На 2 ноември 2019 година, со почеток во 19 часот, на Факултетот за драмски уметности во Скопје ќе се одржи промоција на книгата „ТВ БОКС: Теоретски прилози и филмско сценарио“ на режисерот Златко Славенски, а во издание на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

 

Книгата го опфаќа истражувањето на авторот кое требаше да биде негов докторски труд на тема: „Адаптација на драмски текст во филмско сценарио“, кој тој не успеа да го одбрани поради неговото прерано заминување. Книгата е сочинета од два дела: теоретски прилози и филмско сценарио „ТВ БОКС“, кое е адаптација на авторот од истоимениот оригинален драмски текст напишан од него и петмина актери кои беа вклучени во целото истражување.

Филмското сценарио „ТВ БОКС“ е резултат на долгогодишното истражување на авторот кое започнува со пишување драмски текст „ТВ БОКС“ и негово вообличување во театарска претстава, потоа адаптирање на истиот во ТВ сценарио и снимање на истоимениот ТВ серијал од пет епизоди и, конечно, адаптирање на драмскиот текст во филмско сценарио „ТВ БОКС“ кое сега излегува од печат. Ваквиот развој и завршница на овој концепт е значаен за пошироката јавност и поради уметничко-истражувачката вредност, но и поради својата отвореност, а книгата останува како трага и сведоштво за извонредно богатиот и сложен екпериментирачки дух на нејзиниот автор.

Промотори на книгата ќе бидат: проф. д-р Сашко Насев, проф. д-р Александар Прокопиев и проф. д-р Небојша Вилиќ.

Leave a comment