Оваа сабота Кинотека и Cinesquare Ви ги прикажуваат првите македонски филмски жирнали, снимени во 1948 година, за потребите од информирање на населението за тековните и актуелни случувања. [LINK] „Филмски преглед“ се серија журнали кои ги подготвувала филмската куќа „Вардар филм“ во периодот од 1948 до 1952 година. Станува збор за мозаик од филмски снимки, сведоштва и репортажи од актуелни случувања во текот на тие први повоени години. Биле прикажувани во кината, пред проекциите на целовечерни филмови, а преку нив граѓаните можеле да се информираат што се случува во земјата, како се одвива и напредува реализацијата на „петолетките“, на градежните потфати и индустријата, потоа сточарски активности и земјоделски сеидби и жетви, функционирањето на образовниот систем, културни и спортски настани, фестивали и паради, дневен печат и просвета, посети на функционери и на странски државници и делегации, политички конгреси и состаноци, итн. Во овие 64 минути, колку што заедно траат сите журнали што во оваа прилика ги следите преку Cinesquare, можат да се видат и делови од Штип, Свети Николе, Лазарополе, Скопје, Моноспитовско блато, Бистра, Дојран, Битола, па дури и контроверзниот судски процес на групата „Јуџел“. Овие информативни прегледи биле и рекламно пано за идеологијата на тоа време, а политичките, етички, еконмски и социјални пораки одекнуваат речиси во секоја репортажа – отворено или помеѓу редови. Првите пет до денес сочувани „Филмски прегледи“ – броевите 2 до 6 од 1948 година- се во режија на Јово Камберски, кој подоцна, во 60-ите, ќе стане и директор на „Вардар филм“. Снимките, како работна задача во правец на документирање на се што тогаш се случувало во републиката, се направени од доајените на македонската камера – Љубе Петковски, Благоја Дрнков, Киро Билбиловски, Кочо Нетков, Трајче Попов, Бранко Михајловски. Ова е историја. Погледнете како некогаш се живеело.

Leave a comment