Реставрираната верзија на МАКЕДОНСКИОТ ДЕЛ ОД ПЕКОЛОТ и најуспешниот документарец МЕДЕНА ЗЕМЈА на најстариот филмски фестивал во Австрија

На годинешното ВИЕНАЛЕ, најстариот и најдобриот фестивал во Австрија што се одржа од 25.10 до 6.11 во Виена, помеѓу (повеќе од) 250-тина долгометражни филмови од целиот свет, распоредени во шест киносали, во повеќе програмски целини и во каталог од 350 страници, беа прикажани и македонските МЕДЕНА ЗЕМЈА и МАКЕДОНСКИОТ ДЕЛ ОД ПЕКОЛОТ и двата со по две проекции. МЕДЕНА ЗЕМЈА (р. Тамара Котевска, Љубомир Стефанов) беше прикажан на 3-ти во 10:00 часот и на 6-ти во 13:00 часот. Би рекле неатрактивни термини за нашиот филм, но тоа не е така и во Виена на Виеналето каде што и претставите во овие за нас непопуларни термини се полни.

А така беше и на нашиот филм кој го претстави д.н.ф. Самир Љума и самиот изненаден од бројната и веќе расонета публика орна за нови филмски искуства што беше дојдена во десет наутро да го види „еден од најслатките филмови на светот“. И така изненаден изјави дека не „очекувал толкав број на публика и дека проповедта од неговите ликови е секако подобро и посвежо искуство од онаа на неделните миси. “

Не е изненадување што МЕДЕНА ЗЕМЈА беше на Виеналето, МЕДЕНА ЗЕМЈА ги сврте околу прст сите светски фестивали, но за МАКЕДОНСКИОТ ДЕЛ ОД ПЕКОЛОТ, филм на Ватрослав Мимица во продукција на „Вардар филм“  од 1971 година, секако е изненадување. Овој филм беше избран од селекторот Јуриј Меден во програмата О ПАРТИЏАНО – селекција филмови од партизанскиот жанр – што се прикажуваше во ФИЛМСКИОТ МУЗЕЈ. Јуриј Меден секако ја избра најрепрезентативната селекција на партизански филмови не само од Југославија, туку и од Италија, Романија, СССР, Германија, Полска, Чехословачка… Дел од филмовите беа БАЛАДАТА ЗА ТРУБАТА И ОБЛАКОТ на Штиглиц, БИТКА ЗА ПРУГАТА на Рене Клемент, КОРБАРИ на Валентино Орсини, ХАЈКА на Живојин Павловиќ, ИДИ И ВИДИ на Елем Климов, КАНАЛ на Вајда, РИМ ОТВОРЕН ГРАД на Роселини, НЕРЕТВА, КОЗАРА, ВАЛТЕР ГО БРАНИ САРАЕВО, ДИВЕРЗАНТИ… И проекцијата на МАКЕДОНСКИОТ ДЕЛ… која помина во одлична атмосфера во речиси полна сала.

Воведна реч за филмот одржа селекторот Јуриј Меден кој изјави дека овој филм е секако најдобрата филмска копија што ја прикажуваат во оваа селекција, додека Владимир Ангелов, директор на Кинотеката, го приближи филмот на публиката во светло на неговиот прием кај критиката и публиката од 1972 година истакнувајќи дека КОМУНИСТ, гласилото на КПЈ (Комунистичката партија на Југославија) имало негативна критика за овој филм на Ватрослав Мимица, што од денешна гледна точка може да претставува и комплимент. На проекцијата присуствуваше и НИЛ ЈАНГ, познатиот шкотски критичар со чест престој во Австрија кој пишува за „Сајт енд саунд“ и „Холивуд рипортер“ и е дел од жиријата на ФИПРЕСЦИ за сите светски фестивали, и кој по проекцијата се изрази мошне афирмативно за учеството на Кинотека на Виеналето.

Leave a comment