Продолжуваме со кинотечната програма и во вториот дел од ноември. На програмата главно се европски (ко)продукции од понов датум.

За крајот на ноември и почетокот на декември подготвуваме филмска програма со големо и пријатно изненадување за филмофилите, за што наскоро ќе ве информираме на ова место. Во продолжение и другите наслови:

 

16 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 Ч.

17 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 Ч.

ПРЕВЕДУВАЧИТЕ

(Les traducteurs / The Translators)

Игран филм, Франција / Белгија

2020, 105 мин., колор, ДЦП

Режија: Режис Роансар (Régis Roinsard)

Сценарио: Ромен Компан, Дениел Присли (Romain Compingt, Daniel Presley)

Улоги: Ламбер Вилсон, Олга Кириленко, Рикардо Скамарчо (Lambert Wilson, Olga Kurylenko, Riccardo Scamarcio)

 

Девет луѓе се ангажирани за преведување на ракописот на нова книга, последен дел од многу популарна трилогија. Тие се затворени во еден луксузен бункер и издавачот ги презел сите потребни мерки на претпазливост да не протече некаква информација од толку очекуваниот роман: комуникациски се отсечени од надворешниот свет и одземени им се сите приватни предмети.

Вилсон ја толкува улогата на екстравагантниот писател, кој живее и твори скриен од јавноста. Тој штотуку го најавил преведувањето на третото продолжение насловено „Човекот што не сакаше да умре“. Деветте преведувачи се избрани според неговите строги критериуми и имаат точно дефиниран рок до кога треба да ја завршат задачата…

Меѓутоа, во бункерот ги посетува вџашениот писател-ѕвезда со веста дека првите десет страници од романот се украдени и се објавени на интернет, со што ексклузивноста на издавачкиот потфат е уништена. Објавувачот има и посебна уцена за писателот. Од тој момент работата на преведувачите, која на почетокот изгледала како одлично платен ангажман, се претвора во кошмар. Писателот е подготвен на сè да го открие „кртот“…

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

18 НОЕМВРИ (СРЕДА), 18:00 Ч.

19 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 Ч.

ЛОШО ОДНЕСУВАЊЕ

(Misbehaviour)

Игран филм, Велика Британија / Франција

2020, 106 мин., колор, ДЦП

Режија: Филипа Лоуторп (Philippa Lowthorpe)

Сценарио: Ребека Фрајан, Габи Чјап (Rebecca Frayn, Gaby Chiappe)

Улоги: Кира Најтли, Гугу Мбата-Роу, Џеси Бакли (Keira Knightley, Gugu Mbatha-Raw, Jessie Buckley)

 

Натпреварот за Мис на светот во 1970 година се одржува во Лондон, а домаќин на шоуто е американскиот комичар Боб Хоуп. Во тоа време Мис на светот е најгледано ТВ-шоу во светот со над 100 милиони гледачи…

Тврдејќи дека натпреварите за убавина ги третираат жените како објекти, активистките на новоформираното феминистичко движење за рамноправност на жените ќе ја окупираат сцената и ќе го прекинат преносот во живо на изборот на Мис на светот. Откако шоуто продолжува, резултатот предизвикува вистинска бура: победничка на натпреварот не е фаворизираната убавица од Шведска, туку Мис Гренада. Таа ќе стане првата црнка што ќе ја понесе круната за Мис на светот. За тие неколку часа публиката во светот го следи рушењето на наметнатиот патријархат и западниот идеал за убавина…

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 18 НОЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 Ч.

19 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 Ч.

ОСИЛО  

(WASP Network)

Игран филм, Франција / Шпанија / Белгија

2019, 123 мин., колор, ДЦП

Режија: Оливие Асајас (Olivier Assayas)

Сценарио: Оливие Асајас (Olivier Assayas)

Улоги: Пенелопе Круз, Едгар Рамирез, Вагнер Маура, Гаел Гарсија Бернал  (Penélope Cruz, Édgar Ramírez, Wagner Moura, Gael García Bernal)

 

Кон крајот на 80-тите и раните 90-ти години од минатиот век, бунтовничките групи на кубанските антикомунистички емигранти ситуирани на Флорида започнуваат насилни напади во знак на протест против властодржието на долгогодишниот претседател Фидел Кастро, поставувајќи бомби во хотелите и убивајќи недолжни туристи.

