Со филмот „Ана Каренина: Приказната на Вронски“, најновото остварување на  Карен Шахназаров, синоќа (понеделник, 4 февруари) беше отворен Месецот на руски филм насловен „Руска зима” во Кинотеката на Македонија. Поздравните обраќања имаа директорот на Кинотеката на Македонија, Владимир Ангелов и Н. Е. амбасадорот на Руската федерација во Р. Македонија Сергеј Баздникин.

Лилјана Котевска-Плевнеш, Карен Шахназаров, Јордан Плевнеш и Владимир Ангелов

Настанот беше одбележан со доделувањето на почесената титула Doctor Honoris Causa на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА на едно од најзначајните имиња на современиот руски филм и директор на МОСКВА ФИЛМ – Карен Шахназаров, со пригодна  беседа на ректорот Јордан Плевнеш. Ова престижно признание, со кое се вреднуваат врвните достигнувања во областа на аудиовизуелните уметности, досега им е доделено на имиња со светско реноме, како што се  Клод Лелуш (Франција), Маноел Де Оливеира (Поругалија), Јиржи Менцел (Чешка) и Роберт Вилсон (САД). 

Елена Баздникина, Јордан Плевнеш, Владимир Ангелов, Карен Шахназаров, Лилјана Котевска-Плевнеш и Сергеј Баздникин

До крајот на февруари ќе бидат прикажани 25 класични и современи руски филмови, а поводот се 25 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија. „Руска зима: Месец на класичен и современ руски филм“ е организирана од Кинотеката на Македонија, Амбасадата на Руската Федерација во Р. Македонија, „Мосфилм“ и агенцијата за меѓународна соработка Россотрудничество. 

Шахназаров во „Ана Каренина: Приказната на Вронски“ (Анна Каренина. История Вронского/Anna Karenina: Vronsky’s Story), со Елизавета Бојарскаја, Кирил Гребеншчиков и Владимир Илин (Elizaveta Boyarskaya, Kirill Grebenshchikov, Vladimir Ilin) во главните улоги, ја раскажува приказната на Лав Н. Толстој од гледна точка на грофот Вронски. Манџурија во 1904 година за време на руско-јапонската војна: руска воена болница на точките за повлекување во полууништено кинеско село. Шефот на болницата, Сергеј Каренин, дознава дека ранетиот офицер, грофот Вронски, е лицето кое ја уништило неговата мајка Ана Каренина. Без илузии дека ќе добие некакви одговори, Каренин доаѓа кај Вронски и му го поставува прашањето што го мачи целиот живот: што ја натерало неговата мајка да ја премине линијата, да направи прељуба и да изврши самоубиство? По одредено двоумење, Вронски се согласува да ја раскаже приказната за неговата трагична љубов со Ана Каренина, забележувајќи дека луѓето се сеќаваат само на она што го избрале да се сетат. Вронски почнува да ја преиспитува приказната од пред триесет години и конечно сфаќа дека предолг период се наоѓа во минатото…

Преполна сала на проекцијата на „Ана Каренина: Приказната на Вронски“

Заради невидениот интерес за „Ана Каренина: Приказната на Вронски“ во Кинотеката се закажани уште три дополнителни проекции на филмот на Шахназаров.

Денес, пак, Карен Шахназаров во киносалата на Кинотеката одржа мастер-клас за неговата филмска естетика и продукциска работа, споделувајќи дузина лични и професионални искуства во процесот на креирање филмови.

One comment

Leave a comment