слаѓан Пенев, кој ја селектираше програмата „Европски перспективи“.

„Овој Фестивал негувал и ќе негува исклучителни универзални вредности кои филмот како уметност ги содржи во својата онтолошка поставеност, а се огледуваат во нашите програми, што годинава ќе ги имаме 14. Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ многу често е препознатлив и како една специфична и автентична филмска територија, заради искрената почит кон маговите на визуелната креација на филмската уметност, кинематограферите, но и заради непосредноста на која наидуваат сите фестивалски гости“, рече Теодосиевска.

Таа потенцираше и дека овој фестивал е најстариот и прв во светот посветен на креацијата на кинематограферите и реномето треба и понатаму да се гради со присуство на лауреатите и на кинематограферите учесници од главната компетиција Камера 300, како и одржаните мастер-класови на легендите во филмската фотографија.

„Тоа се имиња со кои се создавала светската кинематографија, со цел да се потенцира суштинската определба и смислата на постоењето на овој Фестивал, а тоа би значело неодминлив и незаменлив културен простор на светските кинематографери кои се во фокусот на фестивалот „Браќа Манаки“, како нивен значаен собир во кој тие се вистинските ѕвезди и каде што се вреднуваат нивните креативни дострели и заслужено се наградуваат со нашите традиционални награди. Овој фестивал претставува особено автентична филмска територија, каде што ненаметливо се применува системот на непосредно поврзување на филмските творци, шанса за размена на искуства, диверзитети од мислења и авторски филмски концепти и би рекле вистинско европско национално богатство кое ја продолжува и надградува промоцијата како на македонскиот филм, така и на европската и меѓународната филмска продукција. Ова тврдење се поткрепува со бројните написи во печатените медиуми и репортажи во електронските медиуми од регионот, но и пошироко“, додаде директорката на фестивалот.

„Да се поместуваат границите, не значи да се негира досега направеното, но да ѝ се додаваат различни состојки на една содржина секако дека во една смисла значи промена, но не и отфрлање на позитивните искуства вклучени со години и градени со децении од оние кои ја почувствувале потребата да се основа и да се организира еден ваков фестивал и да се слави филмот во градот на браќата Манаки. „Вкусот“ на таа промена зависи од сензибилитетот на оној кој ја обликува. Тоа сме сите ние, фестивалскиот тим на овој фестивал и вие како наши соработници. Постоењето на оваа симбиоза е неспорно и повеќе од клучно“, рече Теодосиевска.

Филмските професионалци и фестивалот

На прес-конференцијата се обрати и претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија, Игор Иванов – Изи, кој истакна дека асоцијацијата останува посветена на фестивалот.

„Друштвото на филмски работници на Македонија останува посветено на фестивалот „Браќа Манаки“ како негова примарна активност, преку која безмалку четири децении, филмските професионалци, печатот и публиката од нашата земја имаат можност да бидат домаќини и непосредно да комуницираат со самиот крем на седмата уметност. Особено сме горди што години наназад, најголемите светски имиња помеѓу авторите чија задача е кинематографското обликување на највредните филмски остварувања од Светот, без разлика дали потекнуваат од „арт-хаус” ателјеата или пак се производ на големите студија, а го носат белегот на филмот како уметност, поканата да учествуваат или да бидат удостоени со награда на нашиот фестивал ја доживуваат како голема чест и признание за нивната работа. „Браќа Манаки“ годинава го живее своето условно речено „транзициско” издание, за кое очекуваме да мине во најдобро светло и да го најави големиот јубилеј догодина, четириесеттиот „Браќа Манаки“, со кој ние, филмските професионалци од Македонија, очекуваме да започне декада на „ново македонско кино” – раздобје ослободено од политизирање, стигматизација, лажни вредности и злоупотреби. Новите генерации филмски автори и публиката тоа несомнено го заслужуваат, а нашите заложби во соработка со Агенцијата за филм и другите институции од оваа сфера ќе бидат насочени во правец конечно да овозможиме услови за создавање и консумирање филм, според денешните европски стандарди. Не би сакал во иднина, повторно да немаме претставник за Оскар“,  рече Иванов.

Импозантниот опус на Роџер Дикинс

Уметничкиот директор на фестивалот, Благоја Куновски – Доре, рече дека за големината на  годинашниот лауреат на „Златна Камера 300“ за животно дело, големиот британски и светски кинематографер, Оскаровецот Роџер Дикинс, сведочат импозантните бројки од 115 најразлични светски филмски награди и 148 номинации.

„Нашата неколкугодишна упорност да го донесеме во Македонија/Битола, еден од најголемите живи светски кинематографери – Роџер Дикинс, се оствари на наша најголема радост и тоа во годината кога тој конечно стана заслужен освојувач на Оскарот за креацијата во сега веќе новото антологиско дело од неговата богата ризница – BLADE RUNNER 2049. Ние како организатори на фестивалот „Браќа Манаки“, веруваме дека и за публиката и за сите пријатели, доаѓањето на брачната двојка Дикинс во Битола и Македонија, како наши врвни VIP гости, ќе претставува голема чест, огромна радост и гордост. Убедени сме дека ни претстои уште едно супер успешно издание на најстариот светски фестивал посветен на уметноста на кинематограферите, кое годинава ќе го збогати токму најголемата sвезда на 39 „Браќа Манаки“ – Оскаровецот и наш лауреат на Златната Камера 300 за животен опус – Роџер Дикинс“, рече Куновски.

На прес-конференцијата се обрати и Амбасадорот на Обединетото Кралство, Чарлс Гарет, кој изрази задоволство што неговиот сонародник и великан на светската кинематографија, годинава го добива признанието од фестивалот „Браќа Манаки“. „За нас филмот е дел од креативните индустрии, област во која имаме успех. Благодарам што ме поканивте и симнувам капа“, рече амбасадорот Гарет.

Годинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ се одржува од 22 до 29 септември 2018 г. во Битола. Повеќе информации за фестивалот се достапни на www.manaki.com.mk.

Остави коментар