Филмската програма во летното кино „Мирно лето“ во периодот на јули, август и септември забележа околу 5.000 посетители!

Со оглед на временските прилики, од 8 октомври (четврток) програмата на Кинотеката се враќа во нејзината добро позната киносала.

Здравствените протоколи за посетителите на Кинотеката ги пропишуваат следниве правила:

– Задолжително e носењето лична заштитна опрема (маска) за сите посетители на киното. Маската е задолжителна за цело времетраење на посетата на киното, во сите простории: хол, тоалет, кино сала за цело времетраење на проекцијата.

– Задолжително е одржување физичка дистанца од 1,5 – 2 метри помеѓу посетителите пред билетарницата, пред влезот во холот, пред влезот во кино салата и евентуално купување на шанкот.

– Не е дозволено стоење и групирање на посетителите од публиката во холот или кино салата.

– Задолжителна дезинфекција на рацете за сите посетители при влез во киното.

– Задолжително мерење на телесната температура на сите посетители при влез во киното.

Билетот се купува на билетарница, задолжително е одржување дистанца од 1,5 до 2 метри, и истото растојание меѓу вработениот и посетителот.

– Задолжително седење само на местото за седење обележано на билетот.

– Користењето на тоалетите е ограничено на максимум двајца посетители во исто време.

 

Во првата половина на октомври филмофилите ќе можат да ја проследат следнава програма:

 

8 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК) 19:00 Ч.

СТУДЕНА ВОЈНА

(Zimna wojna / Cold War)

Игран филм, Полска / Велика Британија / Франција

2018, 90 мин., црно-бел, ДСП

Режија: Павел Павликовски (Pawel Pawlikowski)

Сценарио: Павел Павликовски, Јануш Гловацки (Pawel Pawlikowski, Janusz Glowacki)

Улоги: Јоана Кулиг, Томаш Кот, Борис Шиц (Joanna Kulig, Tomasz Kot, Borys Szyc)

Сторијата на филмот зборува за страсната љубовна приказна меѓу младата и амбициозна пејачка и танчарка Зула (Јоана Кулиг) и музичарот и диригент Виктор (Томаш Кот). Зула излегува од поправен дом и се пријавува на аудицијата на новоформираното културно-уметничко друштво што ги негува традициите на полскиот фолклор веднаш по војната.

СТУДЕНА ВОЈНА освои „Златна палма“ за режија во Кан минатата година и беше еден од најсериозните кандидати за Оскар, со бројни одлични критики низ целиот свет.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

9 ОКТОМВРИ (ПЕТОК) 19:00 Ч.

ПАРАЗИТ

(Gisaengchung/ Parasite)

Игран филм, Јужна Кореја

2019, 132 мин., колор, ДЦП

Режија: Бонг Џун Хо (Bong Joon Ho)

Сценарио: Бонг Џун Хо (Bong Joon Ho)

Улоги: Канг-хо Сонг, Сун-киун Ли, Јео-џеонг Џо (Kang-ho Song, Sun-kyun Lee, Yeo-jeong Jo)

 

Четиричленото семејство Ки-Тек живее во влажен подрумски стан и секојдневно ги гледаат минувачите по тротоарот. Членовите на семејството се невработени, а заработуваат така што склопуваат кутии за пица.

ПАРАЗИТ претставува смеса од повеќе жанрови: црна комедија, социјална драма, сатира, хорор и трилер. Филмот, според зборовите на режисерот, е „комедија без кловнови и трагедија без негативци“. Во 2019 година ПАРАЗИТ ја освои „Златната палма“ на Канскиот филмски фестивал, како прв јужнокорејски филм што се закитил со оваа награда, а триумфираше и како севкупен победник на доделувањето на „Оскарите“.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

10 ОКТОМВРИ (САБОТА) 19:00 Ч.

ОФИЦЕР И ШПИОН

(J’accuse / An officer and a spy)

Игран филм, Франција / Италија

2019, 132 мин., колор, ДЦП

Режија: Роман Полански (Roman Polanski)

Сценарио: Роберт Харис (Robert Harris)

Улоги: Жан Дижардан, Луј Гарел, Емануел Сење (Jean Dujardin, Louis Garrel, Emmanuelle Seigner)

 

Во 1895 година младиот и амбициозен офицер на француската армија Алфред Драјфус е обвинет дека шпионирал во корист на Германија и е осуден на доживотна робија, што треба да ја отслужи на злогласниот Ѓаволски Остров.

