Кинотека на Македонија го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со отворање на изложбата „Мис Стон: Помеѓу Елен и Автономија“ по повод 60 годишнината од премиерата на филмот „Мис Стон“ (1958, р. Жика Митровиќ), прикажувањето на документарниот филм на Лидија Христова за јубилејот, промоција на најновиот број на списанието „Кинопис“ (бр.51/52, 2017/18, финансиски поддржано од Агенцијата за филм на Македонија) и промоција на нова веб-страница на Кинотеката на Македонија.

На бројните гости во Кинотеката им се обрати в.д. директорот Владимир Ангелов, презентирајќи им ја изложбата (која содржи документи, преписки, сценарија, фотографии, книги на снимање, сценографски скици, пропаганден материјал, одгласи во печатот и друг материјал од архивот на Кинотеката), документарниот филм, новата веб-страница и најновиот број на „Кинопис“. Ристе Стефановски, доајенот на македонската театрологија и актер во „Мис Стон“, сподели дел од личните сеќавања за тоа како се снимал филмот.

 

Светскиот ден на аудиовизуелно наследство се одбележува на 27 октомври, но настаните во негова чест се организираат околу овој датум. Одбележувањето на денот го започна УНЕСКО, а потоа го прифатија и презедоа меѓунаародните тела што обединуваат организации и асоцијации на филмски архиви, музеи и институции што се занимаваат со заштита и чување на аудиовизуленото наследство, предводени од Координативниот совет на здруженијата на аудиовизуелни архиви (CCAAA -Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations).

Годинешново мото под кое низ целиот свет се организираат изложби, проекции, предавања и слични настани е „Твојата приказна се движи/е подвижна“.

Кинотеката на Македонија по повод Светскиот ден на аудиовизуелното наследство ја потсети домашната јавност за вредноста и значењето на националното кинематографско наследство и потребата истото да се сочува и пренесе на идните генерации.

 

Остави коментар