Еден од најплодните германски режисери од втората половина на 20 век и предводник на новиот германски филмски бран Рајнер Вернер Фасбиндер (Rainer Werner Fassbinder), во неговиот краток и бурен творечки живот (1945-1982), освен што напишал и режирал трииесетина играни филмови – ЛИЛИ МАРЛЕН (Lili Marlen), БРАКОТ НА МАРИЈА БРАУН (Die Ehe der Maria Braun) и ТВ серијата АЛЕКСАНДАР ПЛАЦ (Berlin Alexanderplatz) меѓу останатите – стигнал да напише и една мала книшка со есеи инспирирани од неговиот земјак Даглас Сирк (Douglas Sirk). Сирк, роден како Ханс Детлеф Сирк (Hans Detlef Sierck, 1897-1987) по доаѓањето на нацистите на власт во Германија заедно со сопругата која била Еврејка емигрира во САД,и во Холивуд станува најмаркантниот автор во жанрот на филмските мелодрами со неговите ИМИТАЦИЈА НА ЖИВОТОТ (Imitation of Life, 1959), ЗАПИШАНО ВО ВЕТРОТ (Written on the Wind, 1956) и ВРЕМЕ ЗА ЉУБОВ И ВРЕМЕ ЗА УМИРАЊЕ (A Time to Love and a Time to Die, 1958).

Пишувајќи за ВРЕМЕ ЗА ЉУБОВ И ВРЕМЕ ЗА УМИРАЊЕ (работен според мотивите на романот НА ЗАПАД НИШТО НОВО на Ерих Марија Ремарк, но сторијата е ситуирана на источниот фронт за време на Втората светска војна), Фасбиндер вели дека многумина би помислиле дека таа љубов не би се случила да не била војната. Но, љубовта се случува(ла) токму заради војната…

 

Што би правеле ликовите од филмовите СО КРЕНАТИ РАЦЕ (Z podniesionymi rekami / With raised hands), ЗЕМЈАЦИ (Comrades), ВОЈНАТА ЗАВРШИ (The War Is Over) или СВЕДОК (I Witness) на Митко Панов (Скопје, 1963) ако нема(ло) војна?  (Овие наслови дополнети со краткиот игран ЛИВАДА/Meadow ќе ги видиме на ревијата филмови во Кинотеката од 8 до 10 декември).

„Стапицата“ е идентична како во мелодрамите на Сирк. Во филмовите на Панов токму војната е „лакмус“ преку кој дознаваме од каков материјал се направени карактерите на ликовите.

Во СО КРЕНАТИ РАЦЕ ЈА СЛЕДИМЕ фиктивната ре-креација на еден вистински настан: депортацијата на Евреите од Варшавското гето во април 1943 година. Филмот ги замислува моментите пред и по снимањето на познатата фотографија од Втората светска војна, на која се жена и дете со кренати раце, дел од бројните жртви Евреи во Полска за време на Втората светска војна.

Во ЗЕМЈАЦИ, познат и под насловот ДРУГАРИ (Comrades), Панов е документаристот кој се враќа во родната Македонија и 15 години по завршување на служењето на воениот рок во некогашната Југословенска народна армија (ЈНА) решава да ги посети неговите некогашни војнички другари, а сето тоа да го забележи во видеокамера. Снимањето на ЗЕМЈАЦИ траело 4 години, а Панов со камерата ги посетува војничките другари во неколку градови во некогашна Југославија, но и низ Европа, каде што некои емигрирале.

Во ВОЈНАТА ЗАВРШИ го следиме семејството Рахмани и нивните три деца, кои за време на НАТО бомбардирањето во Србија 1999 емигрираат во Швајцарија. После неколку години тие се соочуваат со депортација. Фимот е интимна приказна која го поставува прашањето дали добриот човек може да ги издржи притисоците на војна, егзил и депортација? Мотото на филмот е „Најголемата војна е онаа под твојот покрив“.

СВЕДОК е акциона драма за истражител од Хашкиот воен трибунал, полн со ентузијазам, кој е во потрага по правдата. Апсењето на воениот командант Миро Антиќ става крај на потерата долга една деценија која постојано ги фрустрираше неговите гонители од Западот и оставаше да гние едно од најкрвавите поглавја во поновата историја на Европа. Проблемите започнуваат кога истражителот од Хаг доаѓа до клучниот сведок, Никола Радин, познат како Генералот: локалните жители не сакаат тој да сведочи против Антиќ, кого го доживуваат како нивен национален херој. Крвавата потера ќе му даде животна лекција на младиот претставник кој ќе сфати дека постојат многу повеќе нијанси од она што тој сметал дека е „црно и бело“…

Филмологот д-р Атанас Чупоски во есејот Македонската кинематографија по падот на комунизмот за ВОЈНАТА ЗАВРШИ  пишува дека филмот е „…семејна драма целосно реализирана на албански јазик, фокусирана на односот Европа-Балкан, преку приказната за едно семејство косовски имигранти во Швајцарија“. Панов во СВЕДОК „повторно се занимава со преиспитување на односот Европа – Балкан (Македонија), преку приказната за вработен во Хашкиот трибунал што сака да ја истера правдата на Балканот, а се заплеткува во сложените општествени и приватни врски“.

Филмкиот критичар Игор Анѓелков во есејот Балкане мој, со холивудски вкус (осврт кон филмот СВЕДОК) му забележува на Панов „…срамежливо промовирање на сопствените филмови, бидејќи сепак се работи за седмата уметност, која барем во денешната експанзија на (социјални) медиуми и нивното несомнено влијание треба крајно да се експлоатира и искористи во промоција на сопствениот продукт… Иако малку задоцнето, откако кинематографиите од поранешните ју-држави во изминатите две декади снимија еден куп филмови за војната на Балканот во 90-те, Панов сепак е доследен во својата замисла, овој пат вклучувајќи го и Хашкиот трибунал како рамноправен дел од „балканскиот лонец“. Притоа, заплетот е едноставен, хашки стажант е во потрага по сведок на Балканот, откако не можат да обезбедат доволно докази да осудат очевиден злосторник, додека, веќе споменав, расплетот е прилично прозаичен.“

Можеби е интересно и тоа што ЗЕМЈАЦИ, ВОЈНАТА ЗАВРШИ и СВЕДОК (кои може да се гледаат како неформална филмска трилогија), и тематски и продукциски не се врзуваат ја немаат само Македонија како „мизансцен“. Панов можел да ги сними овие филмови такви какви што се снимени токму заради тој факт.

Дипломецот на Филмската школа во Лоѓ, Полска, кариерата ја започна со интернационалниот успех на неговиот студентски филм СО КРЕНАТИ РАЦЕ, со универзално болната тема за холокаустот на Евреите, за кој во 1991 година доби „Златна палма“ во Кан за најдобар краток документарец. Панов продолжи со универзално препознатливи теми и во наредните филмови, паралелно предавајќи филм на неколку Универзитети во САД и Европа.

Кај Панов и не може да биде поинаку…

 

 

Leave a comment