Меѓу сведоците на процесот е и полковникот Жорж Пикар, кој неодамна станал шеф на единицата за противразузнавање, која го уапсила Драјфус. Меѓутоа, Пикар открива дека Германците и по затворањето на Драјфус добиваат тајни податоци за француската војска. Во 2019 година ОФИЦЕР И ШПИОН на фестивалот во Венеција доби „Сребрен лав“ и уште три другио награди, меѓу кои и наградата на федерацијата на филмски критичари ФИПРЕСЦИ. Филмот забележа и четири Европски филмски награди и 12 номинации за националната француска филмска награда „Цезар“ (доби 3 награди, меѓу кои и за режија на Полански).

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

13-15 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК-ЧЕТВРТОК), 19:00 Ч.

ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН ФЕСТИВАЛ НА ДЕБИТАНТСКИ ФИЛМОВИ „КИНЕНОВА“

 

 

17 ОКТОМВРИ (САБОТА) 19:00 Ч.

МАРТИН ИДН

(Martin Eden)

Игран филм, Италија/Германија/Франција

2020, 129 мин., колор/црно-бел, ДЦП

Режија: Пјетро Марсело (Pietro Marcello)

Сценарио: Маурицио Браучи, Пјетро Марсело (Maurizio Braucci, Pietro Marcello)

Улоги: Лука Маринели, Џесика Креси, Винченцо Немолато, Марко Леонарди, Денис Сардишо, Кармен Помела, Карло Чеки (Luca Marinelli, Jessica Cressy, Vincenzo Nemolato, Marco Leonardi, Denise Sardisco, Carmen Pommella, Carlo Cecchi)

 

Адаптацијата на познатиот роман на Џек Лондон го прикажува младиот сиромашен морнар кој тежнее да стане писател. Смета дека само на тој начин ќе ја премости класната разлика и ќе може да му се доближи на богатото семејство на неговата вереница Елена. Воден од правдољубивоста, политички се активира како социјалист, но тоа го води во конфликт со буржоаскиот свет на Елена.

За разлика од романот, дејствието на филмот е поместено во Наполи во 70те години од минатиот век. Режијата на Марчело синтетизира стилови на разни епохи. Актерот Лука Маринели за улогата на Мартин Идн ја доби главната награда на фестивалот во Венеција 2019 година. Филмот доби награда и на фестивалот во Торонто (Канада).

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

17 ОКТОМВРИ (САБОТА) 21:00 Ч.

ВИСТИНАТА

(La verité / The Truth)

Игран филм, Франција/Јапонија/Швајцарија

2019, 119 мин., клор, ДЦП

Режија: Хироказу Корееда (Hirokazu Koreeda)

Сценарио: Хироказу Корееда (Hirokazu Koreeda)

Улоги: Катрин Денев, Жилиет Бинош, Итн Хоук, Лудивин Сање (Catherine Deneuve, Juliette Binoche, Ethan Hawke, Ludivine Sagnier)

Фабиен е остарена француска филмска ѕвезда која покрај повременото губење на помнењето, се труди да остане достојна и почитувана. По објавувањето на нејзинитемемоари, нејзината ќерка Лумир досѓа од Њујорк во Париз за да го прослават тој настан.

На средбата по многу години се случува интелигентна и духовита борба на мислења меѓу мајката и ќерката. Лумир ја доведува во прашање прошлоста на нејзината мајка, во биографијата опишана во розеви тонови. Напнатоста во нивниот однос – потцртана со најновата улога на Фабиен во нов научно-фантастичен фим – постепено попушта. Дали ќе се помират?

Камерата е на францускиот кинематографер Ерик Готје, лауреат на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола 2018 година за филмот ПЕПЕЛТА Е НАЈЧИСТО БЕЛО. ВИСТИНА беше учесник на фестивалот во Венеција 2019 година.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

Leave a comment