Кон изложбата „Филмовите што ги сакавме (1947 – 1980)“, дополнета со изложбена поставка со наслов „Македонската кинематографија (1947 – 1991)“

Во педесетите години од минатиот век поточно во 1953 година, се појавува романот ФАРЕНХАЈТ 451 на американскиот писател  на научна фантастика РЕЈ БРЕДБЕРИ.

Романот раскажува приказна за едно антиутописко општество во кое се забранети книгите и секоја книга што ќе се пронајде се пали од владините служби задолжени за тоа. Иако напишан во ерата на Макарти и ловот на вештерки, самиот БРЕДБЕРИ вели дека сепак темата испливала од напливот на медиуми за масовно комуницирање како телевизијата т.е. дека телевизијата го уништила интересот за читање и придонела на читањето да се гледа како на куп факти и полуинформации извлечени од контекст.

Во 1966 ФРАНСОА ТРИФО го снима фимот со истоимен наслов како и литературната предлошка – ФАРЕНХАЈТ 451 со Џули Кристи и Оскар Вернер. Одличен филм врежан во мојата меморија како еден од најдобрите, особено поради последната сцена кога главниот лик ГАЈ ќе се сретне со луѓето што книгите ги учат наизуст за да ги спасат од заборавот.

БУЛГАКОВ пак во триесеттите години во СССР ја пишува втората, но не и конечна верзија на МАЈСТОРОТ И МАРГАРИТА откако првата ја запалил. Романот го пишувал сè до смртта, а бил објавен 25 години откако се упокоил. А, во оваа книга тој вели дека РАКОПИСИТЕ НЕ ГОРАТ, сентенца веќе длабоко прифатена во нашата цивилизација.

Сепак ракописите горат, за жал горат и катедралите како што неодамна можевме да видиме. A 70 проценти од филмовите од немиот период, односно нитратните лесно запаливи филммови, се неповратно изгубени, изгорени може да се рече. Неодамна, во 2010 година беше откриена комплетна верзија на легендарниот филм МЕТРОПОЛИС на ФРИЦ ЛАНГ. Во 2015 година на БУВЈИ ПАЗАР во ПАРИЗ е пронајдена комплетна верзија на филмот ГРАД БЕЗ ЕВРЕИ од 1924 година на ХАНС КАРЛ БРЕСЛЕР. Филм што преку својата приказна го предвидува холокаустот односно дава антиутоиска визија на еден град, конкретно ВИЕНА, и претпоставува што ќе се случи кога една политичка партија ќе одлучи да ги избрка своите Евреи. Самата тема го навестува значајот на овој филм. Пред 10-тина години едно момче, се претстави како Бојан, дојде во Кинотеката и донесе кутија со 33 мм филм – МЕЛИОРАЦИИ ВО КУМАНОВСКА ОКОЛИЈА од 1960 година. Го купил на ЦРВЧЕ ПАЗАР за 100 денари и рече „МИСЛАМ ДЕКА ОВА ТРЕБА ДА СЕ ЧУВА ТУКА“. И еве, првпат јавно му се заблагодарувам на Бојан. На почеток на мојата кариера како филмолог работев на комплетирање на македонската документарна продукција 1947 – 1953 година уништена од поплавата што му претходеше на земјотресот и самиот земјотрес од 1963 година. Голем дел од филмовите успеавме да ги вратиме целосно или делумно. ПО ДОЛИНАТА НА РЕКАТА ВАРДАР, еден од филмовите што се наоѓаат на паноата изложени тука беше само делумно вратен. Недостига дел од звукот на филмот.

Велам, има вистина во тоа дека ракописите или во случајот на КИНОТЕКАТА филмовите не горат, дека понекогаш ќе испливаат на виделина, но за жал некогаш нема. Сепак ние архивите како оној на ПОЖАРЕВАЦ, АРХИВОТ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, КИНОТЕКАТА и архивот на Кинотеката што работи во нејзин состав – срцето на кинотеката – прават сè за да ги спасиме ракописите, документите, фотографиите, филмовите од заборав. Ние, КИНОТЕКАТА со нашата филмска програма, АРХИВИТЕ со нивните изданија, еве и со изложби како оваа, но и со услугите што сите ние ги даваме за да се создаваат ново/стари приказни, правиме сè документите да не бидат само фактографија туку да зрачат ПРИКАЗНИ оттргнати од заборавот.

Leave a comment