Како одмазда, кубанската влада распоредува елитна група шпиони за да ги разбие терористичките групи одвнатре. На петмина од тие шпиони на крајот им се заканува доживотна казна затвор од американската влада под обвинение за убиства и шпионажа…

Филмот ОСИЛО во 2019 учествуваше на фестивалите во Венеција и Торонто…

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

20 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 18:00 Ч.

21 НОЕМВРИ (САБОТА), 20:00 Ч.

ПОРТИРОТ

(The Doorman)

Игран фим, САД

2020, 97 мин., колор, ДЦП

Режија: Рјухеј Китамура (Ryûhei Kitamura)

Сценарио: Лиор Чефец, Џо Свансон (Lior Chefetz, Joe Swanson)

Улоги: Руби Роуз, Жан Рено, Аксел Хени (Ruby Rose, Jean Reno, Aksel Hennie)

 

Акционен трилер на јапонскиот режисер Китамура, со француската ѕвезда Жан Рено и актерката во подем Руби Роуз (позната од популарната ТВ серија „Портокаловата е новата црна боја“ („Orange Is the New Black“) во главните улоги.

Дејствието на филмот го прати животот на девојката Али (Роуз) која минала строг војнички дрил и по ангажманот во Армијата работи како портирка во зграда во Њујорк.

Таа ќе мора да и се спротивстави на бандата бескрупулозни лопови чиј водач е Виктор Дибуа (Рено). Тие ќе го нападнат семејството во зградата – со кое портирката е посебно спријателена – со цел да ги ограбат уметничките скапоцености кои ги чуваат во станот. Али е единствената што може да им го попречи планот…

Рено го игра главниот негативец во филмот за чиј карактер вели дека е лик од минатото – во душа уметник, а не платен убиец. Неговите постапки не се мотивирани од парите, туку од желбата да поседува вредни уметнички дела: сепак, во остварувањето на тој сон оди по криминален пат…

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

ФРАНЦУСКИ КИНО КЛУБ

20 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 Ч.

ПУЛЕН 

(Le poulain / We Need Your Vote)

Игран филм, Франција

2018, 97 мин., колор, ДЦП

Режија: Матје Сапан (Mathieu Sapin)

Сценарио: Матје Сапан, Ное Дебре (Mathieu Sapin, Noé Debré)

Улоги: Александра Лами, Финеган Олдфилд, Жил Коен (Alexandra Lamy, Finnegan Oldfield, Gilles Cohen)

 

Арно, 25-годишно момче, влегува во предизборниот тим на Преноа, кандидатот на претседателските избори во Франција, како помошник на директорот за комуникации. Додека ги открива техниките, сложеноста и ривалството на изборната кампања, тој ќе се почувствува фасциниран од овој свет на политички маркетинг, како и од неговата атрактивна директорка, Ањес Караџиќ…

Ањес иницира тактика на кампања без задршка, а Арно од страна ги набудува судирите и ривалствата меѓу членовите на тимот. Тактиката на Арно, пак, иако изгледа по малку наивна, сепак, го искачува до стратешки важна позиција во предизборниот тим.

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез  

 

21 НОЕМВРИ (САБОТА), 18:00 Ч.

23 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 Ч.

24 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 Ч.

ГЛОРИЈА МУНДИ

(Gloria Mundi)

Игран филм, Франција / Италија

2019, 110 мин., колор, ДЦП

Режија: Робер Гедигијан (Robert Guédiguian)

Сценарио: Робер Гедигијан, Серж Валети (Robert Guédiguian, Serge Valletti)

Улоги: Аријан Аскарид, Жан-Пјер Дарусан, Жерар Мејлан, Ане Демустје (Ariane Ascaride, Jean-Pierre Darroussin, Gérard Meylan, Anaïs Demoustier )

 

По излегувањето од затвор, Даниел се враќа во куќата во Марсеј, каде што неговата ќерка Матилда штотуку се породила. Матилда работи скратено работно време во локалната продавница, а нејзиниот маж Никола е таксист: секојдневно се борат да ја пребродат сиромаштијата.

Нивната социјална положба станува дури и полоша откако Никола ќе биде нападнат од други таксисти-соперници. На сцената стапува Даниел, барајќи ја правдата и подобриот живот за неговото семејство…

Фестивали: 2019 Венеција, 2019 Чикаго, 2019 Севилја

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

23 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 Ч.

24 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 Ч.

