Бранко Лустиг (88), најуспешниот филмски продуцент од поранешна Југославија, почина денес во Загреб. По кариерата во загрепскиот „Јадран филм“, обележан со бројни копродукции и филмски сервиси – меѓу кои и оскаровскиот ИЗБОРОТ НА СОФИ на Алан Пакула (1982) и мегапопуларните ТВ серии ВЕТРИШТА НА ВОЈНАТА и ВОЈНА И СЕЌАВАЊА на Дан Кертиз, со ѕвездени екипи предводени од Роберт Мичам, Али МекГроу, Жан-Мишел Винсент, Џејн Симур, кое делумно се снимаа во Хрватска – на почетокот на 90-те замина во Холивуд, испишувајќи ја најбогатата продуцентска кариера на некој Балканец.

Меѓу останатите успеси во кариерата, Лустиг во 1993 доби Златен глобус и Оскар за „Шиндлерова листа“ на Стивен Спилберг, а во 2000 за „Гладијатор“ на Ридли Скот.

Лустиг е роден во Осиек, Хрватска, во 1932, во еврејско семејство. За време на Втората светска војна татко му бил убиен од нацистите, а Бранко и мајка му завршиле во озогласените концентрациони логори Аушвиц и Берген-Белсен. Тој и мајка му го преживеале логорот, но не и неговата баба и други роднини.

Во 1955 дипломирал глума на Академијата за драмски уметности во Загреб, а потоа ја почнал професионалната кариера во загрепскиот „Јадран филм“, со ангажмани во филмски (ко)продукции на просторите на бивша Југославија. Меѓу останатото, тој е и организатор на снимањето на  „СКОПЈЕ ’63“ на Вељко Булајиќ, документарниот филм за постземјотресно Скопје.

Во Македонија повторно работеше на продукцијата на МИРОТВОРЕЦ на Мими Ледер, со Џорџ Клуни и Никол Кидман, што во 1997 се снимаше во охридско-мариовскиот крај, а сервисот беше на „Вардар филм“.

Џорџ Клуни и Мими Ледер на снимање на „Миротворец“

По „Гладијатор“ на Ридли Скот, ги продуцирал и другите негови филмови: „Ханибал“, „Падот на црниот јастреб“, „Небесно царство“, „Добра година“ и „Американски гангстер“. Лустиг пред десет години се врати во Хрватска, каде беше директор на Фестивалот на толеранција – Фестивал на еврејски филм. Во 2014 доби француски орден „Витез на уметноста и книжевноста“, а истата година се најде на листата на 50 најдобри филмски продуценти на сите времиња…

Бранко Лустиг е добитник на наградата „Специјална Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност” на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола и со тоа е член на „Клубот на великаните“ на фестивалот.

…Лето 1997 година. Потписникот на овие редови, тогаш новинар на неделникот „Екран“, заедно со фоторепортерот на „Екран“ Александар Ѓорѓиев и новинарот Јовица Трајковиќ, дописникот на загрепски „Глобус“, „Арена“ и другите изданија на „Еуропапрес холдинг“, заминуваме во прилепски Варош, каде што ја наоѓаме екипата на МИРОТВОРЕЦ. Ни објаснуваат дека следната сцена се снима во мариовско, некаде на патото пред Витолишта. Заминуваме со автомобилот на колегата Трајковиќ, и наидуваме на сетот каде што се подготвува сцената со колоната со камиони со екс-советски војници. Чудно за наши навики од снимањата филмови, сцената лично ја поставува Лустиг со директорот на фотографија и неговите асистенти. Филмскиот кран е подготвен за снимање. Одеднаш со голема брзина се приближуваат три црни „мерцедеси“ од класа „С“ (веројатно спонзори на продукцијата). Од еден излегува режисерката Мими Ледер, од останатите помошниците, асистентите, цела свита… Ледер му приоѓа на Лустиг, Лустиг и вели дека сè е подготвено за снимање на сцената. Ледер извикува „Action!“, камерите зујат (уште беа со филмска лента), по минута и нешто се слуша „Stop!“. Екипата на чело со Ледер си заминува со „мерцедесите“, а екипата предводена од Лустиг ја собира опремата од сетот. Колку што се сеќавам, можеби и не се снимаше дубл?! Веројатно затоа што сè било одлично подготвено.

Но, затоа пак, се сеќавам дека оскаровецот Лустиг на сет беше „обичен“ филмски работник, еднаков со сите останати од филмската екипа. Предводник во буквална смисла на зборот. Слава му!

Стојан Синадинов

 

Leave a comment