ЛИЧНАТА ИСТОРИЈА НА ДЕЈВИД КОПЕРФИЛД

(Personal History of David Copperfield)

Игран филм, Велика Британија / САД

2019, 120 мин., колор, ДЦП

Режија: Армандо Јанучи (Armando Iannucci)

Сценарио: Сајмон Блеквел (Simon Blackwell)

Улоги: Дев Пател, Хју Лори, Тилда Свинтон (Dev Patel, Hugh Laurie, Tilda Swinton)

 

ЛИЧНАТА ИСТОРИЈА НА ДЕЈВИД КОПЕРФИЛД на шкотскиот режисер Армандо Јанучи.Филмот преставува адаптација на еден од најомилените ликови на Чарлс Дикенс. Дејствието на филмот е сместено во викторијанскиот период (19 век) и го следи Дејвид Коперфилд од неговата рана младост до средното доба.

Младиот Дејвид Коперфилд  е сведок на социјалната неправда, која е изразена во многу форми – недостаток на заштита на децата, лоши услови за работа на работничката класа и сиромаштијата. Сепак, кај Коперфил се раѓа талентот за раскажување и пишување, па неговото одраснување, иако во трагични услови, сепак не е лишено од хуманоста.

Ликот на Дејвид Коперфилд го игра индискиот актер Дев Пател, нова филмска ѕвезда во подем. Јанучи во филмот ги обединил и Тилда Свинтон, Питер Капалди и Бен Вишов, но и Хју Лори, омилениот лик доктор Хаус од истоимената мегапопуларна ТВ серија. Според критиката се работи за една од најдобрите екранизации на делото на Дикенс на големото платно кои се видени досега.

ЛИЧНАТА ИСТОРИЈА НА ДЕЈВИД КОПЕРФИЛД  го отвори 63 Лондонски филмски фестивал БФИ.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

25 НОЕМВРИ (СРЕДА), 18:00 Ч.

26 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 Ч.

СЕ ЗА МЕНЕ

(Der Junge muss an die frische Luft / All about me)

Игран филм, Германија

2018, 100 мин., колор, ДЦП

Режија: Каролин Линк (Caroline Link)

Сценарио: Рут Тома (Ruth Toma)

Улоги: Луиз Хејер, Диана Амфт, Зонке Меринг (Luise Heyer, Diana Amft, Sönke Möhring)

 

СЕ ЗА МЕНЕ е филмувана автобиографска сторија за еден од најсаканите комичари Ханс-Петер „Хапе“ Керкелинг, наменета за публиката од сите возрасти кои ја сакаат смеата.

Филмот го прати деветгодишниот Ханс-Петер (подоцна „Хапе“, според првите слогови од неговите имиња) и неговото безгрижно детство во среќно семејство напочетокот на седумдесеттите години од минатиот век. „Хапе“ можеби не е најпопуралното момче во неговата средина, но тоа има талент да ги насмее сите, а тоа најчесто го употребува во дуќанот на баба му.

Среќното и забавно момче се соочува со болеста и депресијата на мајка му. Татко му постојано работи, и „Хапе“ е главно во друштвото на двете баби и постариот брат. Тие му помагаат на „Хапе“ да ги препроди емоционалните тешкотии. Користејќи го талентот за комика и засмејувајќи ги луѓето, „Хапе“ ги лечи раните на неговото детство…

Филмот освоил 3 национални германски филмски награди и беше еден од најгледаните филмови во германските киносали.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

25 НОЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 Ч.

26 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 Ч.

РАЗВРСКА

(Lysis / Down the River)

Игран филм, Германија

2018, 98 мин., колор, ДЦП

Режија: Рик Остерман (Rick Ostermann)

Сценарио: Рик Остерман (Rick Ostermann)

Улоги: Луис Хофман, Оливер Масучи (Louis Hofmann, Oliver Masucci)

 

Татко и син, отуѓени еден од друг, тргнуваат на едно диво патување. Патувањето се претвора во авантура во која и двајцата мажи треба да се справат со минатото и сегашноста на другиот. Главните ликови во филмот треба да се справат со прашањето – како да се победи отуѓеноста?

РАЗВРСКА е адреналинска трилер-драма снимена во диви планински предели. Филмот е целосно снимен со три GoPro камери прикачени на двајцата главни актери, и практично се „вткаени“ во драматургијата на филмот. Филмот на Рик Остерман (инаку искусен телевизиски автор), беше дел од натпреварувачката програма на дебитантски филмови на Интернационалниот филмски фестивал „Црни ноќи“ во Талин.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

 

 

 

Leave a comment